Македонија
Тодоров: Уште една потврда дека производ од „Екстра Меин“ е причинител за листеријата
Резултатите од анализите на изолатите на листерија земени од заболените и починати лица направени во две најпознати акредитирани лаборатории потврдија дека производ на компанијата „Екстра Меин“ е причинел на листеријата во Македонија, соопшти во петок министерот за здравство, Никола Тодоров.
Резултатите од анализите од Институтот Пастер во Париз, кој е референтна лабораторија на СЗО за листерија, и од лабораторијата Ансес, исто така во Париз, која е референтна лабораторија на Европската Унија за листерија моноцитогенес во храна, пристигнале во Министерството за здравство во четврток.
„Денеска имам обврска да ја информирам македонската јавност дека резултатите и од двете референтни лаборатории ги потврдија во целост досегашните наоди добиени во националната референтна лабораторија при Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје. Двете лаборатории потврдија дека станува збор за потполно идентичен генотип кај изолатите од храна и изолатите од хумано потекло, односно двете лаборатории во целост ги потврдија резултатите кои Министерството за здравство претходно ги имаше објавено – дека причинител за листерија кај заболените и починатите пациенти е производ од компанијата „Екстра Меин“ од Куманово“, истакна Тодоров.
Министерот додаде дека со овие резултати МЗ „конечно става крај на шпекулациите и наводите дека сѐ уште не е најден виновникот за листеријата“.
Тој потсети дека до 21-ви јули кај седум случаи беше лабораториски потврдено присуство на бактеријата листерија, од кои три завршија со смртен исход, потоа во релативно краток период беа регистрирани уште три случаи, така што крајниот исход од појавата на бактеријата листерија беше: 10 заболени, од кои пет смртни случаи.
После извршена анализа на голем број мостри од индустријата за храна од животинско потекло, единствено кај еден вид производ – вакумиран сечкан свински врат, произведен од „Екстра-меин“ од Куманово, беше докажана listeria monocytogenes, а извршената генотипизација покажа 98% (потполна) идентичност со генотипот на листеријата која предизвика заболување кај луѓето.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со новиот закон ќе биде забрането пушењето цигари пред игротеки и на места каде што се чека во редица за билети
Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето е предвидено регулирање на пушењето на отворени јавни простори каде има присуство или движење на повеќе луѓе. Поконкретно, станува збор за простор околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни настани, спортски и културни настани, како и места наменети за деца, млади и семејства.
„Ова е особено важен аспект од законската рамка, имајќи предвид дека кога луѓето се блиску, чадот и аеросолот директно се вдишуваат, а изложеноста е непосредна. На јавни отворени простори граѓаните немаат реален избор да се оддалечат, а особено децата, постарите и хронично болните. Законот интервенира само таму каде што постои неизбежна изложеност на други лица, со цел јавниот простор да биде здрав простор за сите“, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Посебен акцент е ставен нa локациите каде луѓето не можат реално да избегнат изложеност на чадот од цигари, како на пример, при чекање во ред, простори на отворено каде се престојува подолго и други јавни собири на отворено. За илустрација, луѓето кои чекаат во редица за да купат билет за влез во установа од областа на културата или за влез на спортски натпревар, реално не можат да избегнат изложеност на чад од цигари. Целта на предлог-законот е да се заштити здравјето на оваа категорија население.
Исто така, во делот на регулирање на пушењето на отворени јавни простори, посебно е ограничено пушењето на места наменети за деца, млади и семејства, како на пример пред детските игротеки, каде најмладите не би можеле да избегнат изложеност на чад од цигарите.
Отворен простор не значи автоматски безбеден простор, доколку истиот е функционално ограничен или кога луѓето се наоѓаат на мало растојание и се директно изложени на чад од цигари. Токму затоа, ова е еден од клучните аспекти на законската рамка за заштита на здравјето на населението, а особено на најмладите, појаснува министерот Алиу.
Македонија
Со поддршка од ЕУ, поставени темелите за регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион
Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со проектниот конзорциум ENVIROPLAN S.A. (лидер) – WEGlobal, денеска во Скопје ја одржа завршната работилница од проектот „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион (NEAR/SKP/2022/EA-RP/0137)“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата, со што формално беше означено завршувањето на имплементацијата на проектот.
