Култура
Јафар Панахи се`уште зад решетки!
Режисерот Панахи, кој е поддржувач на иранското опозициско движење, беше уапсен во неговиот дом на 1 март, заедно со членови на неговото семејство.
Помина повеќе од еден месец откако познатиот ирански режисер Јафар Панахи исчезна, односно, како што подоцна се дозна, беше уапсен и е испрашуван од властите во Иран.Како што објави Фејсбук-групата за поддршка на Панахи, Free JAFAR PANAHI!, семејството на режисерот деновиве конечно добило дозвола да го посети во затворот.Како што пренесе иранското радио, Радио Фарда, повикувајќи се на изјави од семејството, Панахи изгедал добро и со добар дух, но изгубил многу од телесната тежина. Се`уште е испрашуван, од пред неколку денови бил префрлен во помала келија, а иследниците го испрашуваат повторувајќи му ги истите прашања, обидувајќи се да најдат парадокси во неговите одговори.Неговата сопруга, Тахере Саиди, му раскажала за поддршката што ја ужива, што го направило многу среќен. Но, како што објави Меѓународната кампања за човекови права во Иран на својата веб-страница, сопругата на Панахи стравува дека е можно Јафар да доживее срцев удар поради емотивниот стерс што го доживува и условите во келијата, кои му го стеснуваат просторот за движење.Групата за поддршка на Панахи, неодамна иницираше петиција за ослободување на Панахи, со која повика на масовна поддршка за Панахи од колку што е можно повеќе земји во светот, и ги повика да дадат поддршка за Панахи светски познатите филмски работници – режисери, актери и организатори на угледните филмски фестивали.Следниот чекор на групата е масовното прикажување на филм на Панахи кој ќе биде прикажуван во исто време на различни места во светот, закажано за 15 април.„Мислам дека можеме да го направиме тоа, да се обратиме до одделенијата за филм и медиуми во сите универзитети, да организираме прикажување на еден од неговите филмови. Меѓу нас има филмски студенти, научници, историчари на филмот, филмски критичари и предавачи. Ако организираме десет универзитети да го направат тоа, веќе сме го постигнале тоа што сме го замислиле. Ако сте во можност да напишете препорака до некој универзитет, да повикате пријател, да зборувате со некој ваш поранешен соученик или како и да е да помогнете тоа да се организира, ве молиме, направете го тоа. Го предлагаме датумот 15 април. Се надеваме дека до тогаш ќе биде ослободен и дека филмот што ќе го прикажеме ќе биде прослава на неговото прослава на неговото ослободување или прослава на слободата на говорот“, вели Алиреза Катами, еден од активистите за ослободување на Панахи.Јафар Панахи, роден во 1960 година во Мианех, Иран, е меѓународно почитуван ирански режисер и е еден од највлијателните филмски работници во иранскиот Нов бран. Почитуван е од филсмките теоретичари и критичари низ светот и е добитник на бројни награди, меѓу нив – Златниот лав на Венецискиот и Сребрената мечка на Берлинскиот филмски фестивал.Панахи е познат по неговите филмови кои го критикуваат општествто. Накусо беше уапсен и минатото лето, кога учествуваше во оддавањето помен на Неда Агха Солтан, Иранката која беше убиена за време на минатогодишните демонстрации, а во февруари му беше забрането да ја напушти земјата за да учествува на Берлинскиот филмски фестивал.Панахи е еден од многуте ирански уметници кои на минатогодишните претседателски избори застанаа зад опозицискиот кандидат Мир Хосеин Мусави, на кои победи Махмуд Ахмадинеџад, резултат кој беше оспорен од опозицијата.Забраната за патување на Панахи дојде по неговото појавување на филмскиот фестивал во Монтреал, каде што се појави носејќи зелен шал, со боите на опозицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Mузичката елита ќе пее во чест на маестро Кире Костов
Голем број познати имиња од забавната музика на гала-концерт ќе му оддадат почит на човекот што ги создаде едни од најубавите хитови и за нив напиша повеќе од 700 композиции – едиствениот маестро Кире Костов.
