Македонија
Работилници во училиштата за поголема толеранција меѓу младите

Едукативни работилници со кои ќе бидат опфатени околу три илјади ученици од прва и втора година од средните скопски училишта ќе се одржат во текот на учебната година, во рамки на проектот „Скопје-град без насилство“.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и директорот на ЈСП, Мишо Николов, во петок го промовираа проектот за подобрување на безбедноста на јавни места и зголемување на толеранцијата меѓу младите „Скопје-град без насилство“.
Министерот Јанкуловска потенцираше дека со проектот во учебната 2014/2015 година ќе бидат опфатени шест средни училишта, односно „Здравко Цветковски“ – Општина Карпош, „Цветан Димов“ – Општина Чаир, „Браќа Миладиновци“ – Општина Кисела Вода, „Панче Караѓозов“ – Општина Центар, „Владо Тасевски“ – Општина Аеродром и „Марија Склодовска – Кири“ – Општина Аеродром. Во овие училишта ќе се одржат околу 100 едукативни работилници, со кои ќе бидат опфатени околу три илјади ученици од прва и втора година, а активностите ќе се спроведат во сите класови без исклучок.
Исто така, Јанкуловска потенцираше дека бројот на инциденти во изминатите девет месеци од 2014 година во автобусите на ЈСП се намалени за 30 насто.
Трајановски и Јанкуловска на автобуската постојка кај Транспортен центар, на учениците коишто го користат јавниот превоз, им делеа промотивни материјали со пораката на проектот „Скопје – град без насилство“.
Инцидентите во коишто се вклучени учениците најчесто се случуваат на јавни места на подрачјето на СВР Скопје како што се: автобуси, автобуски постојки, училишни дворови, како и во и околу спортските арени. Вообичаено овие инциденти на насилство, се случуваат за време на училишните одмори, во периодите од денот кога учениците доаѓаат или си одат од училиште, како и во периодите пред, за време и по спортските натпревари.
Проектот „Скопје – град без насилство“ се имплементира од Одделението за превенција при СВР Скопје, со поддршка од Секторот за образование од Град Скопје и Одделот за развој на полицијата при Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ЈСП Скопје.
Проектот ќе се фокусира на спречување на насилството во училиштата, во автобусите и автобуските постојки на како и на насилство за време на спортски натпревари.
Проектните активности ќе се состојат од едукативни работилници и три јавни дебати со учениците во кои покрај учениците ќе бидат опфатени и претставници од училиштето, како и претставници од Советот на родители во училиштата.
Една од активностите што се предвидени во проектот е и дистрибуција на промотивните материјали во училиштата, автобусите, автобуските постојки, билетарите и други јавни места.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зајкова: Имаме искуство што гарантира успех – во недела да го заокружиме бројот 1 и да ставиме крај на поделбите

