Култура
Вечерва во Велес концерт на Симон Трпчески

Македонскиот пијанист Симон Трпчески, во рамки на концертната турнеја низ Македонија, вечерва во салата „Бели мугри“ во Велес ќе одржи концерт
На концертот кој е од хуманитарен карактер Трпчески ќе настапи со дела од Хајдн, Моцарт, Шопен и најновите дела од македонскиот композитор Панде Шахов, а кои премиерно ги изведе неодамна во Лондон.Симон Трпчески на денешната прес-конференција изјави дека овие дела ќе станат многу познати и прифатени бидејќи станува збор за песни кои се познати на народот, како „Си заљубив едно моме“, „Ајде поминувам заминувам“, „На Струга дуќан да имам“ и посебно убава велешката песна, „Сербез Донка“.Маестро Трпчески на прес-конференцијата изјави дека има мали потешкотии на овој четвртти дел од турнејата низ Македонија, но затоа сето тоа го надополнува како што рече со прекрасниот фидбек што го добива од публиката. „Тешко е да се опише чувството со кое луѓето мене ме впиваат и ме даруваат со аплауз и тоа е уште еден показател за големиот дух и љубов кон културата што ја има овој народ во целата земја, насекаде каде што настапив“, вели Трпчески кој најавува дека на неговиот концерт во Велес вечерва ќе настапат и двајца велешки уметници на кои не им го откри името и додаде дека сака да биде изненадување за публиката.Вечерашниот концерт е во рамки на програмата на Општина Велес по повод Денот на ослободување на Велес, 9-ти Ноември, а градоначалникот Горан Петров му се заблагодари на маестро Трпчески за прифаќање да настапи во Велес со празничен концерт посветен на градот.Концертот е финансиски подржан од Министерството за култура во соработка со општината Велес и Здружението „Културоп“, кое две години ги подржува концертите на Трпчески.Ова е втор настап на Трпчески во Велес. Првиот беше пред две години во салата на општина Велес. Трпчески овојпат ќе свири во реновираната со одлична акустика концертна сала „Бели мугри“, која е во склоп на Градската библиотека, а на неодамна набавениот нов концертен клавир од марката „Стенвеј“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.