Култура
Три тони македонски книги на саемот во Франкфурт
Македонија денеска го отвори својот штанд на саемот за книги во Франкфурт
Македонија денеска го отвори својот штанд на саемот за книги во Франкфурт.
Со поканата “Откријте ја Македонија” на 56 метри квадратни со четири столба на кои се приказните за македонската археологија, Кокино, Плаошник, Старата скопска чаршија, со автентично отсликаните мозаици од Хераклеа, Македонија се претставува на саемот во Франкфурт со три тони книги од македонски издавачи и неколку интересни настани, кои треба да се случат во наредните пет дена.
На саемот на кој Македонија се претставува најорганизирано досега е присутна делегација од министерството за економија, а се очекува да пристигне министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа Милевска, за која организаторите од Германија подготвија посебно претставување на најголемиот саем за издаваштво во светот.
Инаку, на саемот во Франкфурт, под зголемени безбедносни мерки, поради неодамнешните закани на Ал Каеда, учествуваат повеќе од 7000 издавачи од 100 држави. /крај/со/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.