Македонија
Воведена нова метода, магнетна резонанца за утврдување аномалии кај фетусите
Нова метода – преглед на фетус со магнетна резонанца е воведена на Универзитетската клиника за радиологија. Станува збор за специфична метода која дава многу позитивни резултати во детекција на аномалии на плодот.
Директорката на Клиниката, Надица Митреска, денеска на прес-конференција рече дека прегледот го овозможува новата апаратура со која располага таа јавна здравствена установа, како и новиот проект на Министерството за здравство кој овозможува едукација на врвни кадри специјалистички во странство.„Магнетната резонанција на фетусот е ефективна, сензитивна, специфична метода која дава многу позитивни резултати во детекција и откривање аномалии на плодот кои може да бидат аномалии на мозокот, на ‘рбетниот столб, лице, врат, градниот кош, органите на градниот кош и на абдоменот, како што се цисти, тумори на абдоменот и на малата карлица, промени на бубрезите, на плацентата“, посочи Митреска.Појасни дека нивната работа е тесно поврзана со специјалистите на гинекологија и акушерство бидејќи тие ги регрутираат пациентите, односно бремените жени за преглед на Клиниката за радиологија. Секогаш кога постои сомнение за вродена аномалија на плодот, нагласи Митреска, тие го детектираат сомнението со ултразвучен преглед и доколку тој не дава доволно јасен резултат, односно укажува на постоење аномалија, нашата метода на магнетна резонанција е таа што го детектира и го дооформува мислењето за постоење или непостоење проблем.„Тоа е многу важно за да се знае каков ќе биде третманот на бременоста, дали ќе продолжи, дали ќе се третира плодот или во случај на постоење витално загрозувачка аномалија, треба бременоста да се заврши. Оваа метода е неинвазивна, не постојат контраиндикации во однос на плодот и мајката. Визуелизацијата на промените и сензитивноста се многу поголеми отколку со ултразвучниот преглед“, истакна Митреска и додаде дека во меѓувреме имале 15 вакви случаи кои биле регрутирани од Клиниката за гинекологија и акушерство, од кои кај шест поставиле конкретна дијагноза, а останатите биле уредни.Директорката на Клиниката рече дека преглед на фетус со магнетна резонанција не постои сè уште во системот на прегледи на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и оти во многу блиска иднина ќе го воведат.„Досега сите случаи беа примени како приоритетни и не беа на листата на чекање на „Мој термин“ бидејќи тоа е тесно поврзано со планот и третманот на бремената жена“, додаде Митреска./крај/миа
Извор: МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, дел од улица Коце Металец и Филип Филиповиќ (од улица Рударска до Трафиките за храна пред паркингот), без струја ќе останат и зградите на два Баќа градители и зградата на Ул.Коце Металец Бр2 (општина Гази Баба)
– во период од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците на ул.Струшка (општина Карпош).
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд и слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до крајот на неделата, следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни.

