Култура
Гевгелиските уметници изложуваат во Куманово
Во вторник во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово ќе биде отворена изложба на слики, скулптури, графики и фотографии на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија
Друштвото брои 40-тина членови а своите активности ги презентираат преку организирање годишни изложби и гостувања во поголеми галериски центри. На изложбата во Куманово учество со по едно дело зедоа следниве уметници (со слики): Вангел Срнаков, Никола Бутров, Зоран Карагонов, Стела Динова, Миле Петров, Гордана Петрова, Катерина Чугунска, Дане Јанев, Мирјана Крстева Массети, Димитар Гаспар, Глигор Старделов, Атанас Крстев, Драги Хаџиниколов, Зафир Хаџидимитров; (со графики): Дамјан Ѓуров, Горан Јованов; (со скулптури) Перо Кованцалиев, Гордана Хаџиниколова; (со фотографија ) Иван Калчев, Миле Ничевски и Ирена Пејовиќ. Во каталогот за годишната изложба на ДЛУГ за 2009 год. Илија Карајанов ќе запише: „Во неколку прилики по повод отворањето на ликовни изложби од гевгелиски уметници од страна на академик Георги Старделов и д-р Димитар Ќорнаков беше спомнато дека веќе може да се говори за гевгелиска ликовна школа. Да се сфати оваа синтагма, тоа значи да се осмислат делата на Георги Хаџи Наков – Гисник и Зафир Хаџимитров – Фирчо, па преку сликарите од средната генерација, се до најмладите ликовни уметници. Светот на гевгелиските уметници претставува следење и осмислување на еден постојано буден дух, потрага по есенцијалните вредности. Трагањето по хармонијата на боите значи “ носталгија по апсолутот ” (Албер Ками). Да се сфати светот, тоа значи да се сведе на хуманистички возгледи и да се откријат мистичните предели на медитеранските етички и естетски вредности. Луцидноста претставува праисконски порив да се допре видливото, таинственото, митолошкото, архетипското… Уметниците создаваат за да постојат. Тие креираат за да бидат на сончевата страна на вистината. Тие градат мостови меѓу две епохи, меѓу времето сегашно и времето идно. Нивниот дух е вечно буден архипелаг низ меандрите на минливоста и Сизифовата истрајба. Ние продолжуваме да живееме со нивните верби и вистини, нивната надеж – сон на будниот човек…. Таа драма на ликовните уметници во исто време е и надеж- “ Сон на будниот човек ”, “ Верба во недостижното ” , провидение кое ги расветлува филозовските и културолошките феномени како пробудена енергија на слободното трагање. Таинствените двери се отворени: Треба да се тргне кон просветлените станици на нашата духовна опстојба низ вековите. Така нашата слика ќе стане хармонија на нашата убавина. “Изложбата се реализира како плод на добрата повеќегодишна соработка меѓу Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија, хотелот „Аполонија“ од Гевгелија и во кумановската Национална установа – Центар за култура „Трајко Прокопиев“, а ќе боде поставена до 5-ти март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

