Економија
Министерството за финансии ја објави спогодбата за „Јужен поток“

Македонското министерство за финансии во средата на својата веб страница го објави договорот со Руската Федерација за соработка при изградба на гасоводот-кракот за испорака на гас во Република Македонија.
Спогодбата предвидува двете страни да го помагаат проектирањето, изградбата и користењето на гасоводот-кракот од магистралниот гасоводен систем, кој се гради од Русија преку Црното море и териториите на трети земји, за испорака на природен гас во Македонија во случај да се потврди целисходноста на реализацијата на проектот гасовод-крак.Од македонска страна за утврдување на целисходноста овластено е акционерското друштво „Македонски енергетски ресурси“, а од руска страна отвореното акционерско друштво „Гаспром“.Овластените организации извршуваат анализа, чија цел е одредување на техничката, економската, еколошката и финансиската оправданост на реализацијата на гасоводот-кракот и врз основ ана нејзините резултати заеднички ја потврдуваат целисходноста.Доколку биде донесено решение за целисходноста на реализација на проектот гасовод-крак, истото треба да биде одобрено од компетентните органи на двете влади, за што меѓусебно ќе се информираат по дипломатски канали.Во случај да биде дадено зелено светло, овластените организации ќе основаат заедничка компанија за реализација на гасоводот-кракот, при што и македонскиот и рускиот основач ќе имаат по 50 отсто удел. Евентуална одлука за привлекување на нови акционери ја донесуваа усогласено.Трасата на гасоводот-кракот, вклучувајќи ја и географската точка на влез во Македонија и неговата проектирана пропусната моќ, се усогласува од страна на основачите на база на резултатите на техничко-економската пресметка.Конкретни обеми, услови и рокови на испораката на природниот гас преку гасоводот-кракот се определуваат со соодветни договори. Целта на спогодбата, меѓу другиот, е да придонесе кон зголемувањето на енергетската безбедност врз основа на осигурување на стабилна испорака на гас од Руската Федерација кон Република Македонија.Договорот беше потпишам на 23-ти овој месец во Москва, а двете страни оценија дека тој е добра основа за интензивирање на економската соработка меѓу двете држави.„Јужен поток“ започна да се гради минатата година. Предвидено е до 2015 година да се изгради морскиот крак под Црното море, а до 2018 година проектот целосно да биде завршен. Опозицијата деновиве ја повика македонската влада да го објави договорот што го потпишала со руската Федерација./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се зголемуваат цените на бензините, се намалува на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,21 % во однос на одлуката од 05.05.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,847%, кај дизелот има намалување за 1,511%, кај екстра лесното масло исто така има намалување за 1,181% и кај мазутот намалувањето е за 2,906%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,3599%.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,592 ден/кг и сега ќе изнесува 35,450 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 13.5.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од РКЕ.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка и зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем

Министерството за финансии презеде повеќе законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка со цел зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем и градење силни банки, кои се силен партнер во спроведување на политиките на Владата за поддршка на домашната економија. Ова го наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во новото издание на Е-билтен на Македонската банкарска асоцијација, објавен во април 2025 година.
„Законот за решавање банки е најзначаен чекор во овој сегмент, со кој се создава нова регулаторна рамка која ќе овозможи навремена интервенција во кредитни институции со проблеми и предуслови за одржување на финансиската стабилност и довербата на јавноста во банкарскиот сектор, со истовремено избегнување на значително негативно влијание врз финансискиот систем преку обезбедување континуитет на клучните функции на банката. Односно, заштита на депонентите и клиентите“, пишува министерката.
Таа додава дека Законот, чија примена се очекува во последниот квартал од годината, пропишува правила, постапки и инструменти за решавање банка, овластувања на Народната банка како орган за решавање банки, како и активности по започнувањето на постапката за решавање банка и дека на овој начин ќе се обезбеди спречување на несолвентност и намалување на негативните последици врз финансискиот систем.
Според министерката со инструментите за ефективно решавање банки што ќе се воведат, ќе се гарантира избегнување на користење средства од даночните обврзници за спасување на овие институции. Тоа, наведува, значи дека употребата на државни инструменти е ограничена и ќе може да се активираат само во исклучителни околности, по исцрпување на сите други опции. Од друга страна, појаснува, со воспоставување на Фондот за решавање банки, Народната банка ќе биде надлежна за управување со постапките и средствата во случаи на финансиски проблеми.
Законот значи воспоставување пазарна дисциплина и доверба во банкарскиот сектор, како и усогласување со европските стандарди, што е значаен чекор напред во унапредување на регулаторната и супервизорската рамка во нашата земја.
Во текстот најавува дека дополнително зајакнување на финансиската стабилност и зајакнување на целокупниот финансиски систем заради зголемување на сигурноста на банкарскиот сектор се очекува и со законската инцијатива за нов закон за банките. Целта на новото законско решение е да се постигне зајакнување на капацитетот на банките за адекватно управување со ризиците поврзани со нивните активности, како и за апсорбирање на потенцијалните загуби што можат да настанат во деловното работење, чија имплементација дополнително ќе го подигне нивото на квалитетен капитал на банките и ќе ја зајакне супервизијата.
Димитриеска-Кочоска подвлекува дека во сите овие активности важна и за истакнување е улогата на Народната банка, како и зајакнувањето на нејзината независност, што се овозможува со последните измени и дополнувања на Законот за Народната банка.
Министерката во објавениот текст ја истакнува важноста на банкарскиот сектор во спроведување на економските политики на Влада, напоменувајќи ги активностите кои се одвиваат во реализација на обезбедените 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании.
Економија
За првпат објавен Извештајот за спроведување на макропрудентната политика на Народната банка

