Македонија
Новинарите во вторник на протест за Кежаровски
Со листови хартија на кои пишува „Je suis Kezarovski“, по примерот на слоганот „Je suis Charlli“ кој е актуелен по нападите во парискиот сатиричен весник Charlli Hebdo, новинарите во петок го изразија револтот од одлуката на Апелациониот суд, со којашто на новинарот Томислав Кежаровски му ја намали казната затвор од четири и пол на две години затвор.
За во вторник во 12 часот најавија протест пред Апелациониот суд.„Единствената правична одлука ќе беше ослободителна пресуда, а не намалување на казната на две години. Со оваа одлука Апелација реши да направи политички калкулации. Место при одлучување за предметот да води сметка за тоа дека новинарот не направи ништо лошо, туку сакаше да ја открие злоупотребата на јавните институции, одлучи да го спаси образот на тие што направија погрешна процена дека затворање новинар во Македонија може лесно да помине“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селамни.Според него, со ова судот покажал дека му се смилува на Кежаровски, но новинарите не го прифаќаат тоа.„Ние не го прифаќаме тоа, бидејќи и еден ден казна за Кежаровски и за новинар претставува огромна штета за слободата на говорот и слободата на медиумите. Судот сака да нè обесхрабри критички да ја опсервираме работата на јавните институции. Доколку целта беше заплашување, ние не се исплашивме, туку сме сплотени и солидарни со нашиот колега“, додаде Селмани.Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, истакна дека Кежаровски успеал на јавноста да и пренесе дека државите институции од позиција на моќ правеле незаконитости во еден судски процес.„Што треба уште да се случи? Ве повикувам сите колеги, но и вас, граѓани, да ни се приклучите во борбата за слобода и слобода на говор која сите ја заслужуваме“, рече Чаусидис. /крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ние сме конструктивна опозиција, а не контролирана, рече Филипче прашан за поддршката на Законот за прекршоци
Ние сме конструктивна опозиција, но не сме контролирана опозиција, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во однос на поддршката на Законот за прекршоци.
Филипче појасни дека СДСМ никогаш не била против безбедноста во сообраќајот, но дека конкретниот закон содржи сериозни прашања кои не се регулирани.
„Нема да си дозволиме да поддржиме закон во кој што сериозни аспекти не се регулирани, а тоа е огромната база на податоци за што во законот не е укажано како ќе се контролира. Еве, седнаа на маса на лидерската средба, се договорија, ќе видиме што е договорот од тој пазар“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Во тој контекст, Филипче изјави дека СДСМ е за безбедност во сообраќајот, но и за безбедност на податоците што се прибираат преку системот „Сејф сити“.
„Во однос на системот „Сејф сити“, Законот за прекршоци, ние тој закон нема да го поддржиме. Ние не сме против безбедноста во сообраќајот. Доказ за тоа е што ние сме го почнале тој проект, меѓутоа не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира. Освен што сме за безбедност во сообраќајот, ние сме и за безбедност на податоците, кои што повторно власта ниту го коментира тој дел, ниту се обидува да го регулира“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Филипче со заканите „ќе видите“ ги обвинува сите освен Заев и кланот Дубаи, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче денес одржа прес-конференција како од лош таблоид од доцните 90ти години на 20 век: многу зборови, а нула факти. Список на наводни скандали без ниту еден документ, без пријава и без храброст да каже конкретно што, каде и како, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Секогаш истото сценарио: „следуваат бомби“, „имаме информации“, „чекаме институции“. Зборува за буџетска дупка, а го заборави периодот кога СДС ја празнеше касата, а државата ја задолжуваше без план и одговорност. Денес, кога некој конечно ги средува работите, тие глумат загрижени. Наместо одговор зошто СДС нема политика, нема визија и нема поддршка, тој нуди приказни за згради во Дубаи, патувања и измислени афери. На крајот, ниту збор за решенија и предлози. Ниту за плати, ниту за економија, ниту за иднина. Само уште еден прес за да се создаде врева и да се скрие фактот дека СДС денес нема што да му понуди на народот. ПР стратезите на СДС и денеска помеѓу две тезги во БиХ и Србија, копираат исти наративи за полесно да им е. Но, не ги разбираме СДС и Филипче што немаат капацитет да проценат дека некој упорно ги лизга во зона на целосна нерелевантност“, се наведува во реакцијата.
Македонија
Горан Ѓорѓиев е првиот Македонец регионален директор на Европскиот Центар за поддршка на светското извидништво
Горан Ѓорѓиев именуван за регионален директор на Европскиот Центар за поддршка на светското извидништво.
„Сојуз на извидници на Македонија со големо задоволство информира дека Горан Ѓорѓиев од Македонија е именуван за регионален директор на Европскиот центар за поддршка при Светската извидничка организација. Неговото назначување е по одлука на Генералниот секретар на Светската извидничка организација, донесена по конкурентен меѓународен процес на селекција со интерес од цела Европа и пошироко“, се наведува во соопштението.
Ѓорѓиев има повеќе од 15 години искуство во стратешко лидерство, организациски развој и младинска работа во извидништвот, на национално, регионално и глобално ниво.
Од 2019 година, тој работи во Светското извидничко биро, каде што извршуваше повеќе високи раководни функции, последно како Директор за стратешка координација и организациски развој за Европа, обезбедувајќи поддршка за 47 национални извиднички организации воЕвропскиот регион.
Горан своите основи во извидништвото ги добива во својот одред Извиднички Одред Гоце Делчев од Свети Николе. А пред неговиот ангажман на светско ниво, осум години (2010-2018) Горан Ѓорѓиев ја извршуваше улогата на Генерален секретар на Сојуз на извидници на Македонија, каде што раководеше со извршната канцеларија и ги водеше организациските и програмските приоритети на извидништвото во земјата.
Во овој период, тој активно се вклучува во организација на бројни национални и меѓународни извиднички кампови, смотри, натпревари и обуки, како и во едукација и менторство на стотици млади извидници, водачи и волонтери низ целата држава. Покрај работата со млади на терен, Ѓорѓиев даде значаен придонес и во развојот на младински политики и граѓанско учество, меѓу кои и учеството во процесите за креирање и воспоставување на Националниот младински совет на Македонија.
Тој исто така работеше на развој и имплементација на програми за младинско лидерство, градење капацитети и меѓународна соработка.
За неговото именување, Дијана Слабу, актуелна претседателка на Европскиот извиднички комитет, истакнува: „Горан носи богато искуство во стратешко лидерство и организациски развој, заедно со длабоко разбирање на извидништвото на национално, регионално и глобално ниво. Со нетрпение очекуваме да работиме со него на следното поглавје од развојот на извидништвото во Европа.“
Новата функција Горан ја преземаа денес, при што ќе соработува тесно со Европскиот извиднички комитет и светското раководство на организацијата, со цел понатамошно зајакнување на поддршката за националните извиднички организации и зголемување на влијанието на извидништвото низ Европа.
„Именувањето на Горан Ѓорѓиев на оваа позиција претставува значајно меѓународно признание, имајќи предвид дека станува збор за висока раководна функција во една од најголемите и највлијателни младински организации во светот, со над 50 милиони членови глобално. Фактот што за првпат еден македонски кадар ја презема оваа улога е силна потврда за квалитетот, искуството и капацитетите што произлегуваат од македонското извидничко и младинско движење“, велат од Сојузот на извидници на Македонија.

