Економија
ЕБОР со 11,15 млн. евра заем за македонската воздушна пловидба

Европската банка за Обнова и развој (ЕБОР) одобри заем од 11,15 милиони евра за провајдерот на услуги од воздухопловна навигација во Македонија (М-НАВ), заради модернизација и надградба на опремата за воздухопловна навигација на компанијата.
Проектот претставува прв кредит без државна гаранција одобрен од банката во транспортниот сектор на Македонија, кој е дел од инвестиционата програма на компанијата во вкупен износ од 16,75 милиони евра, наменет за хармонизација на воздухопловната навигација со Заедничкиот европски воздухопловен простор. Владите на Австрија и Франција обезбедуваат по 300.000 евра во кои се неповратни средства наменети за олеснување на имплементацијата на проектот и институционално зајакнување на М-НАВ и Агенцијата за цивилна воздушна пловидба.Сју Барет, Директор на транспортниот тим на ЕБОР, изјави: „Го поздравувам овој важен проект, бидејќи со него ќе се подобри безбедноста и ефикасноста на услугите од воздухопловна навигација во земјата. Освен надградбата на опремата, со него ќе се поддржи и институционалното јакнење на службите за воздушна пловидба, преку усогласување со европските стандарди. Ова е наш четврт проект во македонскиот воздухопловен сектор, што ги потврдува успешните релации кои ги изградивме во изминативе години.“ Николет Тагарински, Извршен директор на М-НАВ истакна: „Посветени сме на целите од Договорот за единствен европски воздухопловен простор. Со поддршка од ЕБОР, ќе ги имлементираме идните чекорите за обезбедување на високо квалитетни услуги во областан на воздухопловната навигација во нашата земја и ќе можеме безбедно и ефикасно да се справиме со зголемениот сообраќај кој се очекува во иднина. Првиот и најважен приоритет од сите проекти е безбедноста, која ќе се унапреди со набавката на најсовремената опрема.“ М-НАВ е провајдер на услуги во воздухопловната навигација во државна сопственост. Компанијата е формирана во 2009 година, со поддршка обезбедена во претходниот проект реализиран со банката. Таа е одговорна за воздухопловната навигација, контрола на летањето, служби за тревожење, аеронаутички информации, процедури за воздушниот простор и летовите, како и за метеоролошки и други услуги. Исто така, има одговорности во обезбедување услуги во воздухопловна навигација на летови во македонскиот воздушен простор, и услуги на терминалите на аеродромите во Скопје и Охрид.ЕБОР започна со инвестиции во македонската економија во 1993 година и досега има потпишано над 80 проекти со нето кумулативен обем од над 1,1 милијарда евра. Приближно 36 проценти од кумулативните обврски се во инфраструктурниот сектор, 28 проценти се во финансискиот сектор, 20 проценти во енергетскиот сектор и 16 проценти во индустријата, трговијата и агробизнисот. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.