Македонија
Поплавени куќи во Новаци

Поставен е монтажен мост на местото каде што во средата беше пресечен патот, па денеска може да се премине на другата страна и да се стигне до Новаци и РЕК Битола преку него.
Во Новаци поплавени се десет куќи, од кои една е целосно е уништена, јавува битолската телевизија Тера.Семејството Мицевски остана без дом и привремено е сместено во салата на општината.„Немаме куќа, покуќнина, ни остана само душата“, вели Станко Мицевски.Жителите на ова село, цела ноќ ја испумпувале водата од своите куќи, а токму пумпи најмногу им биле потребни. Денес и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески им вети дека ќе им донесат пумпи со голем капацитет за да ја исфрлат водата.Освен пумпи на жителите им треба и вода за пиење. Денешната состојба се оценува како постабилна од вчера, а граѓаните се подготвуваат за најавените утрешни врнежи од дожд./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Нашата посветеност кон евроинтеграциите ќе се засили во периодот што следува

Присуството на претседателот на Европскиот совет, господинот Кошта, не е само потврда на нашата длабока дипломатската соработка, туку и реален чин на внимание, поддршка и интерес за иднината на нашата држава и за иднината на Западен Балкан набргу да биде дел од Европската Унија. Во оваа нова етапа, кога граѓаните ѝ ја препуштија одговорноста на новата македонска Влада, моја обврска како премиер е да зборувам отворено, искрено и достоинствено. Тоа го правам првенствено затоа што имам должност кон народот, но и кон самата европска идеја, што толку упорно настојуваме да ја реализираме, истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Нашата посветеност во процесот на евроинтеграциите ќе остане и ќе се засили во периодот што следува затоа што веруваме дека иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство.
Претседателот Кошта во својот говор пред малку рече дека патот до полноправно членство во рамките на Европската Унија е фрустрирачки, тежок и предизвикувачки, но ние како граѓани, како народ, можеме да кажеме дека со години го одиме најтешкиот пат.
Факт е дека тој пат го одеа и другите народи, кои сега се дел од европското семејство, но граѓаните на оваа, една од најмалубројните земји во срцето на Балканот и во Европа, го одеа и го одат најтешкиот пат, ако може да се каже дека го одат, бидејќи се наоѓаме на истото место каде што бевме и пред 20 години“, рече Мицкоски.
Изрази надеж дека во периодот што следува заеднички ќе го деблокираат тој процес, достоинствено, како што рече, бидејќи една од суштинските европски вредности е токму достоинството.
„И достоинствено ќе бидеме дел од европското семејство. Јас сум убеден дека имаме вредности, имаме капацитет, имаме знаење и знаеме како да го изодиме тој пат на најбрз начин, а со помошта што лично ја дава претседателот Кошта и поддршката и помошта што ги имаме и од Европската комисија и од земјите членки сигурен сум дека ќе направиме квалитетни реформи и реформи што ќе обезбедат европска иднина за нашата држава и за нашите граѓани“, додаде премиерот.
Македонија
Меџити: Во Чаир почнува реализација на мегапроект вреден речиси 1,5 милион евра

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, присуствуваше на започнување на градежните работи за реконструкција на водоводниот и канализацискиот систем во населбата Дижонска, општина Чаир, во вредност од 88 милиони денари владин грант.
Меџити пред присутните жители истакна дека со реализацијата на овој, како што рече, мега-проект вреден речиси 1,5 милиони евра, ќе се изврши реконструкција на водоводната, канализациската и атмосферската мрежа на улиците 15 и 17, проект што ќе поврзе 16 улици во населбата Дижонска со нов водовод и канализација.
„Само со овој повик минатата година, Чаир доби близу 3 милиони евра од Владата, додека над 8 милиони евра во проекти беа добиени на почетокот на оваа година, што значи дека за 10 месеци владеење, доделивме над 11 милиони евра грантови за Општина Чаир, од 0 денари доделени од претходната Влада во 2022, 2023 и првата половина од 2024 година, сè до падот на корумпираната Влада со функционери на американската црна листа’’, изјави Меџити.
Меџити истакна дека Владата инвестира во сите општини и ги завршува работите кои требало да бидат завршени многу порано, а како пример ја зеде општина Чаир за која според него, имало 3 годишна блокада.
Македонија
Лимани: Нашата визија е општество во кое секое дете има можност да расте во сигурна, грижлива и поттикнувачка средина

По повод 15 Мај Меѓународниот ден на семејството, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија Фатих Улусој, испратија пораки до јавноста.
„Денес, по повод Меѓународниот ден на семејството, заедно со амбасадорот на Турција, ги реафирмираме нашите долгогодишни пријателски односи и нашата заедничка посветеност кон унапредување на семејството како основна вредност и столб на општеството.
Семејството претставува извор на стабилност, љубов и солидарност, и затоа нашата соработка се фокусира на креирање политики што ќе го поддржат неговото јакнење – преку социјални услуги, поддршка за младите генерации и развој на инклузивни и одржливи мерки.
Како институција, нашата основна задача е да обезбедиме поддршка за сите форми на семејства и да ги задоволиме нивните различни потреби“.
Во таа насока, нагласи Лимани, министерството активно спроведува низа значајни иницијативи со цел унапредување на заштитата на децата и поддршката на семејствата.
Меѓу нив како што истакна се: Имплементација на Европската детска гаранција, со акцент на еднаков пристап до основни услуги за најранливите деца. Промоција на позитивно родителство, преку обуки, ресурси и поддршка за родителите. Развој на систем за рана интервенција, насочен кон навремено препознавање и поддршка на деца со потешкотии во развојот. Изработка на Национален акциски план за правата на децата (2025–2029), како стратешки документ за унапредување на детските права. Законски измени за зајакнување на заштитата на децата, вклучувајќи формирање на специјализирано тело за следење на нивните права. Унапредување на системот за згрижување, со отворање на нови центри за поддршка на згрижувачките семејства. Изработка на нов Граѓански законик, со што ќе се унапредат семејноправните односи и ќе се приближиме до европските правни стандарди.
Веруваме, додаде Лимани дека преку стратешка соработка, размена на знаења и заедничка посветеност, можеме да создадеме инклузивна, праведна и одржлива заедница за сите.