Култура
„Внатрешен свет“ – групна изложба во Музеј на Град Скопје

На 15 октомври 2009 година, во 19 часот, во просториите на Музејот на град Скопје, ќе се отвори изложбата „Внатрешен свет“, како дел од програмата на Германските недели 2009
Со отварањето на изложбата започнува проектот којшто се состои од 3 дела: изложба, дискусија и видео проекции коишто ќе се реализираат следниот ден на 16 октомври 2009 со почеток во 19 часотОвој проект е дел од програмата на Германските недели 2009 и е поддржан од Германската амбасада во Скопје и Бош фондацијата. Првично беше реализиран во соработка со галеријата Штедефројнд од Берлин, во јули-август 2009 година. „Внатрешен свет“ е изложба со 6 автори – Игор Тошевски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ивана Драгшиќ, Стефка Амон, Инкен Рaјнeрт и Катја Пудор. Куратор е Елена Велјановска. Изложбата се фокусира на индивидуалните сеќавања предизвикани од општествените промени во текот на изминатите 20 години во Европа почнувајќи од збиднувањата во Берлин. Таа не ја ре-креира официјалната историја на настаните, туку раскажува лични приказни, покажува различни доживувања на овие промени и потсетува на тоа како еден историски момент влијаел на искуствата на секој поединец. Изложбата отвара простор за сеќавањата, реализирани и нереализирани идеи преплетени со реалните искуства и општествено-политичкиот развој на двете земји од коишто доаѓаат уметниците во изложбата: Македонија и Германија. Берлинскиот ѕид се зема како метафора, почетна точка за дискусија, дозволувајќи им на уметниците понатамошно пребарување во нивната меморија, којашто споена заедно во една изложба креира паралелна колективна свест за одреден просторно- временски развој. Изложбата креира простор кој дава панорамски поглед од овие лични видувања и доживувања.дискусијата наредниот ден, насловена „Простор за уметност“, ќе ги разгледува следните состојби: Што се е потребно за една уметничка сцена да фукционира? Која е улогата на галериите во неа? Дали постојат услови за имплементација на ваков систем во Скопје? Поканетите учесници во дискусијата, уметници и галеристи од Скопје и Берлин, ќе ја претстават моменталната состојба во двата града – Берлин како европска престолнина со разновидноста на галериите и Скопје со вибрантна музичка сцена, но со недостаток од галериски простори. Учесници на дискусијата се Штефка Амон, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Инкен Рајнерт, Игор Тошевски и Јане Чаловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Нова книга „Културата и траумата-Писмо до бугарскиот пријател“ од проф. д-р Златко Крамариќ

Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат книгата „Културата и траумата“ од познатиот македонист од Хрватска, д-р Златко Крамариќ. Воведниот текст од книгата е во форма на „Писмо до бугарскиот пријател“. Како редок познавач на балканските состојби тој во овој прилог ја нагласува смислата за добрососедството и заемната почит меѓу државите, посочувајќи дека „еден од битните детали во тие визии на идните посакувани односи во Европа е и односот спрема соседите. Можеби токму тој детаљ и е еден од најважните. Има ли нешто поубаво отколку да се живее крај среќен и задоволен сосед. Неговата среќа и задоволство и нас би требало да не прави среќни“, констатира авторот.
Во книгата „Културата и траумата“ посебен акцент е ставен и на улогата на Штросмаер и македонскиот идентитет, на модернизмот во мрачните времиња, на создавањето на македонската интелигенција и на новите политики кон новите идентитети.
Златко Крамариќ (Осиек, 1956) е познат хрватски научник, универзитетски професор, книжевен критичар, врвен теоретичар на литературата и долгогодишен дипломат. Автор е на триесетина книги, преведени на повеќе јазици. Во изминатите четири децении со особена љубов и континуирана посветеност, тој ја афирмира македонската литература, поставувајќи високи критериуми при анализирањето на дела од најзначајните македонски писатели. Со својот континуиран ангажман, Златко Крамариќ застанува на чело на проучувачите, проследувачите, толкувачите и аниматорите на процесите на македонската историја, традиција и култура и на македонскиот јазик и богата литература. Член е на Друштвото на хрватските книжевници, на Хрватското филозофско друштво, на Матица Хрватска, а во 2015 година беше избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.
Култура
Филмовите на Кустурица на програмата на Кинотеката

