Македонија
Западен Балкан бара помош од Европа за проблемот со имигрантите
Проблемот со имигрантите, со кој е соочуваат сите земји од регионот, е главна тема на состанокот на Централно европската иницијатива (ЦЕИ) којшто започна во понеделникот во Охрид, во рамки на годинешното претседавање на Република Македонија со ЦЕИ.
„Земјите од Западен Балкан, кои во просек се и посиромашни, не може да се очекува да се опремени за справување со ваков наплив од бегалци и да се справат на начин како што можат да се справат земјите од ЕУ. Доколку ЕУ обезбедува и фондови, и се координира меѓусебно за да се справи со овој проблем, незамисливо е тоа да биде успешно направено без европска помош и без наша вклученост во таа нивна стратегија“, рече министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски.Побара сеопфатна стратегија којашто ќе ги вклучи и земјите од Западен Балкан во европската стратегија за справување со сериозниот предизвик на миграциски движења.„Имавме повеќе можности за дискусии околу тоа дека сите земји од Западен Балкан имаат иднина во ЕУ и дека таа иднина ги определува и перспективите на земјите од нашиот регион. Заклучокот од тука и пораката упатена до европските партнери беше дека таквата иднина мора да биде заокружена со една јасна временска рамка. Без таква временска рамка би го намалиле кредибилитетот на таа извесна европска иднина која е пропагирана во рамки на берлинскиот процес и веруваме сите дека ќе биде потврдена на следната Виенска конференција во август“, додаде Попоски.Истакна дека е краток рокот и мандатот на оваа Европска комисија, но дека мора да постои некаква рамка којашто ќе определи временски период во кој може земјите од Западен Балкан да очекуваат да се приклучуваат кон ЕУ.Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сјарто, истакна дека Европа се соочува со загрижувачки притисок од миграцијата и дека тој е поголем од кога и да е досега.„Нивото на притисок е повисоко од било кога и доаѓа од два правци. Едниот е Медитеранот, а другиот е низ земјите од Западен Балкан. Нашата јасна позиција е дека ЕУ треба да се соочи со двата предизвици, не само со притисокот кој доаѓа од Медитеранот, туку и со миграцијата од Западен Балкан. Решението на овој предизвик не е внатре во ЕУ, туку надвор. Потребен е мир и економска стабилност во регионот кој е соочен со притисок од миграцијата. Затоа мораме да ги засилиме напорите во борба против терористичките организации како Исламската држава. Во тој контекст парламентот на Унгарија донесе одлука да испрати 150 војници на линијата на фронтот. Исто така, даваме финансиска помош за развој на регионот од каде доаѓа миграцијата, но мислам дека таа помош треба да биде одржлива, затоа што овие земји треба да ги подобрат условите во нив со што лицата кои стануваат имигранти нема да бидат принудени од политички или од економски причини да ги напуштат своите домови“, рече Сјарто.Во контекст на најавите за затворање на границата на Унгарија со Србија, шефот на унгарската дипломатија истакна дека по воспоставувањето интензивна соработка со српските власти бројот на имигранти значително бил намален.Министерот за надворешни работи на Србија, вицепремиер и актуелен претседавач со ОБСЕ, Ивица Дачиќ, рече дека Србија и Македонија имаат ист проблем, а тоа е дека имигрантите влегуваат во нашите земји од Европската унија.„Согласно тоа, ЕУ треба внатре да разгледа механизми како нивните граници се така чувствителни и како поминуваат толкав број имигранти. Ние соработуваме со Унгарија, Австрија и Германија, но и со полицијата и државните органи на Македонија и ова мора да биде заеднички европски одговор“, порача Дачиќ, додавајќи дека не очекува Унгарија да ја затвори границата со Србија поради проблемот со имигрантите.Дачиќ се осврна и на актуелната состојба во Македонија, по случувањата во Куманово.„Како претседавач на ОБСЕ го испратив двапати во Македонија претставникот за Западен Балкан кој разговараше со државниот врв и претставници на опозицијата. Ние ги подржуваме сите настојувања на ЕУ ситуацијата да се реши во политички рамки, секако осудуваме секаков облик на загрозување на Македонија, како и секаков облик на насилство и тероризам“, истакна Дачиќ.На состанокот во Охрид присуствуваат министри за надворешни работи, заменици министри за надворешни работи, претставници на министерства за надворешни работи и/или нивни претставници од државите членки на ЦЕИ како Македонија, Албанија, Австрија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Унгарија, Италија, Словенија и Украина. Покрај нив, на состанокот ќе присуствуваат и специјални претставници од Европската Унија, Европската банка за реконструкција и развој, Секретаријатот на ЦЕИ, ОБСЕ, Совет на Европа, Советот на Балтички држави, РЦЦ и многу други./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Следната година нема „прогледување низ прсти“ ако директорите не нарачаат учебници на време
Директорите на училиштата треба многу сериозно да си ја сфатат работата дека се должни да ги почитуваат законите и да си ги нарачаат учебниците. Оваа година „прогледав низ прсти“, следната година нема да прогледуваме низ прсти затоа што има систем, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска која повторно, одговарајќи на новинарски прашања во врска со недостигот на учебници во некои училишта, порача дека директорите треба да го почитуваат упатството и правилникот за нарачување учебници во МОН.
