Економија
Трет јавен повик за давање на користење 731 хектари државно земјоделско земјиште
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во понеделник објави трет јавен повик за давање на над 731 хектари земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на социјално необезбедените лица корисници на социјална парична помош.
Повикот се однесува на 21 регион и тоа за Берово, Битола, Македонски Брод, Валандово, Гоостивар, Гевгелија, Дебар, Делчево и Демир Хисар.
Исто така, на овој повик можат да аплицираат и заинтересираните лица кои спаѓаат во категоријата социјално необезбедени лица корисници на социјална парична помош и од регионите Кочани, Крушево, Кратово, Кавадарци, Струга, Струмица, Пробиштип, Ресен, како и заинтересираните за добивање на државни ниви во плодоуживање од Велес, Штип и од скопските општини Гази Баба и Чаир.
Со овој повик, од над 731 хектари државно земјоделско земјиште кое е наменето да се даде во плодоуживање, најголемиот дел, односно скоро 274 хектари е во струмичко, над 95 хектари во кратовско, 92 хектари во дебар и повеќе од 75 хектари во валандовско. Во Пробиштип, во плодоуживање со овој повик се огласени речиси 61 хектари, а во Кавадарци приближно 40.
Времетраењето на плодоуживањето за кое се издава земјоделското земјиште изнесува пет години.
Зависно од намената на земјоделското земјиште, односно дали површината е под систем за наводнување или не, земјиштето може да се додели на плодоуживање најмногу до четири хектари ако е во систем за наводнување, односно до осум хектари ако е надвор од систем за наводнување.
За одгледување на житни, фуражни и индустриски култури, поединец – плодоуживател може да му се доделат најмногу четири хектари во систем за наводнување, а за здружени двајца плодоуживатели до осум хектари државно земјоделско земјиште кое е во систем за наводнување. За производство на градинарски култури, поединец плодоуживател може да добие најмногу 0,6 хектари државно земјоделско земјиште кое е во систем за наводнување, а здружени двајца плодоуживатели максимум 1,2 хектари во систем за наводнување.
Согласно дефинираниот концепт за плодоуживање, корисниците на оваа Програма, по добивањето на земјоделското земјиште, ќе имаат право да користат и финансиска помош за отпочнување на земјоделската дејност, и тоа: за корисниците кои ќе одгледуваат житни, фуражни и индустриски култури ќе им следува еднократна парична помош во висина од 20 илјади денари по хектар, но не повеќе од 120 илјади денари , за одгледувачите на градинарски култури 55 илјади денари за хектар .
Покрај оваа помош, согласно Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2012-2013 година, Пилот Програма за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште, на корисникот на плодоуживањето за првата и втората година на плодоуживањето месечно ќе му се исплаќа надоместок во висина на социјална парична помош што ја земал до тогаш, исплата на придонеси за пензиско инвалидско осигурување и здравствено осигурување и исплата на надоместок за регистрација во регистарот на индивидуални земјоделци.
Во третата година плодоуживателот нема да биде корисник на овие мерки.Плодоуживателите по склучувањето на договорите за плодоуживање, треба да се регистрирани преку Фондот на Пензиско и инвалидско осигурување како индивидуални земјоделци на кои земјоделството им е основна дејност.
Комисијата врши избор на најповолен понудувач врз основа на критериумите утврдени во Програмата за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на одредена категорија социјално необезбедени лица.
На корисниците на социјална парична помош, им се доделува земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање по основ на времетраењето на користење на правото на социјална парична помош, бројот на членови во заедничко домаќинство, по основ на тоа дали член во заедничко домаќинство кое е инвалидно лице, самохран родител, по основ на згрижување или старателство на дете без родители и родителска грижа или возрасно лице со одземена деловна способност.
Образецот за учество на јавниот повик (барање), може да се подигне во подрачните единици на Министерството за земјоделство и со сите потребни податоци и документи да се достави до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Скопје во рок од 30 дена од објавувањето на повикот во дневниот печат.
За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на телефон: 02 313 44 77 или да ги посетат веб страните на министерствата за земјоделство и за труд и социјална политика./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

