Култура
„Кристалниот глубус“ на „Панкот не е мртов“ пристигна во Скопје
Веднаш по пристигнувањето во Скопје, режисерот Владимир Блажевски и продуцентот Дарко Попов остварија средба со новинарите по повод добивањето на наградата „Кристален глобус“
Филмот „Панкот не е мртов“ на 46-тиот Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари ја доби наградата „Кристален глобус“ во конкуренцијата „Источно од Запад“. Станува збор за фестивал од А-категорија во ранг на фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Локарно и Ротердам.„Радува фактот што филмот го почна својот интернационален живот на најубав можен начин за нас. Се надевам дека сега ќе го чекаат уште доста патувања и презентации и би сакал тоа да биде на сличен начин како што беше во Карлови Вари. Она што мене ми е најбитно е што филмот доби едно многу пријатно и многу зачудувачко препознавање од публиката на фестивалот“, изјави Владимир Блажевски, режисер на „Панкот не е мртов“, на прес-конференцијата во понеделникот во Филмскиот фонд на Македонија.На фестивалот во Карлови Вари биле прикажани 199 филмски остварувања, за кои биле продадени 126.302 влезници, а го следеле 649 акредитирани новинари и 814 филмски професионалци. Со фактот што стана добитник на награда, овие податоци ја навестуваат можната идна траекторија на прикажување на македонскиот филм.„Во текот на следните два месеца филмот веќе е поканет на фестивалот во Палич, потоа ќе го прикажеме во две селекции на фестивалот во Мотовун. Ќе следуваат проекциите во Херцег Нови, а за наесен ќе одиме на фестивалите во Солун, Котбус и Хихон“, објасни Дарко Попов, продуцент на филмот.Со оглед на фактот што филмот е снимен со мал буџет, дотолку повеќе изненади добивањето на награда на врвен филмски фестивал.„Тоа што филмот го правевме во герилски и голтарски услови не значи дека не бевме амбициозни, упорни и трпеливи. Иако филмот е снимен со малку пари, сепак, се задржани сите еснафски елементи“, потенцираше Блажевски.Реакциите на публиката на фестивалот биле искрени и, на моменти, дури и френетични.„Моите искуства од разговорите со публиката по проекцијата на филмот се дека ги препознаа сите димензии на филмот кои не се истакнати само во првиот план, значи не се само следење на голата приказна, туку ги препознаа и резовите со значење, и задкулисните слоеви на смислата што нашиот филм ги носи во себе. Тоа посебно ме израдува, бидејќи филмот е правен така што навидум изгледа поедноставно и попитко за следење, а сите други работи кои се појавуваат во втор или трет план, произлегуваат од целината. Токму таа глобална слика, каде што се препознаваат и локалните проблеми во филмот, и социјалните, транзициските, политичките, економските и психолошките моменти кои се дел од нашето општествено милје, публиката ги прочита и ги прими многу точно и многу убаво“, објасни Блажевски.Режисерот Блажевски нагласи дека наградата што филмот ја доби во Карлови Вари е заедничка награда на целата филмска екипа, која вложи многу енергија, време и ентузијазам во реализацијата на „Панкот не е мртов“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Две нови награди за „Неми Филмови“ на Господиновски во Русија и Тајван
Анимираниот филм „Неми Филмови“ на Крсте Господиновски, минатата недела освои две нови награди на меѓународни фестивали, наградата за „Најдобар интернационален краток филм“ на „Меѓународниот фестивал за краток филм Вижн“ во Кемерово, Русија и „Почесно признание“ на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм КУАНДУ“ кој се одржува во Тајпеј, Тајван.

Ова е втора по ред награда во Русија и втора награда во Тајван, по октомвриската награда на престижниот ТИАФ кој се одржува во Тајчунг.
Во септември филмот ги освои Гранд При наградата на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм Аниматор Фест“ во Јагодина и наградата од домашната публика на „Меѓународниот фестивал за краток филм Ѕирни“ во Скопје.

Од премиерата на фестивалот Анеси во јуни, „Неми Филмови“ досега е прикажан на 28 меѓународни фестивали и има освоено 7 награди.
Филмот е во продукција на Фокус Покус Филм и во копродукција на Флипбук Продакшнс, а е поддржан од Агенцијата за филм на Република С. Македонија.
Култура
Кавадарци го слави „Месецот на театарот“ со премиера на Чехов и богата програма во Домот на културата
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци го очекуваат повеќе настани од областа на театарската уметност.
Во четврток, на 13 ноември 2025, со почеток од 19 часот, Театарот при Домот на културата Кавадарци, премиерно ќе ја одигра претставата “Предлог за брак/Мечка“ по текст на Антон Павлович Чехов. Претставата е состав на две едночинки. Режијата е на Микица Илова.
Во првата едночинка играат: Александар Малинков , Ивана Секуловска ,Саше Орешков, а во втората едночинка: Елена Илова, Петар Стојанов , Мартина Илиевска. Суфлер: Дијана Мишова; Костимограф: Сара Милевска; Сценска подршка: тим на Дом на култура Кавадарци; Светло/тон: Пепи Ангелов.
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци е и организатор на манифестацијата “Месец на Театарот“ која годинава се оддржува по петти пат. Манифестацијата ќе биде отворена со изложба на избор плакати од претстави на Театарот при Домот на кутурата Кавадарци изминатите децении.
Официјалниот распоред е:
15.11 (сабота) Свечено отворање на манифестацијата со Изложба на театарски плакати
15.11 (сабота) “Ухљеби“, ДРАФТ Театар, Тузла, Босна и Херцеговина
17.11 (понеделник) “Петок 13“, Народен Театар Струмица
19.11 (среда) “Предлог за брак/Мечка“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
22.11 (сабота) “Госпоѓа Министерка“, Театар “Џинот“, Велес
25.11 (вторник) “Смртта на еден човек на Балканот“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
Сите претстави започнуваат од 19 часот.
Култура
Изложба на Иван Ивановски во Кина
Во Гуангдонг Сан Та Музејот за Уметност во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември 2025 година, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за Култура и Туризам на Република Северна Македонија.

Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика.
Фотографиите се на Даниел Коцев – Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.
![]()
![]()


