Култура
Промоција на „Нож и пердув“ на Димитри Соле Љубин

Новиот роман на Димитри Соле Љубин „Нож и пердув“ во издание на издавачката куќа Антолог, ќе биде промовиран во четврток во киното Фросина
Кон делото со критички осврт ќе се појават проф. Лилјана Узуновиќ, м-р Мирјана Недева, и проф. Весна Апасиева.На промоцијата, ќе настапи и Шерафедин Куртов, кој ќе музицира на дванаесетжична гитара.Димитри Соле Љубин е роден во Велес, средно образование стекнал во Велес, а моментално ги завршува студиите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, група – Италијански јазик и книжевност .Објавувал стихови во студентски и младински периодични списанија во Скопје и Велес. Учествувал на „Рацинови средби “ како и на повеќе културни манифестации. Во 2004 год. ја објавува својата прва збирка поезија „Соларни симболи“.За романот „Нож и пердув“, критиката ќе рече : „ Јас на прсти влегов и на прсти , со жалење излегов од тој свет. Но нешто од него, чисто, топло и мило , остана во мене. Нешто нежно , што можеби сите сме го имале со дваесет и некоја. Пред да се расипеме“, Лилјана Узуновиќ.„Љубовта во овој роман „вреска“ од секоја негова страница, изразена онака искрено, гола, без маски и опачини, без стравови и усилувања, во сите нејзини форми. Родителска, братска ( побратимска), страсна ,блудна“,Весна Апасиева. „Ако ножот се разгледува како симбол на заштита и одмазда ( одбрана ), како значаен симбол на соларната и лунарната симболика ( стар Египет), како симбол на слободата и моќта ( американска традиција), и како фалусен симбол ( Фројд), се добива впечаток дека ножот ( или оној којшто го поседува ножот) , на некој начин ќе ја поседува и моќта. Но , од друга страна пердувот, кој го следи ножот во овој случај и кој со својата противтежа не може да се мери со него, може да стане посилно оружје“, Мирјана Недева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на Ансамблот „Орце Николов“ на Скопско лето

Вечерва, 07.07.2025г. (понеделник) со почеток во 20:30 часот на Колонадата пред платото на Национална опера и балет ќе се одржи концерт на Ансамблот на народни песни и игри „Орце Николов“.
Концертот е насловен „Оро Орце“ по повод 80 години постоење на Ансамблот.
Влезот е слободен.
Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“, е културно-уметничко друштво основано во Скопје, 1945 година. Формирано е од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје, со задача да ги афирмира македонските народни ора, песни, носии и обичаи.
Култура
Македонската анимација стигна до Уругвај: „Јон Вардар против галаксијата“ на фестивал во Монтевидео

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е официјално селектиран на 11. издание на Светскиот филмски фестивал во Монтевидео, кој ќе се одржи од 7 до 9 јули во главниот град на Уругвај. По Бразил, Аргентина, Еквадор и Венецуела, ова е петта држава од Латинска Америка каде што филмот ќе биде прикажан.
Во режија на Гоце Цветановски, „Јон Вардар против Галаксијата“ е научно-фантастична комедија која веќе ја освои публиката на бројни светски фестивали, комбинирајќи остар хумор и различни стилови на анимација за да ја раскаже неверојатната авантура на еден антихерој низ вселената.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.