Пред почетокот на панел-дискусија во Тетово, во рамки на кампањата на МОН „Магијата е во знаењето“, Јаневска кажа дека проблемот со учебниците е системски решен, укажувајќи дека одговорноста е на директорите на училиштата доколку не побараат доволен број учебници. Посочи дека се обезбедени средства, нови наставни програми и дека се печатат и нови учебници, па фали, како што рече, „само добрата поврзаност меѓу институциите и нивна функционалност“, посочувајќи ги и училиштата.
-Училиштата се дел од системот, директорите на училиштата се исто така дел од системот. Како што Министерството, Бирото, ДИЦ и сите други институции веќе многу сериозно си ја сфаќаат работата, така и менаџерите на училиштата ќе треба многу сериозно да си ја сфатат работата. Оваа година многу слободно ќе кажам, „прогледав низ прсти“. Следната година нема да прогледуваме низ прсти. Има систем, има упатство, има правилник. Директорите се должни да ги почитуваат законите и да си ги нарачаат учебниците. Зошто повторувам? Ако тие тоа не го направат, јас немам можност да им обезбедам дополнителна учебници. Затоа, отсега натаму ако нема учебници, обраќајте се на директорите, не на министерството, одговори Весна Јаневска.
На новинарско прашање дека наставници добиваат договори на дело па се уценувани од политички партии за учество во изборни кампањи пред да добијат решение за вработување на неопределено време, министерката не се согласи и рече дека не е исто како порано.
-Да, свесна сум дека се случувале такви нешта. Апсолутно сум против тоа, апсолутно нема оправдување. Во образованието треба да влезат најквалитетните наставници. Тие коишто се мотивирани да работат со деца затоа што тоа и не е лесна работа. Законот и не е така лош доколку не би се злоупотребувал. Ќе следува и нов закон за наставници, истакна Јаневска.
Таа посочи дека од тој аспект се повеќе се преземат иницијативи за оптимизација на училишната мрежа. За разлика од минатата година кога имало 150 училишта кои работеле во една смена, сега има 200 училишта кои работат така.
-Но, повторно велам, има уште еден податок кој мора да го имаме предвид – дека бројот на ученици е намален и директорите и раководствата на училиштата, вклучувајќи го и министерството, треба да водиме сметка за тоа како се вработуваат наставниците. А бидејќи како министерство и Влада сме направиле проекција за тоа како да ги заштитиме наставниците со додатна настава, дополнителна настава, клубови, изборни предмети, општествено корисна работа. Директорите треба да си се организираат и во оваа концепција да ги најдат часовите на наставниците. Јас веќе пет години зборувам на оваа тема. Тоа исто така во Македонија ќе мора да се спроведе ако сакаме подобар квалитет и ако сме чесни сами кон себе, сите треба да сме свесни за тоа што мора. Некаде нешто можеби и не мора, но ова мора да се направи. За да постигнеме успех, затоа што си ги застапуваме децата, а кога ги ускратуваме децата си ја осакатуваат државата, рече министерката.
