Култура
Концерт на Владимир Лазаревски и Милица Шкариќ на „Интерфест“
Обоистот Владимир Лазаревски и пијанистката Милица Шкариќ ќе одржат концерт утревечер (9 октомври), во 20 часот, во Заводот и Музеј во Битола. На програмата ќе бидат композиции од Телеман, Фауре, Петрич, Петрович, Стојков, и Борисов
Настапот се реализира во рамките на фестивалот за класична музика „Интерфест“ кој оваа година се одржува по осумнаесети пат од 2 до 12 октомври.Следниот ден, 10 октомври е резервиран настапот на дуото од Албанија, Пјетер Гуралами, виолончело и Адмир Доџи, гитара, додека на 11 октомври ќе настапи грчкиот гитарист Јанис Андроноглус. Фестивалот свечено ќе биде затворен на 12 октомври, со маратонски концерт на петмина битолски пијанисти.Обоистот Владимир Лазаревски студира на Националната Музичка Академија „Панчо Владигеров” во Софија, кај проф. Георги Желјазов, каде што дипломира и магистрира во 2003 година. Една година подоцна Владимир добива целосна стипендија од музичката академија „Лонџи“ во Бостон, САД, каде заминува да се усовршува како музичар изведувач. Таму учи во класите на проф. Вејн Рејпиер и проф. Марк МекЕван, врвни обоисти на оркестарот на Бостонската филхармонија, каде ги заокружува своите постдипломоски студии во 2006 година. Својот музички профил го усовршува на многубројни семинари и мајсторски класови кај еминенти обоисти како Инго Горицки, Давид Валтер, Паул Гуди, Хелмут Мецера и др.Лазаревски е лауреат е на меѓународниот музички натпревар „Алегро Виво“ во Австрија 2002 г. и 3-та награда на натпреварот „Земјата и луѓето“, Бугарија 2001г. Освојува први награди на државните натпревари во Македонија во 1996 и 1997 година. Владимир Лазаревски има бројни настапи на фестивали во земјава и странство како: „Моцартеум“ и „Алегро Виво“ во Австрија, „Бостонски музички вечери“ во САД, „Дартингтон“ во Англија, „Скопско лето“, „ДММ“, „Бит фест“, „Балкан класикал мјузик фестивал“ и др. Секако, на ова се приклучуваат и солистичките настапи со ансамблот „Барокни солисти“ во Софија, Академскиот симфониски оркестар во Бугарија и со Македонската филхармонија преку подиумот на млади.Како обоист и солист на англиски рог свирел во составот на голем број ансамбли и тоа: Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Сараевската филхармонија, Симфониските оркестри во Пазарџик и Враца, Р. Бугарија, Нов симфоничен и Академскиот симфоничен оркестар во Софија, Камерниот оркестар на Лонџи, САД, Колегиум-музикум Банкја и др.Во моментов, Владимир Лазаревски е доцент по обоа, камерна музика и методика на дувачките инструменти на Факултетот за музичка уметност на државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Тој е и хонорарен соработник на Македонската филхармонија, Средното музичко училиште во Скопје, Штип и Тетово, Камерниот оркестар на ММЕ и е член на камерниот квартет „Мјузик прогресив“.Милица Шкариќ, дипломира пијано во Париз на Ecole Normale de Musique de Paris. На истата институција, Милица добива и диплома по камерна музика. По студирањето во Франција, таа се усовршуваа како солист во класата на професор Евгениј Корољов на Факултетот за музичка уметност во Хамбург, Германија. Во учебната 2004-2005 година, проф. Шкариќ присуствува како професор на Факултетот за музичка уметност во Ен Арбор, држава Мичиген, САД. Милица Шкариќ е лауреат на три републички награди по пијано, прва специјална награда на сојузниот натпревар во поранешна Југославија, четврта награда на музичкиот натпревар во Сенегалија, Италија, прва награда на натпреварот во Саребург, Франција и награда за корепетиција на натпреварот „Елизе Мајер“ во Хамбург. Добитник е на стипендии од фондациите Алберт Русел, Хилда Сантарели, Ото Штотерау, Сорос, ДААД, ХФДП и др. Концертирала како солист и камерен партнер во Франција, Германија, Италија, САД, Србија, Македонија. Во моментот, Милица Шкариќ е професор е по пијано, камерна музика и методика на Факултетот за музичка уметност во Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.
Култура
Месецот на Пучини во Националната опера и Балет ќе се затвори со операта „Турандот“
Месецот на Пучини во Националната опера и балет ќе се затвори со операта „Турандот“ од Џакомо Пучини на 29 ноември со почеток во 20.00 .ч.
Спектакуларната продукција на епската бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, ќе се изведе на сцената на МОБ под диригентската палка на гостинот од Италија, Роберто Џанола (Италија), режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт мајстор: Климент Тодороски, хор-мајстор: Ѓургица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска.
Настапувa врвна солистичка екипа: Хан Јинг Цо (Кина / Италија), Џејмс Ли (Јужна Кореја) ,Биљана Јосифов, Игор Дурловски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma).