Економија
Markit: Заздравувањето во еврозоната зема залет

Активностите во приватниот сектор во еврозоната забележале во август најголем скок во повеќе од последните две години, извести во четвртокот во првичната процена реномираниот лондонски институт Markit, истакнувајќи дека рабните земји членки на зоната според сé судејќи бележат долгоочекувано заздравување.
Индексот PMI за приватниот сектор во еврозоната скокнал во август на 51,7 поени, што претставува негова највисока вредност во последните 26 месеци, објавија од Markit. Во јули тој изнесуваше 50,5 поени. Со тоа, показателот на активностите во приватниот сектор во еврозоната расте веќе петти месец по ред, при што вредноста над 50 поени сигнализира раст на активностите, а под неа – пад. Августовскиот резултат покажува дека активностите растат втор месец со ред.
„Економското заздравување во еврозоната забрзало во август, при што компаниите во индустрискиот и во услужниот сектор известија за најсилно темпо на растот во нешто повеќе од две години“, констатира во соопштението главниот економист на Markit, Крис Вилијамсон.
Новите порачки само незначително пораснале, но нивниот раст укажува на подобрување на побарувачката на стоки и услуги, и тоа првпат од јули 2011 година, истакнуваат од Markit.
Меѓу најголемите економии, Германија забележала најголем раст во приватниот сектор од првиот месец годинава, благодарејќи на скокот на новите порачки. Притоа активностите во индустријата скокнале на највисоко ниво во малку повеќе од две години, додека секторот на услуги го забележува најголемиот раст во последните шест месеци. Во втората според обемот економија во еврозоната – Франција, активностите во август повторно се намалиле, и тоа со нешто побрзо темпо отколку во јули. Остатокот од еврозоната забележал раст на активностите, и тоа првпат од мај 2011 година, и во производствениот и во услужниот сектор.
„Засега третиот квартал во еврозоната се покажува најдобар кога станува збор за растот на деловните активности од пролетта 2011 година “, истакнува Вилијамсон.
Растот го предводи Германија, додека способноста на Франција повторно да остварува одржлив раст претставува голема непозната, истакнува главниот економист на Markit. „Од остатокот на еврозоната , повторно пристигнаа подобро податоци, што наведува на заклучокот дека на периферните делови, според сé судејќи се случува долгоочекуваното заздравување“, истакнува.
Одвоено во средата британската банка HSBC во својата прелиминарна процена пресмета дека активностите во кинеската индустрија пораснале во август првпат во последните четири месеци. Индексот изнесувал 50,1 поен, во однос на 47,7 поени колку што изнесувал во јули. Со тоа показателот на HSBC се приближи на официјалниот кој го изработува кинеската статистичка агенција, а во јули изнесуваше 50,3 отсто. Кина официјалниот показател ќе го објави на 1-ви септември, а HSBC конечната вредност на овој индекс за август ќе го објави ден потоа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 177.533.000 денари кон 1.636 лица за предадени јагне и јаре

Денеска се исплатија 177.533.000 денари кон 1.636 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за развојот на сточарството во Македонија.
Реализирана е исплата на дополнителни директни плаќања од подмерки 2.8 и 2.10 за предадено јагне и/или јаре од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства одгледувачи на овци и кози и се корисници од подмерка 2.8 и 2.10 кои имаат предадено јагне и/или јаре во регистриран кланичен капацитет во период од 26 декември 2023 година до 25 декември 2024 година.
Економија
Николоски потпиша договор за грант-средства со Европската банка за обнова во висина од 350 илјaди евра

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски го потпиша Договорот за грант средства со Европската банка за обнова и развој во висина од 350 илјaди евра наменети за техничка помош за изработка на Национална стратегија за полнење електрични возила и инфраструктура, извести Министерството за транспорт.
„Националната стратегија за полнење на електрични возила и инфраструктура, прва од овој вид во Македонија, ќе овозможи стратешки пристап кон развојот на патната инфраструктура за поддршка на воведувањето на електрични возила во патната мрежа.
Во овој момент во тек е постапката за избор на Консултант (се очекува крај на јули, почеток на август да се избере) кој ќе има задача во две фази да креира:
Подготовка на Стратегија за електрични возила; Акциски план со приоритетни активности и рокови кои треба да бидат одобрени од Владата, преку Министерството за транспорт и Европската банка за обнова и развој.
Покрај Консултанот, во изработката на Статегијата и Акцискиот план ќе бидат вклучени домашни и меѓународни експерти од области на експертиза за електрични возила, енергетската ефикасност, транспортот и екологијата“, се додава во соопштението.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,35 п.п., при што во мај таа изнесува 2,21%, извести Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,43 п.п. и изнесува 5,06%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска.