Македонија
Бошкоски: Својот завршен збор ќе го дадам во друго време
Мојот завршен збор ќе го дадам во едно друго време, во време кое доаѓа, рече поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски кој е обвинет за двократното убиство на Марјан Тушевски и Киро Јанев, кое се случи во центарот во Скопје, во 2001 година.
Бошкоски пред судот во четврток го даваше својот завршен збор во којшто најави дека набрзо ќе ги отвори вратите и тајните и ќе ѝ презентира на македонската јавност сѐ што има направено за време на хашките денови.Сепак, не го читаше романот „Браќа Карамазови“ на Достоевски како што најави, но го препорача овој роман, за да се направи паралела за „апсурдниот“ судски процес што се води против него.Својот револт за овој процес, во којшто неколку пати беше отстранет од судницата поради недолично однесување, го објасни со непочитувањето на правната држава од страна на судот. „Имаме докази за телефонски разговори во кои се кажуваат годините и висините на казните. Во скопски кафеани се договара висината на казната, не само за мене, туку и за другите кои се во Идризово. Судот е нем послушник на извршната власт. Јас и кога барав психијатриско вештачење за судијата не мислев никого да навредам, туку да им помогнам на судиите да си ја отворат душата за притисокот којшто им се врши и дека условите за работа се ненормални“ рече Бошкоски.Тој порача дека никој во оваа држава не може да ги крши Уставот, законите и меѓународните договори коишто се ратификувани во македонското собрание, мислејќи на договорите коишто ги има потпишано Македонија со Србија, БиХ и Хрватска за испорачување на нивни граѓани.Неговиот адвокат на минатото рочиште отрки дека судот две години знаел дека двајца од обвинетите, извршители на убиството се од БиХ, а не од Србија, но и покрај тоа ги барал во Србија „Двајца од извршителите на убиството не се српски државјани, туки државјани на БиХ. Некој како судијата Илија Трпков си зема за право да помине преку тоа, без да размислува за последиците и на тој начин почнува сам да си го пишува обвинителниот акт за злоупотреба на службената должност“ додаде Бошкоски.Тој му забележа на судијата дека се изживува со немоќни лица и дека крие докази, иако се трудел од петни жили да ја убеди јавноста дека работи законски. „Овој процес е циркус, но болен процес во којшто имало жртви , жртви кои се измачуваат во притворите во затворите. Денеска не давам завршен збор, ниту на крај памет не ми е да барам ослободителна пресуда, од судски совет кој не го признавам, не можам од лицето И.Т. да барам да ме ослободи, туку да размислува, да се подготвува за одбрана за обвинението кое ќе биде покренато против него. Се гледаме во поубави времиња“ заврши Бошкоски.За случајот „Ровер“ им се суди на десет лица, меѓу кои поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски кој првично беше осуден на 12 години затвор за ова дело.Србите Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, на кои им се судеше во отсуство, добија доживотна казна затвор, Зоран Трајковски, доби 10 години затвор, Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, добија по осум години затвор, Гоце Митревски и Никола Негриевски добија по шест години затвор.Во завршни зборови, Oбвинителството се откажа од гонење на пет обвинети, тогашни помлади инспектори во Секторот за набљудување и документирање при МВР, поради недостиг на докази против нив.Бошкоски е обвинет за помагање на убиството, а моментално ја издржува затворската казна за случајот „Кампања“, во којшто е обвинет за нелегално финансирање на политичката кампања за претседателските избори во 2011 година./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ТИТАН Усје: Неоснованите напади само кон една компанија се неразбирливи – фабриката не работи, а загадувањето е високо
И покрај сите факти и докази кои потврдуваат дека компанијата работи согласно домашната регулатива и кои беа јасно потврдени од страна на релевантните институции, продолжуваат нападите кон ТИТАН Усје. Овие напади не само што се тенденциозни, бидејќи не се засновани на факти, туку на произволни толкувања, тие истовремено отвораат и дилема, од кои причини и мотиви неосновано „прстот“ се посочува само кон една компанија, која е значајна за националната економија, и додава нова вредност за вработените, за заедницата и за сите наши партнери. Што е најважно, овие напади ниту малку не придонесуваат кон изнаоѓање на решение за загадувањето во Скопје.