Во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“, во Тетово денеска беше организирана третата панел-дискусија „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“. Претходно, панел-дискусии се одржаа во Скопје и Прилеп како дел од кампањата на МОН чија цел е да ја истакне суштинската улога на наставниците и значењето на нивната професија во општеството.
Македонија
Кузеска: Инфлацијата ги јаде платите, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се без план
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција ја критикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека реалните економски податоци ги побиваат нивните тврдења за економски бум во земјата.
„Секојдневно, реалните економски податоци и индикатори ги побиваат лагите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за наводен економски бум во државата. Последните податоци за инфлацијата потврдуваат дека, спротивно на уверувањата на власта дека инфлацијата паѓа, таа останува висока и ја јаде куповната моќ на граѓаните. Годишната инфлација во октомври достигна 4,5 проценти, а најголемо зголемување од 7 проценти е регистрирано кај трошоците за храна и безалкохолни пијалаци – основните производи без кои не може да живее ниту едно семејство“, рече Кузеска.
Таа додаде дека цените продолжуваат неконтролирано да растат.
„За 2,8 проценти се зголемени цените на мало во октомври годинава, споредено со истиот месец лани. Најголем раст има кај прехранбените производи – храната поскапе за 6,7 проценти, овошјето и зеленчукот за 4,3 проценти. Растот на инфлацијата и цените е јасен показател дека економските политики на власта се промашени и без никаков резултат. Сметката ја плаќаат граѓаните“, истакна таа.
Кузеска нагласи дека платите и пензиите не го следат растот на трошоците за живот.
„Ова е клучен показател дека секој ден животот станува сè поскап за македонските граѓани. Тие се принудени постојано да кратат, да пресметуваат, да избираат што нема да купат – затоа што приходите не им стигаат. Ова е реалноста. Ова се вистинските проблеми на граѓаните“, подвлече таа.
Според портпаролката на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема планови за покачување на платите и отфрла конкретни предлози на СДСМ, како минимална плата од 500 евра или укинување на ДДВ за прехранбени производи. „Сега е јасно: на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара граѓаните да живеат сè полошо. Целта е да ги обесхрабрат граѓаните и работниците да бараат подобри плати и приходи“, рече Кузеска.
Таа заклучи дека СДСМ ќе продолжи да предлага конкретни политики кои обезбедуваат подобар живот за сите.
„Со ВМРО-ДПМНЕ на власт расте само стандардот на профитерите. Расте експлоатацијата на работниците и сиромаштијата на граѓаните. Ништо друго добро не се случува во државата. СДСМ нема да молчи – и нема да молчат ниту граѓаните“, рече Кузеска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС е на стаклени нозе и продолжува да тоне
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на состојбата во СДСМ, нагласувајќи дека партијата е на „стаклени нозе“ и дека нема знаци на вистинска реформа.
„Јавноста беше сведок на историскиот дебакл на СДС на локалните избори годинава, каде партијата освои само шест општини, 126.000 гласови и околу 230 советници, а покрај ова ги изгуби и своите некогашни бастиони“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Од партијата додаваат дека претседателот на СДС, Венко Филипче, постојано најавувал реформи, но тие најави, бидејќи долго време не се реализираат, „со тек на време станаа само празни зборови“.
„Наместо вистинска реформа, гледаме континуитет на истите штетни пракси што ја доведоа партијата до состојбата во која се наоѓа денес“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие предупредуваат дека заевизмот и понатаму доминира во СДС и дека „се додека Филипче и неговиот ментор управуваат со СДС, партијата ќе продолжи да биде партија во слободен пад“.
„Доколку СДС не се консолидира, не се реформира и целосно не го искорени заевизмот од своите редови, партијата ризикува целосно да престане да постои како дел од македонската политика“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, потребна е конструктивна опозиција која ќе нуди решенија, а не „пolemичарење во празно“. „Венко Филипче како претседател на СДС не покажа ниту капацитет ниту пак некаква волја да ја извлече партијата од кризата“, стои во соопштението.
„Најавите за реформи на Филипче не се доволни сами по себе. Потребни се конкретни чекори, затоа неговата оставка е единствен логичен чекор и прв услов за СДС да има било каква иднина и можност за реформи“, заклучува ВМРО-ДПМНЕ.

