Скопје
Ќе се проширува улицата „Трета Македонска бригада“
Втората фаза од проширувањето на улицата „Трета Македонска бригада“, во Аеродром, со што таа целосно ќе стане булевар, почна во петок, во присуство на премиерот, градоначалниците на Скопје и на Аеродром и други високи функционери и граѓани.
„Градот Скопје денеска почнува уште еден во низата капитални инфраструктурни проекти – проектот за проширување и реконструкција на улицата „Трета македонска бригада“, втора фаза, на потегот од крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“ до улицата „Никола Карев“, делница долга 1.400 метри“, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.Со проширувањето, оваа тесна и нефункционална улица ќе добие четири сообраќајни ленти, зелен појас од 1,5 метри, велосипедска патека покриена со асфалт и широка два метра и тротоар покриен со бекатон плочки со ширина од три метри. Ќе се изгради и средишна разделна жардињера со ширина од пет метри, а градежните работи ќе се искористат за да се постави нова атмосферска канализација.Новиот булевар ќе прерасне и во вистински сервис за жителите на новите станбени згради што никнуваат по неговата должина. На булеварот ќе се постави ново осветлување со 81 столб за улично осветлување (73 столба од 10 метри и 8 столба од 12 метри) и светилки од 150 и 250 вати. За градежните работи, за дислокацијата на подземните инсталации и за осветлувањето на оваа новопроширена делница Градот Скопје ќе потроши околу 103,6 милиони денари. „Им препорачувам на граѓаните коишто ја користат оваа сообраќајница да бидат трпеливи и да ја приспособат брзината на движење според поставената времена сигнализација“, рече Трајановски. На проширување и реконструкција на улицата Трета македонска бригада, втора фаза, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев ќе работат екипите на градежната компанија „Ескаватори ДОО“. Премиерот Никола Груевски пред присутните нагласи дека со проширувањето и реконструкцијата на Трета македонска бригада, втора фаза Скопје ќе добие комплетно нов булевар и ќе се намали метежот во сообраќајот во овој дел на градот.„На новиот булевар ќе биде поставено ново осветлување коешто на пешаците и велосипедистите ќе им овозможи безбедно по новите и широки тротоари и велосипетски патеки да стигнат до посакуваната дестинација“, рече премиерот Груевски.Првиот дел од булеварот „Трета македонска бригада“, на потегот од булеварот „Србија“ до улицата „Фрањо Клуз“, беше проширен минатата година.За проширување, реконструкција и уредување на улицата „Трета македонска бригада“ – прва фаза – Градот Скопје вложи вкупно 147,2 милиони денари./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.

