Култура
„Алтернативни заедници“ со алтернативни уметници
Во Арт институтот во Скопје (поранешен Геолошки институт) вечерва, со почеток во 21 часот, ќе биде отворена изложбата на Марек Хајдук (Германија) и Иван Илиев (Македонија), насловена „Алтернативни заедници“, во организација на Ф.Р.И.К банда
Изложбата е дел од Германските недели 2009 и е претставување на „алтернативни уметници“, уметнички образувани надвор од формалните институции, кои под влијанието на сопствените алтернативни заедници храбро работат на создавање во областа на фотографијата и дигиталниот принт.На патот кон сопствената индивидуализација, некогаш криејќи се позади колективитетите, а некогаш свесно бидувајќи нивен дел, не случајно само привремено дел од нив и со неуспешни обиди случајноста да се претвори во бесконечност, создаваме или пак сосема едноставно стапуваме во мал милион заедници. Заедници во кои и во биолошка и во човечка смисла понекогаш делиме и повеќе или помалку отколку што би сакале…премногу гужва во автобусот или премалку луѓе во ноќниот клуб… љубопитни соседи или љубоморен партнер… владина или невладина организација… јавна куќа… фејсбук или мај спејс…Социјално адаптирајќи се, заборавaме на влијанието кое овие заедници го имаат врз нашиот идентитет и блискоста со другите. А единствено преку нив станува очигледна социјалната функција на јаството кое дејствува на скриен начин за да ги обедини индивидуите што си припаѓаат едни на други. Изгледа дека најзначајните приказни ни се случуваат токму во овие заедници. Во оние „нашите“, без разлика каде се, чии се и кому се познати.Иван Илиев (1981) живее и работи во Скопје. Учествувал на повеќе групни изложби на фотографија во Македонија. Награда на групна изложба во Сараево. Фотографии публикувани во списанието „Маргина“ и весникот „Вест“.Марек Хајдук (1981) живее и работи во Германија. Од 2002 година работи во реномирани компании за дизајн во Германија. Учествува на повеќе групи изложби во Германија и Австрија. Од 2009 година работи како самостоен автор. Илустрациите му се објавувани во многу германски спијанија („Financial times“, „Impuls“, итн)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со омаж ќе биде одбележана 20 годишнината од смртта на писателот Зоран Ковачевски
НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно со општина Охрид утре – среда со омаж посветен на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски ќе ја одбележат дваесет годишнината од неговата смрт.
Зоран Ковечевски е македонски раскажувач и романсиер, припадник на генерацијата писатели кои творат во духот на критичкиот реализам.
Роден е во Светозарево – Србија, на 15 април 1943 а починал на 21 јануари 2006 во Охрид. Ковачевски ги завршил студиите по право на Белградскиот универзитет. Поголемиот дел од животот го поминал во Охрид како вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и како судија во Основниот суд. Бил член на ДПМ од 1957 година. Автор е на книгите: Охридски приказни (раскази, 1974), Семејна фреска (роман, 1976). Летачи на метли (роман, 1980), Аристотел од Ресен (раскази, 1984), Добрина (раскази, 1990), Одмазда (роман, 1992), Историја на светото дело (роман, 1993), Пејач (раскази, 2000), „Кога ни петлите не пеат“,( раскази 2002). Добитник е на наградата „Мисла“ (за роман).
За творештвото на Ковачевски во рамките на настанот ќе зборува поетот Славе Ѓорѓо Димоски а ќе бидат прочитани и извадоци од рецензии за дел од творештвото на Ковачевски напишани од познатите македонски критичари Димитар Пандев, Милан Ѓурчинов и Тодор Чаловски.
Омажот за Ковачевски ќе се одржи утре во 10 часот во НУ Библиотека во Охрид.
Култура
Македонскиот филм „17“ на Берлинскиот филмски фестивал
Новиот македонски долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е селектиран во програмата „Перспективи“ на овогодинешниот 76-ти Берлински Филмски Фестивал.
Ова беше денес соопштено во Берлин, со што филмот на режисерката Митиќ ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“, во која се селектираат и натпреваруваат најдобрите дебитантски филмови, на светско ниво.
Во Берлинале Перспективи, македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал
Култура
Изложба на фотографии и проекција на документарен филм „Старата скопска чаршија: визии за иднината”
Францускиот институт во Скопје со најава за изложба на фотографии и проекција на документарен филм кои беа реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината”, во соработка со Гете Институтот во Скопје и поддршка на Универзаланата сала.
Проектот имаше за цел да ја стимулира креативноста кај младите, да го промовира историското наследство на Скопската чаршија и да понуди креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина.
Проектот ја нагласи важноста на меѓународната соработка за зачувување и валоризација на ова заедничко наследство, нагласува организаторот.
Во рамките на проектот беа реализирани пет работилници – по видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура – во кои учествуваа повеќе од 25 студенти од различни факултети во Скопје, работејќи со реномирани меѓународни и домашни артисти, режисери и професори.
Свеченото отворање ќе се одржи во четврток, 22 јануари 2026 година, во 19:00 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан.
Настанот ќе го отворат: Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција и Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија.
По повод одбележувањето на Елисејскиот договор, Францускиот институт во Скопје во соработка со Гете Институтот ја организира оваа изложба на фотографии реализирани од студентите што учествуваа во работилницата со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве.
Фотографиите претставуваат спој на старите и нови градби, обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија, откривајќи ги нејзините мултикултурни аспекти, лица, споменици и сокаци.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град. Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија – амбиентот во кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет.
Во рамките на настанот, свечено ќе им бидат доделени благодарници на сите учесници на проектот.

