Култура
„Од денес за утре„, нова играна серија
Прва македонска играна серија по подолг временски период, поставена на здрави, професионални и уметнички основи
„Од денес за утре“ е насловот на новата македонска играна серија, која ќе започне да се снима на почетокот на мај. Серијата обработува тематика од секојдневиот живот на просечно семејство од средната класа, составено од неколку генерации кои живеат под еден кров. Семејството се соочува со сите проблеми и предизвици на новото време, но серијата има намера да ги прикаже од духовитата, посветла страна на животот. „Од денес за утре“, се работи според сценарио на познатиот македонски драматург Братислав Димитров и легендарниот сценарист од бившите југословенски простори Предраг Перишиќ. Режијата е на Иво Лауренчиќ, а музиката на познатиот македонски композитор и пејач Ристо Самарџиев. За сцанографијата е задолжена Снежана Поњавиќ Муча, додека костимограф е познатата Розе Трајчевска. Режисерот на серијата од „Денес за утре“, Иво Лауренчиќ, кој е главен идеен творец на овој проект вели дека идејата се родила сосема случајно: „Сосема видлива е општата потреба да се помине дел од слободното време во светот на сериите. Се реков, зошто не направиме една наша, поставена на здрави етички и уметнички основи, приказна за обичниот човек и неговото секојдневие. Белег на една генерација современици, обработена од хумористичната, духовита страна, која пак жанровски е една од најтешките за работа. Следниот чекор беше да се одберат најдобрите за реализација и да се почне. И еве не денес веќе сме кон крајот на првата фаза, со готово сценарио и скоро целосно подготвен тим“,вели Лауренчиќ.
Изборот на актерската екипа е во тек и ќе бидат ангажирани реномирани македонски актери, а шанса ќе добијат и млади актерски имиња кои ќе ги играат улогите на помладите ликови во серијата. За сега е потврдено учеството на Сенко Велинов и Билјана Беличанец.„Да се најави релизација на играна серија во Македонија е голема работа, особено во ова врема на криза во сите сегменти. Затоа на почеток оваа првична идеја ја прифатив со сомнеж дека ќе се успее. Но подоцна сватив дека е повеќе од сериозно, си реков ајде да направиме серија која ќе ги надмине оние странските“, изјави Братислав Димитров.Поголемиот дел од серијата ќе се снима студиски во Скопје, а остатокот на неколку локации во Македонија. Ќе се одработи 13 часа монтиран материјал од кој постпродукциски ќе се реализираат 13 епизоди.
Серијата е во копродукција на „Идеа Плус комуникации“ и Сител телевизија, на чија програма и ќе се емитува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.