Култура
Македонски писатели на Саемот на книгата во Лајпциг

Тројца македонски писатели, Игор Исаковски, Владимир Мартиновски и Роберт Алаѓозовски, ќе учествуваат на Семот на книгата во Лајпциг што започнува во четврток на 18 март. Етно-џез составот „Баклава“ ќе има настапи на Балканската вечер
Во рамките на саемскиот фокус на книжевностите од Југоисточна Европа ќе настапат тројца македонски писатели. Со своја поезија и проза, на македонски јазик и со истовремена актерска интерпретација на германскиот препев, во неколку настани ќе настапат писателите Игор Исаковски и Владимир Мартиновски. Критичарот Роберт Алаѓозовски ќе учествува на трибината посветени на културните портали во регионот и предизвиците со коишто се соочуваат.
Во рамките на манифестацијата Балканска вечер главна атракција ќе биде македонскиот етно состав Баклава.Саемот на книгата во Лајпциг со години наназад посветува посебно внимание на литературата од Југоисточна Европа. Годинава повеќе од 60 учесници од 13 земји од регионот ќе се претстават на саемот. Босна и Херцеговина ќе се претстави за првпат.
Главниот настан ќе биде големата Балканска вечер којашто ќе започне на 20 март вечерта и ќе трае до длабоко во ноќта. Најпрвин ќе се претстави фестивалот за краток расказ Кикинда шорт со автори од регионот, учесници на фестивалот: Ѓорѓи Господинов, Горан Самарџиќ, Јетон Незирај, Вуле Зуриќ, Срѓан Папиќ и Игор Исаковски.
Саемот во Лајпциг е вториот по големина саем во Германија. За разлика од саемот во Франкфурт, кој е целосно посветен на книжевната индустрија, саемот во Лајпциг акцентот го става на културните аспекти, гостувања и претставувања на авторите преку јавни настапи и разни форми на комуникација со публиката. Секако, најголемите европски и светски издавачи се присутни на саемот.
Претставувањето на литературите од Југоисточна Европа е дел од стратешкиот план за културна соработка меѓу овие земји со оние од германофоното подрачје: Германија, Австрија, Швајцарија. Конкретна соработка веќе се остварува во рамките на проектот за меѓусебни преводи и соработка Традуки.Гостувањето на македонските уметници е подржано преку проектот Традуки.
Македонското Министерство за култура не го подржа овој настан, со што се пропушти можноста уште неколкумина македонски писатели да се претстават на Саемот во Лајпциг и пред германските и светските издавачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Седумдесет поети од земјава и странство на 64. издание на Струшките вечери на поезијата

Од 21 до 25 август по 64-ти пат ќе се одржат Струшките вечери на поезијата, а Струга уште еднаш ќе биде центар на светската поетска сцена.
Седумдесет поети од земјава и странство, критичари, преведувачи и литературни работници ќе учествуваат на манифестацијата.
Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, на 64-тите Струшки вечери на поезијата учество ќе земат еминентни поети од Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и земјите од соседството…
Покровител на манифестацијата е претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска Давкова, а како национална установа е финансирана од Министерството за култура и туризам.
Директорот на Националната установа манифестација „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш денеска на прес-конференција информира дека фокусот на годинашното издание ќе биде Глаголицата, како една симболична врска, мост кој обединува низ вековите. Врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј и поетска Словачка што ни доаѓа преку лауреатот Иван Штрпка.
„Токму затоа за промоција на годинашното издание подготвени се графички и видео содржини кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. Традиција или врска која што надминува временски период од 1.160 години. Годинава, манифестацијата ги подвлекува овие вредности што како традиција ги имаме во поглед на литературното создавање и несомнено и во поезијата, бидејќи се појавува уште со почетоците на писменоста кај нас. Тоа значи дека и литературата и јазикот и поезијата своите корени ги влечат далеку во минатото, а нивните рефлексии и одеци ги слушаме и денес“, рече Кукунеш.
Според него, Струшките вечери на поезијата не се локална организација ниту локален настан, туку ги надминуваат границите на државата и се широко етаблирани и познати во светот.
„Она кое се обидуваме подолго време да го потврдиме како некаква теза која вреди да се воочи и да се сфати како факт е дека Струшките вечери на поезијата не се локална организација и не се локален настан. Освен тоа што се национални, ги надминуваат рамките на државата. Манифестацијата е широко етаблирана и позната во светот. Она што мора да го разбереме е дека вложувањето токму во таа меѓународна промоција на нашиот јазик и култура е тоа за кое што оваа манифестација е всушност наменета и тоа е нејзината основна цел“, подвлече Кукунеш.
Култура
Јовановиќ: Прикажавме силно авангардни и ангажирани филмови на унгарската филмска вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ викендов во копродукција со МФФ Киненова беа прикажани унгарските филмови „Три илјади изброени парчиња“ и „Без здив“.
Кинo-проекциите се одржаа во Центарот за култура „Григор Прличев“, а беа дел од Унгарската вечер на фестивалот, која беше поддржана од Унгарската амбасада и Општина Охрид.
– Силно авангардниот и ангажиран филмт „Три илјади изброени парчиња“ во режија на Адам Чаши ја отвори филмската вечер, а продолжи со филмот „Без здив“ во режија на Каталин Молдовај.Настанот привлече бројна публика, а филмот „Три илјади изброени парчиња“ кој е силно ангажиран и авангарден филм сметам дека предизвика силни импресии кај присутите со темата за дискринимација на одредени малцинства во европските општества, вели Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова.
Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.