Култура
Битолските млади актери добија ново ветување

Младите актери од Битолскиот народен театар пред министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го образложија своето барање за раскинување на договорите за привремено вработување со јасен став дека бараат трајно вработување, по што тие добиле ветување дека ќе бидат вработени
„,Министерската се согласува дека договорот за привремено вработување не е најдобро решение и дека единствено решение е наше вработување. Таа ни образложи дека тие како министерство веќе побарале од Министерството за финансии трансформација на привремените вработувања во трајни што го поткрепи со документ. Од Министерство е добиена согласност и во почетокот на април ќе се отпочне со постапка за вработување, односно ќе биде објавен конкурс за вработување на осум актери во Битолскиот народен театар“, вели актерот Огнен Дранговски.Иако Министерката Елизабета Канческа-Миелвска побарала од нив да не ги раскинуваат договорите, сепак за тоа им оставила сами да одлучат.,,Тоа не го прифаќаме не поради недоверба во Министерството за култура, туку го правиме како претпазливост затоа што во минатото повеќепати ни беше ветувано, но не се случи и го правиме како израз на недоверба кон Управата на Театарот која се’ уште не’ смета за заменливи, луѓе инструирани од други страни кои не му го мислат доброто на театарот“, додаде Дранговски.Актерите не прифаќаат ниту понуда за поединечни вработувања.,,Нема простор за некој да не’ става во некаква група со политичка заднина. Остануваме докрај група од осум луѓе“, се надоврзува актерот Николче Пројчевски.Во меѓувреме актерите продолжуваат со пробите за претставата ,,Покојникот“ чија премиера треба да биде во средината на април.,,Пробите ги продолжуваме без договори и без паричен надомест, но нема да има претстави и нема да има премиера се’ додека нашите барања не се исполнат“, вели Дранговски.,,Слугинки“, пак, е претстава чија идеја потекнува од самите млади актери кои пројави незадоволство од нерешавањето на нивниот стаус а ќе се одигра како гостување на актерот Иван Јерчиќ.,,Претставата ќе ја играме, но иако првично постоеше идеја да биде како копродукција со НТБ, од минатата недела е заведена како гостување во Народен театар Битола“, вели актерката Илина Чоревска.Директорката на тетарот, пак, верува дека нема да треба замена за младите актери.,,Се надевам дека така ќе биде, во меѓувреме продолжуваат пробите за ’Покојникот’, но други претстави на репертоарот нема затоа што во сите се вклучени младите актери“, вели Мимоза Бакиевска, директорка на БНТ.Групата од осум млади актери се надева дека со ова ветување ќе се исполни и ветувањето од Премиерот дадено на јавната трибина во Битола. На театарската управа и’ порачуваат ова да биде поттик управата да се заложи за нивно вработување, наместо енергијата да ја троши за барање луѓе за нивна замена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.