„Летај галебе“ е насловот на концертот што ќе се одржи во Националната опера и Балет во режија на Дејан Пројковски, а под диригентската палка на Сашо Тататрчевски. Музички соработници се Дамир Имери и Владимир Костов, а ќе настапи и голем камерен оркестар. Водители ќе бидат Живкица Каленикова и Огнен Јанески.
На концертот во чест на големиот маестро ќе настапат Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Sugiya Makonami. Како гости ќе настапат и Љупчо Мирковски и Бобан Мирковски.
„Ова е важен концерт за нашето семејство бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Кире беше човек што живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за нивната посветеност и ангажман“, вели Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на маестро Костов.
Инаку, во чест на Кире Костов е издадена монографија „Летај галебе“ на авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски, која имаше две промоции, во Битола и во Скопје, а имаше и своја уникатна радиопромоција на брановите на Радио Бубамара.
Организаторите од „Баги комуникации“ додаваат дека „Летај галебе“ не е само уште еден концерт, туку настан што ќе ја врати публиката во времето кога песните се создаваа со душа. Тие потенцираат дека е важно да се негуваат домашните автори, да се слуша музиката што била создавана низ времето и да се пренесува на генерациите што доаѓаат.
Инаку, Кире Костов е симбол на македонската музика – композитор, аранжер и диригент, кој создаде повеќе од 700 песни што го обликуваа звукот на неколку генерации. Од безвременските хитови „Летај галебе“ и „Кога те нема“ до големите фестивалски композиции и оркестарски дела – неговото творештво претставува темел на современото македонско музичко наследство. Со својот уникатен спој на џез, поп и народни елементи маестро Костов остави духовен и културен печат во нашата музичка историја.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура, НЛБ банка, „Алкалоид“ и „Триглав“, а снимката ќе биде архивирана и емитувана на Македонската телевизија.
Култура
Во Скопје концертна промоција на „Афро гитано“: албум снимен на три континенти
Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ ,заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.
Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „’Afro Gitano’ е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“.
Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото.
„Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија.
Африка, Балканот и урбаната сцена во едно
За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија: „Џезот и хип-хопот се од иста мајка“, вели Китановски, додавајќи дека триото создава „компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, а заедно пловиме беспрекорно“.
Музика што ја почитува традицијата и ја прегрнува слободата
Во „Afro Gitano“, Китановски ја продолжува својата долгогодишна мисија – да создава музика што е истовремено прастара и современа, длабоко вкоренета и бескрајно слободна. „Музиката е секогаш онолку добра колку што е блиска до коренот“, вели тој, нагласувајќи дека искреноста кон себеси е единствениот пат до автентичност.
Албумот го издава лондонска издавачка куќа, а како што посочува Китановски, „само оригиналноста може да ја отвори портата кон светот“.
Настан што обединува музика, уметност и дизајн
Настапот е дел од Skopje Design Week – платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот“, додава Китановски.
Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома – само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар“, вели Китановски.
Култура
„Андерфест 7“ – алтернативниот рок-фестивал се враќа со уште поголема енергија
„Андерфест“, еден од најпрепознатливите алтернативни рок фестивали кај нас, ја најавѝ програмата за своето седмо издание! Настанот ќе се одржи во петок на 7 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, а и ова издание ветува вечер исполнета со моќна енергија, автентична музика и врвни настапи.
„Андерфест“ со годините изгради статус на фестивал што ги спојува најдобрите имиња од домашната алтернативна сцена, создавајќи уникатно музичко искуство за сите љубители на рокот и неговите поджанрови.
Оваа година, публиката ќе има можност да ги чуе и види LOST IN REVERIE, АУДИОЦИГЛА, ДИМИШ, ЗАНАДУ, ДЕМЕНСИ, ГОЛЕМАТА ВОДА и НОВИОТ ПОЧЕТОК – бендови кои носат свеж звук, различни емоции и препознатлив сценски настап.
Организаторите најавуваат уште повисоко ниво на продукција, динамична атмосфера и простор каде што ќе се слави вистинскиот дух на независната музичка сцена. За многумина, „Андерфест“ е повеќе од фестивал – тоа е традиција, движење и заедница што ја поттикнува домашната рок култура. Билетите се пуштени во продажба преку drugastrana.mk.

