Култура
Третиот Миладин

Кога се пишува или се зборува за браќа Миладиновци, обично се мисли на Димитрија и Константин. Ретко кој, освен стручната јавност, знае дека исто толку заслужен за делото на Миладиновци е и нивниот брат Наум Миладин
Истражувањето што го направи forum.com.mk во обид да ги открие единствените оригинални фотографии на Димитрија и Константин Миладинови, отвора нови загатки. Една од нив, која деновиве се отвори пред нас, по реакциите од читателите е и улогата на третиот брат, Наум Миладин, во создавањето на Зборникот на народни умотворби и неговата преродбеничка и учителска дејност.Кога се пишува или зборува за браќа Миладиновци, обично се мисли на Димитрија и Константин. Ретко кој знае дека исто толку заслужен за делото на Миладиновци е и Наум Миладин, еден од шесте синови од вкупно деветте деца на Ристо и Султана Миладинови.Како што дознаваме од истражувањата на публицистот Петар Чакар, објавувани во весникот „Нова Македонија“ во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век, речиси сите биографи на браќа Миладиновци – меѓу нив и Рајко Жинзифов и Кузман Шапкарев – во своите биографии главно се задржуваат на најстариот и најмладиот син – Димитрија и Константин. Во нивните записи Наум Миладин се споменува само попатно, главно како придружник на Димитрија за време на патувањата, и повремено престојувал и му помагал во работата во местата каде што бил учител. За Димитрија и Константин се знае дека како учители се посветиле на борбата за културно и духовно ослободување, за другите браќа се знае дека го продолжиле занаетот на нивниот татко – грнчарството – но за Наум не откриваат речиси ништо.
По барање на читателите, ја објавуваме единствената фотографија на Наум Миладинов, третиот брат-преродбеник, кому музиколозите му припишуваат огромни заслуги за музичката историја на Македонија, како прв собирач и запишувач на народни песни и автор на стручни трудови како “Увод во теоретиката на црковната музика”.
Во следниве денови forum.com.mk ќе се обиде да ја расветли улогата на Наум Миладин во преродбеничката дејност на Миладиновци и причините за изоставувањето на неговото име листата на составувачи на Зборникот на народни умотворби.
Види и: Кој е овој човек? , Лажните Миладиновци , Вистинските Миладиновци .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.