Култура
Поетски книги од Бранко Цветкоски и Весна Aцевска во Полска
Во рамките на десеттото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Светски денови на поезијата“ чиј покровител е УНЕСКО, што се одржа во Варшава од 18 до 23 март беа објавени два поетски избори од современите македонски поети Весна Ацевска и Бранко Цветкоски
Репрезентативниот избор од досегашното поетско творештво на Бранко Цветкоски со наслов „Ликови во облаците“ го преведе полската преведувачка Ева Олшак. Во препораката кон книгата за овој автор се вели дека „неговиот поетски јазик и експонираната тематика го вбројуваат меѓу најубавите поети во словенскиот свет“. Како што е познато поезијата на Цветкоски во одделни книги е објавена на сите балкански јазици, како и на англиски, арапски, азерски, монголски, турски и на украински јазик.Поетскате селекција на Весна Ацевска на полски јазик ја преведе Рената Галашка – Василев и во книгата со наслов „Котва за Ное“ се објавени седумдесетина песни од досегашните поетски книги на македонската авторка. Со ова издание од лириката на Ацевска се збогатува листа на преводи на нашата позната поетеса и преведувачка. Имено нејзини книги до сега се појавија на романски, турски, албански, српски и на бугарски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Култура
Изложба на Марјан Стојаноски „Асоцијативни апстракции“ во Куманово
														На 06.11.2025 /четврток/ со почеток во 19 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложбата на Марјан Стојаноски – Асоцијативни апстракции. Се работи за циклус од дваесеттина слики работен во последните две години.
Марјан Стојаноски е роден во Прилеп 1983 година. Средно образование завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски” во Скопје. После завршување на средно образование, се запишува на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди, каде што под неговото менторство го завршува факултетот. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул” од друштвото на ликовни уметници од Прилеп Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби. Живее во Прилеп, каде што и работи во Центарот за Култура „Марко Цепенков”.
За неговото творештво сликарот Тони Чатлески ќе запише:
Во најновиот циклус дела на Марјан Стојаноски, линијата добива статус на жив организам — таа трепери, пулсира и го води гледачот низ еден слоевит свет на симболи, архетипови и интимни кодови. Секој потег делува како запис од некоја изгубена азбука, како визуелен документ на внатрешна археологија во која авторот копа по значењата на формата, идентитетот и меморијата.
Стојаноски успева да го задржи балансот меѓу контролираниот хаос и јасната визуелна мисла. Неговите композиции, иако на прв поглед спонтано фрагментирани, во суштина се длабоко структурирани – во нив се чувствува архитектура на линијата, ритам на повторување и контрапункт меѓу празнината и обликот.
Во делата доминираат мотиви на човечки профили, око, симболички знаци и геометриски структури што се преплетуваат во еден полуапстрактен, полунаративен простор. Тие не се приказ, туку ехо – одраз на мисловен процес што ја бара суштината на човекот меѓу духот и материјата.
Колористичкиот јазик е воздржан, но полн со енергија – сивите и окерните тонови ја создаваат атмосферата на стар ракопис или урбан фрескопис, додека црната линија дејствува како вектор на идејата, како знак на постоење.
Оваа изложба го претставува Стојаноски како автор кој го владее јазикот на современата експресија, но и како мислител кој преку визуелниот знак води дијалог со историјата на уметноста, особено со наследството на европскиот модернизам. Неговиот стил е искрен, енергичен и интелектуално зрел – сведоштво дека во македонското современо сликарство се појавува автентичен глас со сопствен систем на симболи и визуелна поетика.
„Археологија на линијата и духот“ не е само изложба – тоа е мапа на внатрешен универзум, испишана со боја, интуиција и храброст.
Изложбата ќе биде поставена до 13.11.2025.
Култура
Битола е подготвена за 11. издание на Шекспир фестивалот
Оваа година, во чест на 81 година постоење на Народниот театар Битола, на сцената на театарот, оживуваат вечните дела на Вилијам Шекспир – во интернационален театарски дух и со врвни продукции од Македонија и светот. Роденденот Битолскиот театар го слави со премиера и 11. издание на Битола Шекспир фестивалот кој се отвора со премиера на „Макбет” – НУ Народен театар Битола, Македонија.
Од 14. до 21. ноември публиката ќе има можност да ужива во претставите од Македонија, Полска, САД, Хрватска / Англија и Бугарија.
На програмата се:
– 15.11 – “Дванаесеттата ноќ” – Драмски театар „Александар Венгерко“, Бјалисток, Полска, режија: Игор Горжковски
– 17.11 – “Крал Лир” – “Lit Moon Theatre”, САД со почеток од 20 часот, режија: Џон Блондел
– 18.11 – “Еволуцијата на распадот” – Театарско здружение „Артема театарска лабораторија“, Скопје, Македонија, почеток 20 часот, режија : Дамјан Димовски,
– 19.11 – кореодрама “Само ти(и)ја / Only You (and I)” – Здружение на граѓани Тим Театрос К, Скопје , Македонија, режија: Војо Цветановски, почеток 20 часот
– 19.11– “Ричард III” – НУ Народен театар Битола, Македонија, режија :Мартин Мирчевски, почеток 21 часот,
– 20.11 – “Јас Писблосом / I, Peaseblossom” – “Hani-Tong Theatre”, Хрватска / Англија, режија: Филип Пар Монодрама базирана на извонредната ревизија на Шекспировата ,,Сон на летната ноќ,, од Тим Крауч,
– 21.11 – “Како што милувате / As You Like It” – Драмски театар „Стојан Бачваров“, Варна, Бугарија, режија: Габор Томпа (Романија).
Влезниците за премиерата на 14 ноември за отворањето на фестивалот се по цена од 300 денари, додека за останатите денови се бесплатни, но со претходна резервација преку смс на телефонскиот број 075/549-400 (секој работен ден од 10:00 до 15:00 часот) со следниве податоци: име и презиме, датум и име на претставата.
Резервациите се обработуваат по принципот „прв јавен, прв услужен“, а потврдата ќе ја добиете со повратна СМС порака со информации за подигање на билетите.
Вашата резервација е резервирана само доколку добиете потврдна смс порака. Поради ограничениот број на седишта за дел од претставите влезниците за истите се во мал број, па поради тоа принципот за резервација е “прв јавен , прв услужен”.
Култура
Македонски уметници учествуваа на ликовната колонија во Корча
														Во периодот од 28 октомври до 1 ноември 2025 година, во градот Корча, Албанија, се одржа Ликовната колонија „Visual Artists Colony – Korce2025“, поддржана од Western Balkans Fund. Настанот беше организиран во соработка меѓу неколку партнери од регионот, меѓу кои и македонската невладина организација Интеркултура, која беше еден од коорганизаторите на оваа иницијатива.
Во рамки на колонијата учество земаа шест уметници од Македонија, познати по своето богато уметничко искуство и препознатлив авторски израз. Заедно со колеги од цела Европа, тие работеа на создавање нови дела инспирирани од потребата за мир, заедништво и меѓусебно разбирање во Западен Балкан, како и од културното наследство и природата на Корча.
Програмата на колонијата опфати посети на музејот „Gjon Mili“ и Музејот на средновековна уметност, демонстрации на сликање на голем канвас во живо во West Park, како и отворени креативни сесии во Стариот базар и културно-историските локалитети на градот.
Кулминацијата на колонијата беше изложбата на уметничките дела во Галеријата на Градската библиотека во Корча, заедно со делата од меѓународниот симпозиум „Days of Mio“. Настанот претставуваше прослава на уметноста, регионалната соработка и културната размена меѓу уметниците од Западен Балкан.