Дека компанијата не е причина за ваквите состојби, покрај другото, зборуваат и фактите од последните неколку дена. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работат – едната од 20.12.2025 година, а втората од петокот на 16.01.2026 година. И покрај тоа што ТИТАН Усје целосно не работи, во петокот на 16.01. највисоката вредност на ПМ 10 честичките достигна 275 микрограми на кубен метар, во саботата (17.01.2026) – 250, во неделата (18.01,2026) – 143, во понеделникот (19.01,2026) – 190 и вчера, во вторник (20.01.2026) – 221 микрограми на кубен метар. Оваа состојба се потврдува секоја година.
ТИТАН Усје е компанија која не само што работи согласно законите и е носител на А-интегрирана дозвола, таа е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни преку неделни извештаи. Мерењата на оџаците во Титан Усје се одвиваат согласно законската регулатива која ја пропишуваат институциите и е усогласена со европските директиви. Дека нашето работење не е поврзано со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје зборува и фактот дека и кога компанијата не работи, загадувањето е високо.
Како компанија која е дел од интернационална групација, ТИТАН Усје во континуитет инвестира во модернизација на технолошките процеси . Изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за намалување на влијанието врз животната средина.
Искрено веруваме во потребата од еднаков третман на сите ентитети во земјата и согласно принципот на владеењето на правото очекуваме нашето работење да се опсервира и оценува низ призмата на стручноста и законите, а не преку лични и паушални ставови.
Остануваме отворени за конструктивен дијалог со сите релевантни партнери во насока на изнаоѓање на трајно решение во интерес на сите, се додава во соопштението.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка, утре со врнежи од дожд и снег претпладне , попладне облачноста ќе се намалува
Висината на снежна покривка во 16 часот на Попова Шапка изнесува 34 сантиметри, 17 сантиметри се измерени во Маврови Анови, 12 во Битола, 7 во Ѓуриште, 5 во Тетово, Крушево (во 13ч), 3 сантиметри во Претор, 2 во Штип, Демир Капија, 1 во Крива Паланка, Прилеп, Виница.
До крајот на денот ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег.
Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне ќе има локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од снег. Попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 0, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
До сабота времето ќе биде променливо облачно со пораст на дневната температура. По одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела во попладневните и ноќните часови, кога на повисоките места ќе преминуваат во снег.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Најсилната општина е онаа што ги слуша своите граѓани
Денес во oпштина Кисела Вода се одржа работен состанок меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и референтите и претседателите на месните и урбаните заедници од општината, со цел директно согледување на потребите, проблемите и барањата на граѓаните.
Градоначалничката се информираше од прва рака за состојбите на терен, преку луѓето кои се првиот и најблискиот контакт на граѓаните со локалната самоуправа. Месните и урбаните заедници претставуваат прва адреса каде што жителите ги изнесуваат своите проблеми, без потреба да доаѓаат во општинската зграда, туку најблиску до своето место на живеење. Токму таму најчесто се евидентираат секојдневните предизвици, инфраструктурните потреби и конкретните барања, кои потоа се пренесуваат до раководството на општината.
Во општина Кисела Вода функционираат вкупно 15 месни и урбани заедници, што овозможува поефикасно работење на општината и побрза, подостапна услуга за граѓаните. Ваквиот модел на децентрализирана комуникација значително придонесува за подобро функционирање на локалната самоуправа и навремено решавање на проблемите, истакнуваат од таму.
На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите од Секторот за месна самоуправа од општината, беше потенцирана важноста од континуирана и интензивна соработка, при што беше договорено навремено да се интервенира за сите прашања што се во надлежност на општината, но и координирано да се постапува во оние случаи каде што решавањето на проблемите зависи од Град Скопје или од централната власт.
-Претставниците од месните заедници се нашите очи и уши на терен. Преку нив имаме директен увид во реалните потреби на граѓаните и можеме побрзо и поефикасно да реагираме. Нашата цел е силна, отворена и двонасочна комуникација, затоа што само така можеме да градиме општина што навистина им служи на своите жители. Денешниот состанок е потврда дека заеднички, со уште поголема соработка, можеме да ги решаваме проблемите, и локалните, и оние што бараат поширока институционална координација- изјави Стаменкоска-Трајкоска.

