Економија
Македонија и Турција ќе ја јакнат соработката во земјоделството

Меморандум за разбирање меѓу Македонија и Турција за соработка во областа на земјоделството потпишаа во четвртокот во Анкара, македонскиот министер за земјоделство, Љупчо Димовски и турскиот министерот за храна, земјоделство и сточарство, Мехди Екер.
Предвидено е да се формира комитет за управување во земјоделството кој во иднина редовно ќе се состанува за разгледување на моменталната состојбата како и носење на одлуки кои ќе се спроведуваат.Димовски информираше дека согласно меморандумот, соработката меѓу двете земји ќе се реализира во областа на растителното производство, производството и обработката на суров тутун во лист, сточарството, рибарството и аквакултурата, органското земјоделско производство, прехранбената индустрија, истражувањето, руралниот развој, шумарството како и други области. Оваа соработка ќе се реализира преку размена на искуства, информации, експертска помош, студиски престој и стручни обуки, семинари, симпозиуми, саеми и конференции, но и во други форми на техничка соработка, рече Димовски.Тој му се заблагодари на министерот Екер за досегашната поддршка и истакна дека двете земји имаат заедничко минато кое ги поврзува а особено го истакна фактот дека Турција е земја пример кој многу бргу се развива, посебно во областа на земјоделството од каде може многу да се научи. На заедничката прес конференција министерот Екер рече дека Балканот и земјите во него за Турција претставуваат порта кон Европа и оттаму големото значење кое го има Балканот за нивната земја. Тој истакна дека е потребно да се зајакнат меѓусебната соработка помеѓу овие земји и Турција а од посебно значење ја истакна соработката со Македонија. Во врска со поддршката кон Република Македонија, Екер истакна дека таа ќе продолжи и во иднина а особено техничката поддршка. Истовремено Министерот Екер напомена дека двете држави во сите области ја имаат зајакнато меѓусебната соработка а доказ за тоа е тоа што во 2012 година меѓусебната трговска размена изнесува околу 378 милиони долари додека соработката во земјоделството изнесува 27 милиони долари. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.