Македонија
Нема договор за нов Закон за високо образование, но има позитивни сигнали

Немало договор за нов Закон за виско образование, но има позитивни сигнали и студентите се надеваат на попозитивен исход на следната средба меѓу претставниците на Министерството за образование и наука, универзитетскиот сенат и Студентскиот и Професорскиот пленум.
Четирите преговарачки страни се договориле да имаат следна средба со заклучоци, но студентите остануваат на своето барање, а тоа е интегрално нов закон за високо образование.„Средбата не беше од одлучувачки карактер. Ние го изнесовме нашето клучно барање, а тоа е интегрално нов текст на Законот за високо образование. За тоа беа изнесени аргументи и средбата заврши со договор да имаме следна средба, односно на средбата не беше ништо одлучено. Секоја од четирите преговарачки страни требаше да се исконсултира со својата база за да се дојде на следна средба со заклучоци. Средбата и на почетокот беше планирана за да ја одреди формата во која би се пишувал тој нов закон за високо образование, но најпрвин треба да победат аргументите за нов закон за високо образование“, изјави Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум.Според неа, со тоа што се постигнала согласност во рок од 30 дена да се направи анализа и да се анализира зошто е проблематичен актуелниот Закон, има простор за кооперативност меѓу Владата и студентите. На следната средба се надева дека ќе се констатира дека веднаш е потребен нов Закон за високо образование.„Окупацијата“ на факултетите од страна на студентите ќе продолжи сé додека не добијат потврда дека ќе почне да се пишува текст за нов закон за високо образование.„Нашето барање за новиот закон е да нема никаква форма на надворешно тестирање од страна на државата, тоа е поткрепено со аргументот дека прво треба да ги разработиме механизмите кои веќе постојат како Одборот за акредитација и евалуација којшто очигледно не си ја работел својата работа. За тоа добивме потврда и од самиот министер во неколку наврати. Кога ќе почне одборот за евалуација навистина да евалуира и да дава препораки што точно треба да се подобри за да се зајакне квалитетот на високото образование не можеме до тогаш да зборуваме за надворешно тестирање на студентите. Тие не можат да бидат тестирани заради дисфункционалност на одредена институција или тело при МОН“, рече Туфегџиќ.„Досега се направени 14 измени на законот за високо образование и според неа, самите предлагачи на Законот и оние кои го носат се свесни дека овој закон не може да се применува“, додаде Туфегџиќ.Во четвртокот попладне во ректоратот на УКИМ се одржа средба меѓу четирите преговарачки страни, на којашто присуствуваа двајца претставници на Студентскиот пленум, двајца претставници на Професорскиот пленум, вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за образование, Абдулаким Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.