Економија
ММФ: Македонија може да оствари раст од два отсто, но постојат ризици

Умерен економски раст од два отсто во 2013 година се уште е остварлив за македонската економија, но е предмет на значителни проблематични ризици, со оглед дека надворешната средина останува тешка.
Ова во вторникот во Скопје го изјави Ивана Владкова Холар, шеф на тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што во изминатите две недели спроведе мониторинг на македонската економија.Политиката на конзервативни фискални, монетарни и финансиски политики им овозможи простор на македонските власти во политиките за соочување со ефектите од прелевањето на глобалната криза“, изјави Владкова Холар на заедничката прес конференција со министерот за финансии Зоран Ставрески.„Македонија избегна голем пад во производството и проблематичен одлив на капитал и е добро позиционирана да се врати кон растот кога ќе дојде до заздравување на ситуацијата во Европа“, рече шефот на тимот на ММФ.Таа оцени дека планираниот дефицит на владата од 3,5 отсто како и тековната монетарна политика се соодветни на актуелните состојби.Владкова Холар и советуваше на Македонија како што ќе се враќа растот на економијата постепено да го намалува нивото на долгот со цел да создаде простор за идни контрациклични одговори.ММФ смета дека властите треба повторно да воспостават среднорочна фискална стратегија и стратегија за управување со долгот во креирање на буџетскиот процес за 2014 година, што би ја зголемило транспарентноста и би претставувало рамка за приоритетните трошоци.Тимот на ММФ оцени дека македонските власти направиле добар напредок во продолжување на роковите за доспевање на внатрешниот долг.„Банките се финансираат главно од депозити на резидентите и не зависат од надворешно финансирање на големо. Потребите на јавниот сектор за надворешно финансирање за 2013 година се исполнети, а нивото на девизни резерви се соодветни. Сепак, надворешното опкружување останува непостојано така што властите треба да останат будни и да реагираат на стресоците со ниска веројатност, но со големо влијание врз довербата“, рече Владкова Холар.Министерот Ставрески рече дека постојат изгледи Македонија да го оствари проектираниот раст од два отсто, додавајќи дека тоа пред се би се базирало на солидното остварување на компаниите што работат во слободните економски зони и на јавните инвестиции во неколку клучни области, пред се во патната инфраструктура „Вкупната оценка е дека нашата позиција во однос на долгот и буџетскиот дефицит е адекватна на времето во кое што работиме и дека Македонија има добри изгледи штом се стабилизираат условите во Европа да оствари заздравување на економскиот раст и да се врати на патеката на повисоки стапки на економски раст“, истакна Ставрески.Тој рече дека состојбите во европската економија се сеуште чувствителни и во голем дел остварувањата на македонската економија ќе зависат од она што ќе се случува во европската економија.„За нас е охрабрувачки тоа што заклучоците на мисијата на ММФ покажуваат дека Македонија е земја со стабилна економија и солидни макроекономски перформанси во едно тешко опкружување“, изјави Ставрески.Наведувајќи дека расчистувањето на заостанатите долгови кон приватниот сектор придонесе за потребната ликвидност на компаниите, Ставрески вети дека владата во иднина нема да има одложени обврски кон фирмите. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески на средби со ММФ: Мерките на Народната банка придонесуваат за постепено намалување на инфлацијата и задржување на финансиската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ. На средбите присуствуваше и министерската за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик, заменик-директорите Марникс ван Рај и Владислав Рашкован и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.
На средбите, високите претставници на ММФ го поздравија приклучувањето и реализацијата на првите трансакции во СЕПА, како и потпишувањето на Писмото на намери со Банката на Италија за развивање на клон на ТИПС системот на ЕЦБ за земјите од Западен Балкан за натамошна модернизација и овозможување инстант плаќања во домашните, меѓусебните прекугранични плаќања и плаќањата со другите земји во СЕПА.
На средбите се разговараше за најновите макроекономски случувања во земјата, како и за очекувањата за идните движења. Славески истакна дека Народната банка е цврсто посветена на одржувањето на ценовната стабилност, за што се осврна на мерките преземени од страна на централната банка во насока на остварувањето на оваа цел. Дополнително, гувернерот ги образложи новите макропрудентни мерки донесени од страна на Народната банка насочени кон понатамошно одржување на финансиската стабилност.
Претставниците на ММФ посочија дека прудентната монетарна политика што ја спроведува Народната банка придонесува за ефективно управување со ризиците и постепено намалување на инфлацијата, при што создава услови за стабилен економски раст, што се потврдува и со најновите проекции на ММФ за македонската економија, со очекуван растот годинава од 3,4%, а за следните години одржување на нивото околу 3%. Истовремено, инфлацијата се очекува во континуитет да продолжи да забавува и да се сведе на историското ниво од околу 2% на среден рок.
Во разговорите беше потврдена и континуираната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ. Во изминатиот период, преку техничките мисии на ММФ беа реализирани повеќе активности за модернизација на монетарните операции, подобрување на проекциите за ликвидноста на банкарскиот систем и зајакнување на супервизорските капацитети на Народната банка. Со тоа се зголеми ефикасноста и предвидливоста во спроведувањето на монетарната политика, како и отпорноста на банкарскиот систем на потенцијални ризици. Соработката со ММФ ќе продолжи и во наредниот период, со цел понатамошно усогласување со меѓународните стандарди и унапредување на аналитичките и оперативните капацитети на Народната банка.
Економија
Ѓорѓиевски: Регионалниот пристап за земјите од Западен Балкан е можност за раст на економиите и подобро позиционирање на европскиот пазар

