Економија
Владата ќе посредува во надминување на спорот меѓу земјоделците и водостопанствата
Владата на Република Македонија максимално се заложи да биде надминат отворениот проблем меѓу земјоделците и дел од водостопанските претпријатија, откако околу две илјади земјоделци не успеаја да си земат парите за субвенции во 2012 година, поради неподмирените финансиски обврски кон водостопанствата, рече во саботата владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев
Како што истакна Ѓорѓиев, овој проблем се појави од недоречености и различни толкувања на законот, како и од технички причини за неможност за утврдување на точното количество вода за наводнување за која земјоделците треба да го платат надоместокот.
„Владата направи сериозна студија и анализа на проблематиката, преку проверка на нормативните и техничките факти и теренски посети и разговори со земјоделците и водостопанствата и формулира системско решение на проблемот кое значи можност земјоделците кои не ги добиле субвенциите за 2012 година да може да ги добијат со средства од програмата за оваа година, како и воспоставување на систем да се превенираат слични ситуации во иднина, преку силна инвестициска активност во модернизација на водостопанските системи”, рече Ѓорѓиев.
„Земјоделците кои заради овој проблем немаат добиено субвенции за 2012 година, односно не ги добиле затоа што, иако имале правни документи го немале намирено долгот кон водостопанските претпријатија, или пак тој долг го подмириле по истекот на рокот за поднесување на барањата за добивање на субвенции за 2012 година, ќе може да ги добијат субвенциите за 2012 година и тоа ќе им биде овозможено од средствата од програмата за субвенции за 2013 година. На ист начин субвенции ќе може да добијат и земјоделците кои не можеле да склучат договори за користење на вода за наводнување поради немање на соодветна документација на водостопанските претпријатија, врз основа на соодветен доказ за тоа од овие водостопански претпријатија кои вршат наводнување на подрачјето кое ги опфаќа земјоделските површини. Во месец април, по завршувањето на локалните избори ќе биде променет Законот за земјоделство и рурален развој за да се предвиди оваа можност и решение. Овие земјоделци во рок од 30 дена од усвојувањето на законот од Собранието ќе треба да поднесат барање за да го подмират долгот кон водостопанствата, и тој долг треба да го подмират заклучно со 30.10.2013 година. Со подмирувањето на овој долг, врз основа на документацијата која ја поднеле во 2012 година до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ќе добијат субвенции за ланската година. Истовремено, тие ќе може да аплицираат и за нови субвенции за 2013 година. Со ова ќе се реши едно горливо отворено прашање кое оптоваруваше повеќе од две илјади земјоделци, тие го побараа тоа од Владата и ние го прифативме”, појасни в Ѓорѓиев.
Владиниот портпарол информираше и дека македонската влада донела одлука во текот на 2013 година да започне „силна инвестициска активност во овој сектор за која се веќе обезбедени 320 милиони денари”, односно околу пет милиони евра.
„Со овие средства ќе се модернизираат техничките уреди за водоснабдување, ќе се изградат нови онаму каде што требаат, ќе се воспостават мерачи на потрошена вода на главен и споредни цевководи со кои ќе се утврди точната количина на потрошена вода, ќе се обезбеди кадар со што би се придонело кон правилно точно и егзактно утврдување на површината на земјоделско земјиште која е во посед на земјоделецот и која е наводнувана, и врз основа на тоа правење на конкретни правни договори помеѓу земјоделците и водостопанството, но и со претпријатијата за пасишта, од кои произлегуваат права и обврски за двете страни, со што би се спречиле понатамошни недоречености, кои може да создадат непријатности. Ќе се поддржи и приватната иницијатива на земјоделците кои сакаат да воспостават нови бунарски единици на своите површини за што Владата ќе покрива 50 отсто од трошоците на вкупната инвестиција. Тоа е една значајна поддршка која ќе продолжи и во идните години се со цел воспоставување на модерен и ефикасен систем за водоснабдување”, рече Ѓорѓиев.
Овој модел на решавање на ова прашање, инаку, беше предложен од страна на самите земјоделци и водостопански претпријатија, а Владата го разгледи и прифати, со што направи обид да придонесе да се надмине состојбата во оваа сфера, земјоделците да ги добијат субвенциите за да можат навремено да го планираат своето производство за тековната година, а на водостопанските претпријатија да им се овозможи квалитетно и доходовно работење./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

