Македонија
Владата прифатила неколку предлози од Универзитетите за Законот за високо образование

Владата и Министерството за образование прифатиле неколку предлози од Универзитетите коишто се однесуваат на предлог-законот за високо образование, по вчерашната дебата што се одржа во Собранието со дел од професорите.
Како што информираат од Министерството за образование прифатен бил предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за воведување на јавен регистар на автори на трудови објавени во меѓународни научни списанија кои се дел од базата “Web of science“.
– Прифатен е предлогот на Универзитетот “Гоце Делчев“ – Штип, кој се однесува на можноста за студентите да полагаат една половина од предметите во третата студиска година, независно од тоа дали го положиле или не го положиле првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година;
– Прифатен е предлогот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Државниот универзитет во Тетово, кој се однесува на промена на просекот за упис на високообразовните установи за образование на наставници од областа на спортот, од 4.00 на 3.00;
– Прифатен е предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за унапредување на административните капацитети на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, преку ангажман на дополнителен стручен кадар кој ќе работи во Одборот со полно работно време;
– Понатаму, во однос на студиите од втор циклус, односно постдипломските студии, на предлог на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје ќе можат да се акредитираат во траење од една или две години;
– Исто така, прифатен е и предлогот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола и Факултетот за општествени науки за студиските програми од областа на националната историја, лингвистика и уметностите, да не важат одредбите од законот во делот на усогласување на нивната содржина со содржината на исти или слични студиски програми на некој од првите 50 рангирани универзтети од соодветните области, согласно Шангајската листа, имајќи ја во предвид нивната национална специфика;
– Со новиот предлог закон за измена и дополнување на Законот за високото образование, на предлог на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Факултетот за општествени науки, ќе се регулира звањето – магистер на уметности;
Од Министерството ги охрабруваат сите кои имаат конструктивни предлози, но досега не се произнеле, да го сторат тоа во следниот период, затоа што можоста за дискусија и понатаму останува отворена.
Студентски Пленум, кој четири пати организираше протести против воедувањето на државен испит на Универзитетите не учествуваше на вчерашната дебата што најпрвин беше закажана во хотелот „Александар палас“, нарекувајќи ја фингирана дебата која го поставува прашањето за државен испит на штета на студентите.
И Професорскиот пленум не учествуваше на дебатата која од хотелот беше преместена во Собрание на барање на професорите со образложение дека таквата покана во Собрание нема смисла затоа што законот е веќе внесен во собраниска процедура и изгласан во неговата прва фаза. Тие се во целост против измените во Законот за високо образование онаков каков што помина во првата фаза./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потребно ли е Ромите да се иселат од Вардариште? – Шукова и Ангелов со спротивставени мислења

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска реагираше на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, според кого ромските семејства кои живеат во дивата населба во Вардариште треба да бидат дислоцирани, ако е потребно и силум.
„Изјавата на Ангелов е тешка и опасна навреда што го открива вистинското лице на оваа власт“, изјави Шукова.
Ангелов пак возврати дека неговиот став не е навреда, туку грижа за здравјето на граѓаните на Скопје. Тој обвини дека со останувањето на ромските семејства во Вардариште се продолжува со палењето кабли и друг токсичен отпад, што редовно предизвикува пожари и дополнително го загадува воздухот во главниот град.
„Не се согласувам ‘преживувањето’ на неколку десетина семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади скопјани кои секојдневно вдишуваат отрови. За мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните се на прво место“, изјави Ангелов.
Тој потсети и дека граѓански здруженија кои со години алармираат за загадувањето од дивата депонија Вардариште често се соочувале со вербални и физички напади од лица кои живеат во населбата.
Дебатата за тоа дали Ромите треба да се иселат од Вардариште или институциите да најдат друго системско решение останува отворена, но ставовите на Шукова и Ангелов јасно ја покажуваат длабоката поделба околу овој чувствителен проблем.
Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.