Регион
Вучиќ ги откажал патот во Брисел и разговорите со функционери од САД
Српскиот премиер на заминување и мандатар за составот на новата влада, Александар Вучиќ, ја откажал посетата на 21-ви јуни на европската престолнина Брисел, како и договорените билатерални средби со високи американски функционери по повод заминувањето во САД на 23-ти јуни со првиот директен лет на „Air Serbiа“ на линијата Белград – Њујорк, објави во понеделникот весникот Политика, повикувајќи се на добро известени кругови блиски на Вучиќ.
„И посетата на Брисел и заминувањето во САД се закажани и детално испланирани, така што откажувањето на патот во Брисел и средбите во Њујорк претставуваат големо изненадување, со потенцијално далекусежни политички последици“, пишува Политика.
И српската јавна телевизија ја објави веста за откажување на посетата на Брисел, како и дека во текот на престојот во Њујорк, Вучиќ сепак нема да се сретне со американските функционери.
„Посетата на САД не е билатерална, туку Вучиќ е гостин на првиот лет и во текот на престојот таму би требало да одржи билатерални средби со американски функционери, но тие средби ги откажа“, објави РТС повикувајќи се на извори во српската влада.
Политика натаму пишува дека во саботата не успеала од Вучиќ или од лица од неговиот кабинет да обезбеди потврда на тие информации.
„Во отсуство на таква потврда, крајно неблагодарно е да се шпекулира за причините за откажувањето од важните среди со челниците на ЕУ и на САД“, пишува натаму Политика нагласувајќи дека „сево ова се случува во деликатен политички момент, по вонредните парламентарни избори и додека земјата уште нема вала, а јавноста дури ни јасна претстава за тоа кои партии точно ќе влезат во составот на новата влада“.
Според информациите кои ги добила Политика, одлуката за откажувањето на патувањето во Брисел и претходно договорените средби со високи западни функционери, Вучиќ ја донел изминатиот викенд „по телефонски контакти со највисоките претставници на ЕУ“.
„Во текот на тие пристојни, но и крајно воздржани разговори, западните соговорници се известени дека Вучиќ нема да оди во Брисел сé додека не ја формира владата на Србија, па кој и да ја формира“, наведува Политика.
Вучиќ претходно најави дека владата ќе биде формирана пред 16-ти јуни и посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг, но во меѓувреме тој рок го пролонгираше за процесот на формирање на владата да не се совпадне со посетата на кинескиот челник. Потврди дека владата во секој случај ќе биде формирана во првата третина од законски предвидениот рок кој започна да тече од минатата седмица, кога беше конституиран српскиот парламент.
Истовремено од кабинетот на Вучиќ за понеделникот попладне е најавен негова заедничка средна со американскиот амбасадор Кил Скот и шефот на Мисијата на ЕУ во Белград, британскиот дипломатот Мајкл Девенпорт. Во најавата не се спомнати можните теми на разговорите, но состанокот се одржува неколку дена откако Европската комисија ги отфрли наводите на провлединиот таблоид Информер дека двајцата амбасадори наводно се покровители на заговорот против владата и Вучиќ.
Информер ги обвини Скот и Девенпорт дека се вмешани во обидот за радикализирање на протестите поради смените во покраинската Радио-телевизија Војводина и поради наводно неовластеното уривање на објект во белградската населба Савамаала, дел на десниот брег од реката Сава каде е планиран проектот „Белград на вода“, кој српската влада го прогласи за проект од национално значење и јавен интерес.
„Белград на вода“ е заеднички проект со компанија за недвижнини од Абу Даби, во износ од повеќе од три милиона долари, а од самиот почеток го следат контроверзии и опозицијата ја проблематизира неговата транспарентност./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Грчките земјоделци на протести поради стопираните субвенции од ЕУ
Грчките земјоделци одржуваат протестни демонстрации низ целата земја. Нивните барања се за продолжување на исплатата на субвенции и помош.
Грчките земјоделци ја обвинуваат владата дека намерно ги прикрива оние што ги украле европските субвенции. Министерството за аграрен развој ги суспендираше сите исплати на земјоделците додека не заврши истрагата за украдените субвенции од ЕУ. Обвинителството веќе поднесе обвиненија против над сто лица кои добиле субвенции од ЕУ со лажни документи.
Стотици земјоделци од целата земја протестираат со трактори пред Министерството за аграрен развој. Главната иницијатива е од сточарите од островот Крит, кои пристигнаа специјално за демонстрациите во грчката престолнина. Во Александрополис, тие го блокираа аеродромот за да го спречат премиерот Мицотакис да го посети регионот. Во Солун, десетици трактори го запреа сообраќајот на патот кон Халкидики. Друга голема група е пред Министерството за Северна Грција. Во Лариса, сообраќајот на автопатот е исто така блокиран.
Денешните протести се само предупредување, велат земјоделците. Земјоделскиот сектор покажува подготвеност за активни протестни акции. Пратениците од опозицијата и лидерите на партиите се придружија на демонстрациите во Атина.
Регион
Поплавени куќи, затворени училишта: поројните дождови предизвикаа колапс на грчкиот остров Лезбос
Ноќните поројни дождови на грчкиот остров Лезбос ги поплавија куќите и другите објекти на западниот дел од егејскиот остров и ги принудија локалните власти да затворат неколку училишта за инспекции и поправки, објави „Екатимерини“.
Најтешко погодени беа областите Калони и Скала, а жителите ја опишаа количината вода што падна на островот како невидена.
Одлуката за затворање сите училишта во западен Лезбос беше донесена како превентивна мерка поради интензивните и продолжени поројни дождови, кои зафатија значителен дел од островот предизвикувајќи прекини во сообраќајот и зголемувајќи го ризикот од патување за учениците и наставниците, наведоа локалните власти во соопштението.
Тие исто така им советуваа на жителите да се воздржат од непотребни патувања додека не се изврши целосна процена на штетите на патот.
Фото: принтскрин
Регион
Студентите во Србија пред Генералштабот: „Ќе го браниме со нашите тела“
Студенти од неколку белградски факултети и иницијативата Ансамбл на Генералштабот ќе се соберат денес во 11 часот пред зградата на Генералштабот под слоганот „Ние сме жив ѕид“. Како што најавија, ќе упатат усно предупредување до властите на Александар Вучиќ поради нивната намера да го урнат комплексот, кој беше оштетен во бомбардирањето на НАТО, објавува Nova.rs.
Организаторите нагласуваат дека денешниот собир ќе биде само најава за идните протести.
„Маршот од центарот на Земун започнува во девет часот наутро, а од Студентскиот плоштад во 10 часот, па сите се собираме во 11 часот пред Генералштабот. Подготвивме две претстави, по што во 11:52 часот ќе има 16-минутен молк“, објави Валентина Морачевиќ, студентка на Факултетот за применети уметности.
По оддавањето почит на жртвите, студентите ќе упатат јасно предупредување до Владата. „Кога ќе заврши оддавањето почит на жртвите во Нови Сад, ќе имаме усно предупредување за властите. Доколку не престанат со уривањето на Генералштабот, односно ако не ја заштитат зградата, ние ќе ја браниме со нашите тела“, нагласува Валентина.
Фото: ЕПА

