Економија
Санкциите кон Русија би можеле да ја вратат Чешка во рецесија

Евентуалните остри санкции на ЕУ кон Русија поради Крим и Украина, би можеле да ги загрозат и работните места во Чешка, и да ја вратат земјата во рецесија, проценуваат чешките аналитичари.
„Во Русија имаме релативно големи вложувања во вредност од 2,7 милијарди евра. Имотите на компаниите вредат и многу повеќе. Негативни последици врз чешката индустрија би оставила и национализацијата на странските компании во Русија, доколку се исполни најлошото сценарио”, изјавил за Lidove novini, потпретседателот на чешката асоцијација на извозници, Ото Дањек.
Според проценките на аналитичарите, меѓу најтешко погодените гранки би биле чешката автомобилска индустрија и туризмот. Секторот во кој во Чешка работат околу 230 илјади луѓе би морал да затвори околу 20 илјади работни места, доколку бројот на туристи од Русија би се преполовил, проценила агенцијата Mag Konsalting.
Минатата година Чешка ја посетиле 750 илјади руски туристи, а нивната потрошувачка претставува половина од она што во Чешка го трошеле странските туристи од трети земји, на просторот на Европската унија.
„Клучното прашање е дали во случајот на санкции, ќе бидат опфатени и испораките на нафтата и гасот”, изјавил економистот Павел Собишек.
„Во Русија одат пет проценти од чешкиот извоз. Кога би останале без основните суровини, пред се нафтата, не би биле во состојба тоа веднаш да го надоместиме, и чешката индустрија забележително би ослабнала”, изјавил Дањек.
Економистот Давид Марек предупредил дека и самото поскапување на цената на нафтата се пренесува врз економскиот раст.
„Поскапувањето на нафтата од сегашните 110 долари за барел, на 150 долари би значело и економски раст помал за 0,3 проценти отколку што Чешка очекува за оваа година, а за следната година тој би се намалил за 0,8 отсто”, рекол Марек.
Чешка во Европската унија е во редот на оние земји кои важат како заговорници за воведувањето на поблаги санкции, а чешкиот премиер Бохуслав Соботка и претседателот Милош Земан изјавиле дека земјата со својата извозно ориентирана економија не треба да повикува на трговска војна со Русија, поради Крим и Украина./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка успешно се справува со шоковите, оцени ММФ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во својата завршна изјава по редовната мисија согласно член IV, оцени дека Народната банка ефективно се справи со серија економски шокови, обезбедувајќи намалување на инфлацијата, стабилен девизен курс и сигурен финансиски систем. Народната банка, според ММФ, соодветно пристапи и кон постепено и внимателно олабавување на монетарната политика, следејќи ги економските услови и анализи.
„ММФ препорачува Народната банка да продолжи со претпазливата монетарна политика сѐ додека не се потврди постојан и одржлив пад на инфлацијата. Доколку некои од домашните ризици се остварат, се посочува дека Народната банка треба да е подготвена за повторно затегнување на монетарната политика, вклучително и преку управување со ликвидноста со расположливите инструменти, како што е задолжителната резерва“, соопшти Народната банка.
Во областа на финансиската стабилност, ММФ позитивно го оценува воведувањето на макропрудентните мерки како што се ограничувањата на односот заем ‒ вредност и долг ‒ доход, коишто веќе придонесуваат за намалување на ризиците на пазарот на недвижности и за заштита од прекумерно задолжување. Поддржано е и постепеното зголемување на контрацикличниот заштитен слој на капиталот на банките и дополнителните капитални барања, со цел да се зголеми отпорноста на банкарскиот систем, а во согласност и со европската регулатива.
ММФ ја нагласува огромната важност на зачувувањето на независноста на централната банка, како основа за стабилност на цените, девизниот курс и финансискиот систем.
Економија
Објавен годишниот извештај за работата на РКЕ: повеќе од половина од расположливите енергетски капацитети во државата се од обновливи извори

Повеќе од половина од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори (55,72%) – покажуваат податоците од Годишниот извештај за 2024 година на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Во извештајот се регистрира за прв пат поголема инсталирана моќност на фотонапонските електроцентрали (28,40%) во споредба со инсталираната моќност на хидроцентралите (24,13%).
„Со цел зајакнување на енергетската стабилност и независност, во услови на доминација на капацитетите од обновливи извори, неопходно е во претстојниот период да се поттикнат инвестиции што ќе обезбедат балансна енергија“, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Во делот со природен гас и топлинска енергија, РКЕ во Годишниот извештај ги нотира како значајни настани: завршената сертификација на Операторот на системот за пренос на природен гас НОМАГАС, како и отпочнувањето на постапките за издавање на лиценци на Друштвото за снабдување со пареа и топла вода ЕНЕРЏИ ЕКОЛИНК АД Скопје (поранешна Топлана Скопје Север).
Сублимираните анализи во секторот водни услуги го потврдуваат повторно високиот процент на неприходувана вода и во 2024 година. Регистрирани се загуби на вода на национално ниво во просек од скоро 64 %.
Економија
Димитриеска-Кочоска на Евроазискиот економски форум: Заеднички иницијативи и соработка за надминување на предизвиците

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на работната посета на Турција, денеска имаше воведно обраќање на 28. Евроазиски економски форум организиран од Мармара Фондацијата на кој истакна дека заедно преку заеднички идеи, иницијативи и соработка може да се надминат предизвиците пред кои се исправени сите.
„Годините што изминуваат особено ковид-пандемијата донесе една нова реалност и создаде многу предизвици со кои се соочивме и се соочуваме се уште. Војната во Украина, енергетската криза, инфлацијата, нови променети услови на финансиските пазари, актуелните политики со царините се неизвесности на глобален план кои повеќе или помалку ги чувствуваме сите, а напорите што ги вложуваме и енергијата за справување со нив е различна. Некој плива по брановите полесно, некој потешко, но заедно може да направиме многу повеќе“, рече министерката.
Таа додаде дека Македонија како мала и отворена економија она што се случува на глобално ниво, а особено во Европа, го чувствува и на домашен терен и затоа политиките на Владата се насочени на краток рок да се поддржи домашната економија со цел да се намали ударот од овие надворешни влијаниja и да се зголеми нејзината конкурентност.
При тоа истакна дека со Турција негуваме пријателски односи и дека таа е наш голем поддржувач во спроведување на реформите кои ќе го забрзаат нашиот пат кон цврст просперитет.
Министерката Димитриеска-Кочоска денеска ќе учествува и на панел дискусија во рамки на Евроазискиот економски форум на тема „Каде сме и каде сакаме да бидеме? Предизвиците дома и во Европа – пат до успешна иднина“.
Овогодинешниот Самит на Фондацијата Мармара е посветен на тема „Похуман свет“, каде се присутни евроазиски лидери кои зборуваат на актулени теми поврзани со екологија, економија, енергија, вештачка интелегенција, меѓународна соработка во здравствениот сектор и слично.