На отворањето на настанот, поздравни обраќања имаа заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, и раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Штефан Худолин, при што беше истакната стратешката важност на проектот за воспоставување интегриран, одржлив и со европските стандарди усогласен систем за управување со отпад на регионално ниво.
Целта на работилницата беше да се презентираат целите на проектот, клучните активности и постигнатите резултати, како и да се отворат дискусии за следните чекори во насока на целосна имплементација на регионалните системи за управување со отпад во двата плански региони, во согласност со европското законодавство и Зелената агенда за Западен Балкан. Проектот претставува клучен предуслов за премин од фрагментирани кон системски решенија во управувањето со отпадот.
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска нагласи дека проектот претставува значаен исчекор од планови кон реализација:
„Овој проект покажува дека европските политики не остануваат само на хартија, туку се преточуваат во конкретни и мерливи резултати на терен – преку зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на инфраструктурата и создавање услови за одржливо управување со отпад.“
Таа додаде дека реализираните активности создаваат стабилна основа за следната фаза:
„Со овој проект ги поставуваме темелите за воспоставување функционални регионални системи за управување со отпад, со јасна визија за нивна изградба и практична имплементација, во интерес на граѓаните и животната средина.“
Проектот, кој се спроведуваше во период од 24 месеци, опфати изработка на стратешки и технички документи, студии за влијание врз животната средина, зајакнување на капацитетите на општините и јавните комунални претпријатија, како и набавка на возила и контејнери за сите 18 општини во Источниот и Североисточниот регион. Со проектните активности, особено во Источниот регион, беа затворени и критични и нестандардни локации, со што беше даден јасен придонес кон намалување на дивите депонии и унапредување на еколошките стандарди.
Проектот претставува значаен придонес во процесот на усогласување со законодавството на Европската Унија во областа на животната средина и е составен дел од спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан, како и од националните напори за воспоставување одржливи и модерни системи за управување со отпад.
Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски политиката ја сведе на таблоид
Премиерот Мицкоски политиката во земјата ја сведе на ниво на таблоид. Наместо решенија и одговори за проблемите со кои граѓаните се соочуваат, сведоци сме на празни изјави на премиерот на ниво на жолт печат, без суштина, без реална политика, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Ова не е политика, туку дефокус. Дефокус од катастрофалната состојба во земјата, од реалноста и од проблемите, а тоа е примарна цел на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ. Додека течат криминални тендери зад грбот на народот му се сервираат измислени афери, црни кампањи, јавен линч врз опозицијата“, рече тој.
Последниот пример, додаде Филипче, е сите да се занимаваат со лажните вести на Алфа ТВ и црната кампања на ВМРО против мене, со Жан Митрев, додека се увезуваат 10.000 „економски работници“.
„Ќе објават една лажна вест за зграда во Дубаи, а во позадина ќе протуркаат Декрет во Собранието. Целото внимание намерно се насочува кон нешто измислено. Ќе објавуваат нова измислица освен зградата од 42 ката во Дубаи, некое патување во Дубаи преку Венеција., а во позадина се протнува Закон за странци како вовед во носењето на мигранти, односно „економски работници“. Објавуваат лага на Жан Митрев на Алфта ТВ, нов фабрикуван случај „рекет“ а под маса си делат тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општините, 1,2 милиони евра тендери преку пошта, 9 милиони евра тендери за фирма со двајца вработени. Во следните денови следат нови бомби, нашиот АКТ тим работи врз основа на информации коишто се аплицираат на нашата антикорупциска платформа. Огромен број од информациите доаѓаат од членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту една институција досега нема преземено ништо за ниту еден од овие скандали“, рече Филипче.
Тој истакна дека секогаш кога ќе излезе некоја измислена, фабрикувана афера, тоа е дефокус.
„Секогаш кога ќе прочитате текст од кујните на ВМРО, Вие, почитувани граѓани треба да знаете дека се случува уште една пљачка зад вашиот грб. Прават дефокус за вие тоа да не го видите. Планот е едноставен: изолација, избори, па мигранти за пари. Но разоткриени се и ова нема да помине. Секој нивни чекор го знаеме однапред“, рече лидерот на СДСМ.

