Економија
Швајцарските банки вратиле 1, 24 милијарди долари еврејски имот
Американскиот судија Едвард Корман од Њујорк го објави првиот привремен биланс од историскиот договор што во 1998 година го потпишаа швајцарските банки и Светскиот еврејски конгрес, а кој се однесува на поврат на еврејскиот имот без наследници, објави циришкиот еврејски весник „Таклес“.
Според извештајот, на преживеаните жртви од холокаустот, од кои некои имале сметки во Швајцарија, им се поделени 1,24 милијарди долари.
Швајцарските банки, обвинети дека со децении ги чувале еврејските сметки без наследници, во 1998 година исплатиле вкупно 1,25 милијарди долари на судот за решавање на тие барања во Цирих, кои судијата ги вложи во американски државни обврзници.
Според извештајот, пари добиле речиси 450.000 преживеани жртви на холокаустот и нивни наследници. Речиси 199.000 поранешни присилни работници на нацистичка Германија добиле 288 милиони долари, а 4.100 еврејски бегалци кои биле протерани од Швајцарија за време на Втората светска војна добиле 11,6 милиони.
Судијата овозможи исплата на 205 милиони долари за 236.000 жртви на нацистите кои живеат во голема сиромаштија, воглавно во поранешниот Советски сојуз.
Износот од 800 милиони беше предвиден за сопствениците на банкарски сметки или нивните наследници. Од нив поделени се само 726 милиони. Станува збор за 2900 исплати за 4600 сметки без наследници.
Судијата, исто така, во 2006 година одобрил исплата на пари за 12.300 барања, кои биле „веројатни, но недокументирани“. Семејствата добиле паушален износ од 5.000 долари.
Покрај тоа, во 2010 година исплатен е и додатокот од 45 отсто на оние кои веќе нешто добиле, бидејќи останале уште пари.
Административните трошоци на постапката не се познати. Според „Таклес“, судот чинел помалку од 800.000 долари. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

