Економија
Владата предложи закон за заштита од мобинг
Сериозно подобрување на работничките права и достигнување повисоки стандарди во промоција на работнички права е целта на законот за заштита од вознемирување на работното место или популарно наречен закон за заштита од мобинг што го предлага македонската влада.
Законот има примена на работодавачите, вработените, кандидатите за вработување, како и на лица ангажирани со договори, а со него се врши јасно дефинирање и опис на ситуациите на психичкото и полово вознемирување. Психичко вознемирување согласно овој Закон, е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.Полово вознемирување во смисла на овој Закон е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост.Вознемирување на работно место претставува и поттикнување или наведување на однесување на вознемирување, а се дефинира и местото и времето на вршењето на вознемирување кои се третираат со законот. Како место се смета работното место на кое вработениот кој е изложен на вознемирување вообичаено работи или местото на кое вработениот е упатен да работи, но може да се смета и местото/местата низ кои минува вработениот кој е изложен на вознемирувањето при неговото вообичаено доаѓање и заминување од работното место, во случај кога вознемирување го врши негов колега кој патува или се движи заедно или во непосредна близина со него.Како време на вршење на психичко и половото вознемирување на работно место, се смета времето во рамките на работното време и времето на патување до и од работното место, кога е извршено вознемирувањето.Заради подобра заштита и промоција на правата, но и заради заштита од злоупотреби, се дефинираат и однесувања и активности кои не се сметаат за вознемирување на работно место, а тоа се:-поединечните акти донесени од страна на работодавачот со кои се одлучува за права, обврски и одговорности од работен однос;-ускратување и оневозможување на остварување и користење на права утврдени со закон, колективен договор и договорот за вработување;-секое неоправдано правење на разлика при нееднакво постапување спрема вработениот по било кој основ на дискриминација и-повремени разлики во мислењата во врска со прашања и проблеми поврзани со работата.Се дава и заштита од злоупотреба на овој Закон преку нормата дека злоупотреба на правата на заштита од вознемирување на работно место, врши вработен кој знаел или морал да знае дека не постојат причини за поведување на постапка за заштита од вознемирување на работно место, а повел или иницирал поведување на ваква постапка, со цел за себе или за друг да прибави материјална или нематеријална корист или да нанесе штета на трето лице.Она што е многу значајно за ова законско решение е прецизното утврдување на постапка за заштита на правата, која предвидува соодветна повеќестепена заштита, можности за мирно решавање на настанатите спорови, но и можности за правни дејства против одлучувањата во пониските фази на постапката.Пред да се поведе постапката за заштита на правата, се предвидува можност за мирно решавање на спорот, која во исто време е и услов, во случај на негативен исход, за поведување на постапката. Доколку едно лице смета дека е изложено на вознемирување на работно место од друго лице, тогаш треба писмено да се обрати до лицето за кое смета дека го вознемирува и да му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано и да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане.Доколку ова дејство не вроди со плод тогаш се поведува постапка.Лицето кое смета дека е изложено на вознемирување од страна на друг вработен, пред поднесувањето на тужба пред надлежен суд, поднесува писмено барање за заштита од вознемирување на работно место, до работодавачот. Доколку пак лицето смета дека е изложено на вознемирување од страна на работоводен орган во правното лице или физичко лице како работодавач, може да поднесе тужба пред надлежниот суд, по претходното писмено предупредување до вршителот на вознемирувањето.Кога е поведена постапка работодавачот е должен да именува посредник во спорот кое е неутрално лице кое се избира од редот на листата на посредници кои ги определува работодавачот од редот на вработените, а доколку кај работодавачот се вработени 50 или повеќе вработени должен е да состави листа на посредници.Посредникот ја спроведува постапката која е итна и е затворена за јавноста, и тој може да води заеднички или одвоени разговори со страните. Таа треба да заврши во рок од 15 дена, и може да заврши успешно или неуспешно, за што се изготвува извештај.Законот предвидува и глоби кои се предвидени заради обезбедување на полна примена на Законот, насочување на посебно внимание кон заштита и промоција на правата, и реализација на соодветна средина за вршење на работните задачи.Овој закон е во интерес и на работниците и на работодавачите и на целото општество, обезбедува силна промоција на работничките права и нивна заштита, но и на демократските и универзални принципи и вредности. Со него се обезбедува и средина за ефикасно, ефективно и продуктивно извршување на работните задачи и целите на организациите, велат од владата./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

