Македонија
СПЦ: Посетата на Иларион за регулирање на канонскиот статус на Црквите и ослободување на Вранишкоски
Српската православна црква (СПЦ) изразува длабока благодарност до Руската православна црква (РПЦ) за вложениот труд за црковно единство, како и за ослободувањето на владиката на таканаречената Православна охридска архиепископија (ПОА), Јован Вранишковски чија црква не е призната во Македонија.
Во соопштението објавено на веб страницата на СПЦ се вели дека посетата на Митрополитот волоколамски на РПЦ, Иларион била поради регулирање на канонскиот статус на Црквите и пуштањето на слобода на Вранишковски.„Разговорите кои ги водеше во Скопје Високопреосвештениот митрополит Иларион, беа раководени од грижата за единство на Црквите, нејзината благодатна мисија и спасување на крстените души во БЈР Македонија, а влијаат и на перспективата на регулирање на канонскиот статус на Црквите на тоа подрачје и безусловно конечно пуштање на слобода на Архиеписокот охридски и Митрополитот скопски Јован, осуден на тешка робија во монтиран политички процес“, се вели во соопштението.СПЦ изразува благодарност до сестринската црква за нејзините напори.„Српската православна црква изразува длабока благодарност на сестринската Руската православна црква, неговата Светост Патријархот московски Кирил и негвото Високопреосвештенство Митрополитот волоколамски Иларион на братската љубов и соработка, како и на вложениот голем труд и напор во служба на канонскиот поредок и црквеното единство, како и ослободување на Блажениот архиепископ Јован, на правдата на Бога заробен и подложен на суровиот темен режим и покрај нарушеното здравје“ пишува во соопштението.Рускиот митрополит волоколамски Иларион на 19-ти и 20-ти декември беше во посета на Македонија, каде се сретна со расчинетиот владика Јован Вранишковски, а заедно со рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак се сретна со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и министерот за надворешни работи, Никола Поповски. На крајот на посетата Иларион разговараше со поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г. г. Стефан. По посетата МПЦ побара од власта милост за затворениот владика Јован од ПОА, заради повисоки цели.Посетата на рускиот митрополит, според соопштението на СПЦ, била реализирана врз основа на Меморандум којшто го потпишале српскиот Патријарх Иринеј и московскиот Патријарх Кирил на 15 ноември. Вранишковски е осуден на три години затвор, а неговите приврзаници добија условни казни за перење пари преку здружението „Анастасија“. Тој претходно е осуден за затајување на 250.000 евра од МПЦ, а актуелното обвинение го сомничи дека парите ги делел на свои приврзаници, кои ги донирале во здружението, а потоа купувале имоти./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