Во мај 2025 година Кинотеката ја претвора својата проекциска сала во вистинско светилиште на сликата, мислата и сеќавањето. Богатата и внимателно курирана програма ја слави моќта на филмот да размислува, сведочи, предизвикува и да возбудува.
Со акценти врз авторски поетики, политичка историја и философска рефлексија мајскиот репертоар претставува редок пример на културна програма, која истовремено е и уметничка прослава и интелектуална провокација.
Балканот и сонот: Емир Кустурица
Програмата почнува со два антологиски филма на Емир Кустурица – „Подземје“ и „Аризона дрим“, кои ја отелотворуваат неговата единствена авторска визија. „Подземје“ е епопеја за историјата на поранешна Југославија, раскажана како гротескен театар на апсурдот, каде што реалноста и илузијата коегзистираат во еден подземен лавиринт на заблуди. „Аризона дрим“, пак, е своевидна бајка за американскиот сон низ погледот на балканскиот емигрант, обоена со магичен реализам, иронија и меланхолија. Филмовите на Кустурица не се само приказни – тие се блуз, балада и политичка сатира во едно.
Ин мемориам: Џин Хекман
Во чест на неодамна починатиот Џин Хекман, Кинотеката приредува омаж со проекции на два негови незаборавни филма: „Разговорот“ на Френсис Форд Копола и „Непростено“ на Клинт Иствуд. Првиот го прикажува Хекман во улога на интровертен експерт за прислушување, фатен во мрежа на параноја и морална дилема, а вториот го претставува како насилен шериф што го преиспитува митот за херојството. Хекман останува синоним за актерска прецизност, длабочина и човечка кревкост.
Пазолини: Поетот на радикалното
Мајската програма вклучува и ретроспектива на култниот италијански режисер Пиер Паоло Пазолини, чија филмографија претставува постојан судир помеѓу поезијата и политиката, телесното и божественото, порокот и светоста. Неговите филмови сведочат за бескомпромисната борба против културната хомогенизација и буржоаската хипокризија.
Солидарност на големото платно: Полската совест
Во соработка со Амбасадата на Полска, Кинотеката претставува избор на филмови со наслов „Солидарност на големото платно“, посветен на едно од највлијателните демократски движења во Источна Европа. Преку дела на Кшиштоф Кишловски, Агњешка Холанд и посовремени автори гледачите ќе може да ги почувствуваат драмите на политичката совест, отпорот и колективната меморија. Овој циклус не е само историска ретроспектива – тој е и потсетник на улогата на филмот како сведок и фактор на општествени промени.
Во рамките на мајскиот циклус „Солидарност на големото платно“, Кинотеката на Македонија со гордост ќе ги угости двeте извонредни имиња од современата полска документаристика – режисерот Куба Микурда и визуелната уметница и филмска монтажерка Лаура Павела.
Куба Микурда е полски режисер и филмски теоретичар, чија работа се одликува со уникатна психоаналитичка перспектива и иновативен пристап кон архивските материјали. Иако нема формално филмско образование, неговата стручност произлегува од современата психоанализа – како поранешен студент на Славој Жижек, тој е автор на книга за поимот „не-се-сè“ кај Жак Лакан. Микурда е автор на високо оценетите документарци „Love Express: Исчезнувањето на Валеријан Боровчик“ (2018), „Бегство на сребрениот глобус“ (2021) и „Соларис, моја љубов“ (2023), а предава и на престижната Филмска академија во Лоѓ.
Павела, пак, е визуелна уметница, скулпторка и монтажерка со богато искуство во областа на уметничкиот и документарниот филм. Таа е авторка на многубројни изложби во Полска и светот и предавачка на предметот found footage на филмска академија. Павела е долгогодишна соработничка на Микурда со кого го има снимено филмот „Соларис, моја љубов“, а заедно со Изабела Пајонк беше номинирана за престижната награда „Орел“ за монтажата на „Бегство на сребрениот глобус“ во 2022 година. Нејзината работа се одликува со префинето чувство за асоцијативна монтажа на архивски материјали – тема на нејзините неодамна завршени докторски студии.
Култура
Распишан конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“

Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ годинава по осми пат го распишува конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, специјална награда на фестивалот, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија кои ќе испратат една своја необјавена песна на e-mail адресата: [email protected] на македонски и италијански или англиски јазик.
Со учеството на овој конкурс истите автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.
Поезијата може да се испраќа до 10 мај 2025 година.
Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.
Специјалната награда „Антево слово “ ќе ја координира интернационална жири-комисија со која ќе претседава поетот од Македонија Митко Гогов, поет и претствник на Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“.
Специјалната награда „Антево слово“ официјално ќе се додели летово, 2025 година во Каникати, Сицилија, како дел од програмата на меѓународната поетска манифестација „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.
Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“ која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.