Делегација на Сојузот на стопански комори на Македонија учествуваше на дводневната престижна конференција во Будва, Република Црна Гора организирана по 14 пат од страна на Стопанската комора на Црна Гора. Во рамките на конференциите ЕЕN – IFNNO на која покрај презентациите за европските проекти се остварија значајни контакти на групацијата за проекти при ССКМ со потенцијалните партнери и донатори од Европската Унија за идна соработка.
На маргините од првиот ден претседателот на ССКМ , Горан Ѓорѓиевски со делегацијата оствари средба со министерот за земјоделство, шумарство и води на Црна Гора, Владимир Јоковиќ. На средбата се потврди подготвеноста за соработка во aгро сегментот, заедничка соработка и споделување на искуства во развојот на руралниот туризам како неискористен потенцијал на двете земји. Се искажа подготвеност за заедничка соработка во аплицирањето на европските проекти како и соработката во споделување на искуства од страна на ССКМ со министерството за земјоделиe, шумарство и водостопанство на Република Црна Гора.
Претседателот на ССКМ Ѓорѓиевски истакна дека идниот период потребно е двете земји да се фокусираат за зголемување на меѓусебната економска размена, развој на aгро сегментот, фокус на aгро и екотуризмот кој ќе доведе до успорување на миграцијата и намалување на притисокот во делот на човечките ресурси.
Покрај излагањето на врвни експерти за економија на конференцијата кои ги трасира идните чекори кон раст на регионот, на маргините од вториот ден Ѓорѓиевски оствари средба со претседателката на стопанската комора на Црна Гора, Нина Дракиќ, на која се предложија поголем број од иницијативи за развој на човечките ресурси како клучен елемент на идниот развој на бизнисите на двете земји, организирање на В2В состаноци во најзначајните економски сектори на двете земји, заеднички настап на европски проекти како и зајакнување на регионалниот пристап како клуч на успехот за економии на двете земји.
Ѓорѓиевски на средбата истакна дека во периодот пред нас потребно е да се изградат уште поцврсти мостови на соработка помеѓу двете бизнис комори во повеќе економски гранки од кои во следните години се очекува најзначаен удел во Бруто домашниот производ на Република Македонија и Република Црна Гора.
Економија
Електродистрибуција ја зајакнува нисконапонската мрежа со инвестиции над 10 милиони евра

Екипите на Електродистрибуција, во првите 6 месеци од 2025 година, успешно реализираа повеќе инфраструктурни проекти насочени кон модернизација и подобрување на нисконапонската мрежа.
Главниот фокус на овие активности е зголемување на стабилноста на системот, намалување на загубите и воведување современи решенија во управувањето со дистрибутивната мрежа.
Во рамки на проектите беа поставени 135 километри нова нисконапонска мрежа, заменети старите столбови и проводници, како и инсталирани нови далечински уреди за мерење на нови локации.
Вкупната вредност на инвестициите за овој период изнесува 10,4 милиони евра, додека дополнителни 2 милиони евра се планирани до крајот на 2025 година. Со овие инвестиции, Електродистрибуција ја зајакнува дистрибутивната мрежа и поставува уште постабилна основа за понатамоштен развој на енергетскиот систем.
ПР