Народната банка го објави за првпат Извештајот за спроведувањето на макропрудентната политика, со кој се овозможува транспарентен увид во карактеристиките на преземените макропрудентни мерки, начинот на нивното одредување, како и ефектите од нив. Преземените макропрудентни мерки беа насочени кон исполнувањето на посредните цели на макропрудентната политика за зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем и ограничување на структурните системски слабости, а преку тоа и исполнување на крајната цел за одржување на финансиската стабилност.
Целта на мерките насочени кон кредитокорисниците, коишто се применуваат од средината на 2023 година, беше намалување на ризикот од прекумерно преземање ризици од стрaна на банките и од појава на преголема задолженост кај физичките лица при поолабавени кредитни услови и следствено, намалување на веројатноста за остварување на ризиците при неповолни промени во општите економски услови. Мерките се состоеја од јасни правила за тоа колку може да се задолжи едно лице без да се загрози неговата финансиска стабилност, поврзувајќи ја висината на кредитот со висината на доходот на физичкото лице или со вредноста на станбениот простор којшто е заложен како обезбедување. Воведувањето на овие мерки имаше главно превентивен карактер, нивниот интензитет главно се вклопуваше во применетите кредитни политики и практики на банките, но тие го пренесоа сигналот на Народната банка дека треба барем да се задржат применетите критериуми при новото кредитирање на физичките лица.
Другата група мерки целат кон зајакнување на капиталната сила на банките и нивниот капацитет за справување со потенцијалните негативни ефекти од остварувањето на ризиците, а се состојaт од воведување дополнителни капитални барања, познати како заштитни слоеви на капиталот. Во периодот по воведувањето на заштитните слоеви на капиталот ‒ заштитниот слој на капиталот за системски значајните банки и заштитниот слој за зачувување на капиталот во 2017 година и противцикличниот заштитен слој на капиталот во 2023 година ‒ нивото на капиталот на банките е значително зголемено при што стапката на адекватност на капиталот е поголема за речиси 4 процентни поени, достигнувајќи едно од највисоките нивоа во изминативе две децении.
Макропрудентната политика, како клучна алатка за одржување на финансиската стабилност, беше институционализирана со измените на Законот за банките во 2016 година, a надлежноста на Народната банка како макропрудентен орган беше дополнително зајакната со Законот за финансиска стабилност од 2022 година и со измените на Законот за Народната банка во 2024 година, што овозможи проширување на спектарот на примена на макропрудентните инструменти за целите на одржувањето на финансиската стабилност. Со редовна анализа и можност за приспособување на инструментите, Народната банка и натаму ќе спроведува макропрудентна политика со која ќе овозможи одржување на стабилноста и сигурноста на банкарски систем, што е најважната претпоставка за финансиска стабилност и долгорочен економски раст, се наведува во соопштението на Народната банка.
Извештајот е достапен на следнава врска