Со пораки за обединување на центарот и успех на претстојните локални избори во недела, финишираше завршниот митинг на коалицијата „Искуство за успех“.
Пред полната сала за последен пат пред почетокот на изборниот молк се обратија лидерите на партиите кои ја сочинуваат коалицијата, ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР со поздравни говори, во кои го повикаа своето членство на мобилизација и ги споделија своите очекувања за изборите во недела.
„Се воздржував цела кампања да не влезам во дебатата која се трудат да ја наметнат лидерите на двете бивши најголеми партии. Наместо да се бават со локалните проблеми на граѓаните, упорно се занимаваат со теми кои се однесуваат на национални прашања. Престанете со изговори, на народот му требаат резултати. Затоа оваа Коалиција на овие избори се занимаваше со идентификување на клучните проблеми и понуда на решенија. Народот се гуши во смрдеа, умира од карциноми, заглавен е во сообраќаен метеж. ЛДП заедно со оваа коалиција ја презема опозиционата палка на оние во државата кои што се водат од разум и идеја да се направи нешто, а не само да се критикува, плука и навредува. Доста е“, порача во својата изјава претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, додавајќи дека „големите партии“ 20 дена се рекламираат со народни пари, без да понудат ништо конкретно.
Во својот говор Зајкова вели дека не е точно дека гласот за малите партии е изгубен. Напротив, секој глас е силен и вреден и тоа совршено добро го знаат, затоа и се противат на воведување една изборна единица и отворени листи. Тие, ‘големите партии’, зад себе имаат цели машниерии, имаат милиони народни пари, имаат платени од вас граѓаните аналитички центри, имаат платеници во разни општествени слоеви.
Но, ние имаме искуство, имаме дела, имаме храброст, имаме визија, имаме сон за подобро утре и на крајот и најважно ве имаме вас, драги сограѓани. И вашето присуство вечерва тука е доказ дека сме успеале, сме успеале да создадеме здраво ткиво спремно на борба за промени, спремно за работа, за подобра иднина“, посочува претседателката Зајкова и побара поддршка за бројот 1 да биде нов почеток на граѓанско-политички центар во државата.
„И додека останатите се надвикуваат меѓусебно објаснувајќи кој е повеќе виновен за денешната катастрофа, а всушност сите они се највиновни, ние сме тивки и вредни. Додека останатите ветуваат автопати и авении, ние скромно, со системски решенија чекориме по нашиот пат. Но, убедена сум и како жена и како млада личност, дека веќе во понеделник ќе станеме сериозно гласни, дека нашиот пат, на 19 октомври ќе нѐ одведе на светлата страна на успехот. Затоа што ова општество мора да се помрдне од статус-квото што го живееме повеќе од три децении“, изјави Зајкова, завршувајќи го своето обраќање со повик до граѓаните да стават крај на поделбите и во недела да го заокружат бројот 1.
На митингот се обрати и Стевчо Јакимовски, лидерот на ГРОМ, ги поздрави присутните граѓани и ги претстави проектите за наредните 4 години во Општина Карпош. Со поздравни говори се обратија и носителот на советничката листа за Советот на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Ристо Пенов, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски, и лидерите на Интегра и ПЦЕР, Љупчо Ристовски и Самка Ибраимовски.
Македонија
Меџити: Милиони евра се инвестираат за развојот на Чаир

Чаир, како историско и академско средиште на Скопје, доживува значајна фаза на развој благодарение на поддршката од Владата.
Кандидатот на коалицијата „Влен“ за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, во дебатната емисија на МРТ соопшти дека во последните 15 месеци се инвестирани околу 100 милиони евра, што претставува само почеток на трансформацијата.
Меѓу главните проекти, Меџити ги спомена:
- Универзитетот „Мајка Тереза“ – инвестиција од 40 милиони евра за изградба на најголемиот и најмодерниот универзитетски кампус во земјата, со што Чаир станува академско средиште со околу 20.000 студенти вклучени во четири универзитети.
- Стар Чаир – инвестиција од 25 милиони евра за реновирање на најстарата чаршија на Балканот, која не била обновувана од османлискиот период.
- Плоштадот „Скендербег“ – проект кој ќе создаде паркинг простор за 800 возила, модернизирајќи ја и функционализирајќи ја централната зона.
Меџити истакна дека Чаир за првпат се трансформира не само со зборови, туку со конкретни проекти и реални инвестиции, кои ќе го донесат овој дел на Скопје во ерата на развојот и ќе ја зајакнат неговата улога како академско, културно и историско средиште.
Македонија
Шукова: Отпадот е ресурс, време е Скопје да добие чист и одржлив систем за управување со отпад

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на телевизијата Алсат М, зборуваше за проблемите со отпадот, нечистотијата и дивите депонии во градот, нагласувајќи дека потребни се два паралелни процеси итно чистење на градот и долгорочна поставеност на систем по европски стандарди.
„Мора веднаш да се почне со расчистување на отпадот пред секоја куќа, пред секоја зграда, по целиот град, како и со дивите депонии, каде што ќе воспоставиме контрола за да не настануваат повторно”, истакна Шукова.
Според неа, проблемот со Вардариште е еден од најакутните во Скопје.
„Таму мора да имаме 24-часовна заштита, да го преземеме просторот и да започнеме со постепено расчистување. Вардариште, според сите стратешки документи, треба да биде претоварна станица – затоа што мора да имаме претовар на отпадот пред неговото носење во Дрисла“, објасни Шукова.
Таа подвлече дека градот мора итно да воспостави одржлив систем за управување со отпад, кој ќе ја намали количината што завршува на депонии и ќе ја зголеми повторната употреба и рециклирањето.