Македонија
Марш на толеранцијата во Скопје, апел да престане омразата
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Цивил – Центар за слобода ги повикува сите граѓански организации и активисти да го поддржат Маршот на толеранцијата којшто ќе се одржи во недела во Скопје со почеток во 5 минути до 12 часот напладне, пред Музеј на Град Скопје.
Со повик „Правда! Слобода! Еднаквост!, невладините организации по повод Меѓународниот ден на толеранцијата ги повикуваат сите луѓе со добра волја да дадат личен придонес кон подобрување на светот преку практикување на толеранцијата во сопствените семејства, соседството, на работното место и во јавноста.
Учесниците на Маршот ќе се движат од Музеј на Град Скопје, преку улица Македонија, улица 11 Октомври, Влада на РМ, Мост Гоце Делчев, до платото пред Универзитетот на ЈИЕ, каде што ќе се одржи сценски и диџејски настап.
Невладините организации апелираат до надлежните државни органи, организации, институции и општински и општествени актери да се откажат од досегашните политики и практики и да преземат итни мерки за справување со дискриминацијата и кршењето на човековите права и слободи во земјата.
Го повикуваат Јавниот обвинител, Марко Зврлевски да се запознае со делата сторени од омраза и да ја врши работата согласно надлежностите пропишани во закон.
„Апелираме за толеранција меѓу граѓанките и граѓаните на оваа земја, почитување на различностите и солидарноста како одговор на штетните политики на структурите на моќта.
Толеранцијата е патот кој води до еднаквост, слобода и правда. Национализмот, шовинизмот и омразата ќе донесат само хаос и деструкција, а жртви се секогаш граѓанките и граѓаните на оваа земја“ се вели во соопштението на организациите.
На Меѓународниот ден на толеранцијата ја искажуваат својата загриженост за како што велат, сериозните нарушувања на состојбите со човековите права и слободи во Македонија.
„Говорот на омраза и делата сторени од омраза врз основа на расна, верска, етничка, полова, родова и сексуална ориентација како и институционализираната дискриминација врз основа на политичка припадност кои се резултат на длабоко вкоренети предрасуди и омраза неминовно продуцираа поделби и тензии во Република Македонија денес. Последиците директно ги чувствуваат граѓанките и граѓаните на Република Македонија кои секојдневно се лишени од соодветно остварување на правата од здравствената заштита, образование, социјални услуги, еднаков пристап при вработување како и еднаков пристап до правда и почитување на нивната различност. Човековите права и слободи, владеењето на правото и слободата на говорот останаа да бидат само декларативни заложби на хартија“ апелираат организациите.
Маршот на толеранцијата го организираат Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија и Цивил – Центар за слобода, а досега го поддржаа: ЛГБТИ Центар за поддршка, Национална мрежа против хомофобијата и трансфобијата, Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, ХОПС – Опции за здрав живот, Х.Е.Р.А. – асоцијација за здравствена едукација и истражување, Субверзивен Фронт, Реактор – истражување во акција, ЛГБТ Јунајтет, Женска алијанса, Женска граѓанска иницијатива Антико, Фондација Метаморфозис, Младински образовен форум, Плоштад Слобода, Национален совет за родова рамноправност, ЕДЕН, Тера Флорија, Фондација Отворено општество Македонија./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка, утре со врнежи од дожд и снег претпладне , попладне облачноста ќе се намалува
Висината на снежна покривка во 16 часот на Попова Шапка изнесува 34 сантиметри, 17 сантиметри се измерени во Маврови Анови, 12 во Битола, 7 во Ѓуриште, 5 во Тетово, Крушево (во 13ч), 3 сантиметри во Претор, 2 во Штип, Демир Капија, 1 во Крива Паланка, Прилеп, Виница.
До крајот на денот ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег.
Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне ќе има локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од снег. Попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 0, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
До сабота времето ќе биде променливо облачно со пораст на дневната температура. По одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела во попладневните и ноќните часови, кога на повисоките места ќе преминуваат во снег.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Најсилната општина е онаа што ги слуша своите граѓани
Денес во oпштина Кисела Вода се одржа работен состанок меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и референтите и претседателите на месните и урбаните заедници од општината, со цел директно согледување на потребите, проблемите и барањата на граѓаните.
Градоначалничката се информираше од прва рака за состојбите на терен, преку луѓето кои се првиот и најблискиот контакт на граѓаните со локалната самоуправа. Месните и урбаните заедници претставуваат прва адреса каде што жителите ги изнесуваат своите проблеми, без потреба да доаѓаат во општинската зграда, туку најблиску до своето место на живеење. Токму таму најчесто се евидентираат секојдневните предизвици, инфраструктурните потреби и конкретните барања, кои потоа се пренесуваат до раководството на општината.
Во општина Кисела Вода функционираат вкупно 15 месни и урбани заедници, што овозможува поефикасно работење на општината и побрза, подостапна услуга за граѓаните. Ваквиот модел на децентрализирана комуникација значително придонесува за подобро функционирање на локалната самоуправа и навремено решавање на проблемите, истакнуваат од таму.
На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите од Секторот за месна самоуправа од општината, беше потенцирана важноста од континуирана и интензивна соработка, при што беше договорено навремено да се интервенира за сите прашања што се во надлежност на општината, но и координирано да се постапува во оние случаи каде што решавањето на проблемите зависи од Град Скопје или од централната власт.
-Претставниците од месните заедници се нашите очи и уши на терен. Преку нив имаме директен увид во реалните потреби на граѓаните и можеме побрзо и поефикасно да реагираме. Нашата цел е силна, отворена и двонасочна комуникација, затоа што само така можеме да градиме општина што навистина им служи на своите жители. Денешниот состанок е потврда дека заеднички, со уште поголема соработка, можеме да ги решаваме проблемите, и локалните, и оние што бараат поширока институционална координација- изјави Стаменкоска-Трајкоска.
Македонија
Амбасадорот на Турција кај градоначалникот Лимани: „Сигнал за зајакнување на соработката со Гостивар“
Градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, денес оствари официјална средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, во рамки на неговата прва посета по преземањето на мандатот од страна на градоначалникот Лимани.
За време на средбата, градоначалникот Лимани ја изрази својата благодарност за посетата на амбасадорот Улусој, оценувајќи ја како доказ за блиските и пријателски односи што Општина Гостивар ги негува со Република Турција. Тој истакна дека оваа посета претставува важна основа за продлабочување на меѓусебната соработка во различни области од заеднички интерес, вклучувајќи ја културата, спортот, образованието, како и економската размена и поттикнувањето идеи за одржлив локален развој.
Од своја страна, амбасадорот Улусој му честиташе на градоначалникот Лимани за победата и преземањето на функцијата, нагласувајќи дека Турција и Гостивар споделуваат заеднички вредности, историја и интереси, кои треба да се искористат како потенцијал за интензивирање на соработката во иднина.
Во рамки на посетата, градоначалникот Лимани и амбасадорот Улусој остварија и заедничка посета на основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, образовна институција во која наставата ја следи значителен број ученици од турската заедница. Посетата беше оценета како важен сигнал за посветеноста кон образованието и зачувувањето на културната разновидност во општината.

