Култура
Скопје 2014
Се очекува поставувањето на Александар Велики
Се подготвува плоштадот Македонија во Скопје каде што ќе се гради фонтана врз која ќе стои споменикот на Александар Велики
Се очекува фонтаната да биде завршена за една година, но ќе биде пуштена во употреба без споменикот бидејќи тој ќе стаса подоцна.
Веќе се поставени два постамента за спомениците на Гоце Делчев и на Даме Груев, а наскоро ќе се стават и постаментите за двата лава на мостот Гоце Делчев.
На презентацијата на проектот беше прикажана визијата за Скопје 2014.
Според презентерите на проектот, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалниците Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ, Скопје треба да подлежи на естетски промени, и до 2014 г. да прерасне во вистинска современа метропола.
„Скопјани, по 90 години, конечно ќе можат да уживаат во новиот естетски обликуван градски плоштад “, истакна министерката Милевска, при што нагласи дека економската оправданост бил единствениот одлучувачки критериум во реализирањето на сите архитектонски проекти.
Презентерите сметаат дека со планираните објекти Скопје ќе стане град со препознатливи симболи, кои ќе го означат почетокот на новото битисување на градот.
„Не треба да чекаме да му се случи нов земјотрес на Скопје за повторно да го изградиме“, е ставот на Владимир Тодоровиќ, градоначалникот на општина Центар, каде што се планирани сите крупни зафати.
Според проектот Скопје 2014, центарот ќе го краси Портата на македонската независност, чија изведба ќе оди паралелно со изградбата на фонтаната. Ќе се постават мермерни изданија на Ченто, Цар Самоил, Јустинијан Први и бронзени споменици на Кирил и Методиј, Климент Охридски, паднатите борци од НОБ…
Сите згради на плоштадот ќе добијат нови фасади за да се вклопат во новиот стил.
Десно од стариот Офицерски дом што ќе се обнови се планира хотел, а лево до Вардар, ќе стои куќата на градоначалникот на Скопје и новата матична служба. Од другата страна на Вардар веќе се градат стариот театар и Музејот на македонската борба. На левата страна на брегот на Вардар ќе се наоѓаат повеќе зданија во кои ќе се сместат Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј. До нив ќе се гради објект на Агенцијата за електронски комуникации, зграда на МНР, како и на Јавното обвинителство и на Финансиската полиција.
Во проектот за изгледот на главниот град до 2014 г. е врбоена и црквата Св. Константин и Елена предвидена на централниот скопкси плоштадот.
Зградата на Собранието, пак, ќе се надградува со уште еден кат над кој ќе бидат поставени куполи, а пре законодавниот дом ќе биде поставен споменик на коњаник, претседателот на Куршевската Република од 1903 г. Никола Карев, а наспроти негов во паркот Жена-борец уште еден голем споменик. Реакции
И покрај тоа што авторите истакнуваат дека со урбанистичкото заокружување на централното градско подрачје, Скопје ќе доживее естетска преродба, сите предлози предизвикаа остри реакции од стручната јавност, која овие архитектонски решенија ги квалификуваше како несоодветни на времето и околината. Проектот Скопје 2014 е добар бидејќи го отсликува Скопје од 30-те години, со Музејот, Судот, Француското училиште, Француската банка, Стариот театар итн. Со ваков став излезе институтот Павел Шатев.
Архитектите проектот за Скопје не го сметаат како завршен акт само од аспект на местото на сместувањето на монументите, туку додаваат дека нема место за други објекти како што е Бурмали џамијата, која не беше вклучена во планот.
„Грев да нема споменик на Александар Македонски, грев, срамота е досега што не е направен, зошто? Да не им направиме иле на Грците? Тоа е класичен тип на некаква психологија не-свој, на не-своето“, рече архитектот Вангел Божиновски.
Поканетите архитекти, публицисти и професори на дебатата, споредувајќи го проектот Скопје 2014 со изградбата на Атина, сметаат дека тој ќе се одразува врз македонската култура.
„Станува, нели, Грција држава, Атина ја селат 5.000 души. Денеска е Атина милионски град за кој сите знаат дека има тежина, континуитет, историја во себе и тоа е супер. Зошто да не направиме така со Скопје кога имаме материјал колку што сакаме, со илјадници години“, рече Сашо Гигов, уметник.
„Дали треба да бидат такви споменици, сега мислам дека е илузорно да се разговара бидејќи кога се распишал конкурсот секој можел да каже дека не се согласува да биде оспоменичен тој и тој бидејќи нам не ни припаѓа“, истакна професорот Бранислав Саркањац.
На дебатата беше кажано дека временскиот рок до 2014 г. е реален за завршување на проектот, но тоа сепак ќе зависи најмногу од инвеститорите. Проектот беше поддржан и од 9 невладини организации на источна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

