Култура
Нож и пердув пред велешани
Во сабота 24-ти април, од 20 часот во Ликовниот салон во Велес, во рамките на манифестацијата „Април-мај, месец на промоции“, книгоиздателството „Антолог“ ќе ја промовира книгата „Нож и пердув“ од Димитри Соле Љубин
Свој критички осврт кон делото ќе изложат Лилјана Узуновиќ, факултетски професор и преведувач, Мирјана Недева, магистер по филолошки науки и Весна Апасиева, новинар и професор по македонски јазик и литература. Промоцијата на делото „Нож и пердув“ од Димитри Соле Љубин, ќе биде проследна и со настапот на музичарите Антоније Аранѓеловиќ (на пијано) и Шерафедин Куртов (на 12 жична акустична гитара). Димитри Соле Љубин е велешанец, кој средното образование го стекнал во родниот град, а моментално ги завршува студиите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, на групата по италијански јазик и книжевност. Објавувал стихови во студентски и младински периодични списанија во Скопје и во Велес. Во 2004 г. ја објавува својата прва збирка поезија „Соларни симболи“. Земал учество на Рацинови средби како и на повеќе културни манифестации во Скопје и Велес. Работи како хонорарен професор и преведувач по италијански јазик. „Јас на прсти влегов, и на прсти, со жалење, излегов од тој свет. Но, нешто од него, чисто, топло и мило, остана во мене. Нешто нежно, што можеби сите сме го имале со дваесет и некоја. Пред да се расипеме.“, вели Лилјана Узуновиќ за делото на Љубин. Весна Апасиева, пок за книгата „Нож и пердув“, ќе запише: „Љубовта во овој роман „вреска” од секоја негова страница, изразена онака искрено, гола, без маски и опачини, без стравови и усилувања, во сите нејзини форми. Родителска, братска (побратимска), страстна, блудна. Ова е роман кој плени со исклучителната леснотија во читањето, користејќи симболи кои се симетрично, грижливо и чувствено вметнувани, колку да ја разубави, растрепери, но и разбистри, сликата за тоа каква порака авторот потсвесно ни испраќа.“ Според Мирјана Недева, симболиката на ножот и пердувот, како два лајт-мотива што се сретнуваат во романот, е особено интересна. „Ако ножот се разгледува како симбол на заштита и одмазда (одбрана), како значаен симбол на соларната и лунарната симболика (стар Египет), како симбол на слободата и моќта (американска традиција), и како фалусен симбол (Фројд), се добива впечаток дека ножот (или оној којшто го поседува ножот), на некој начин, ќе ја поседува и моќта. Но, од друга страна, пердувот, кој го следи ножот во овој случај, и кој со својата противтежа не може да се мери со него, може да стане посилно оружје “, вели Недева
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

