Македонија
По буџетот на Јанева, обвинителите бараат поголеми плати и кадровска екипираност
По донесувањето на новиот Закон за специјалната обвинителка и објавувањето на буџетот што го побара Специјалната обвинителка, јавните обвинители прв пат во јавноста се побунија за состојбата во којашто работат и проблемите со кои се соочуваат.
Реагираат на недоволната кадровска екипираност, малите плати, но реагираат и на предлог листата на обвинители што ја објави Јанева. Во вторникот, по барање на јавните обвинители, бил одржан заеднички колегиум на јавните обвинителства на кој присуствувале раководителите на Вишите и Основните јавни обвинителства од државата.На средбата едногласно биле донесени следните заклучоци: да се предложи донесување на измени и дополнувања на Законот за Јавно обвинителство со кои ќе се овозможи избор на нови јавни обвинители покрај кандидатите од Академијата за обука на судии и јавни обвинители, да се предложат измени и дополнувања на Законот за плати на јавни обвинители во насока на надоместоци за јавните обвинители во смисла на надоместоци за ризик, страв и доверливост, да се предложат измени и дополнувања на законот за јавно обвинителска служба според кои ќе се овозможат соодветни плати и надоместоци, јавните обвинители инсистираат сите предложени измени да се донесат во итна постапка.На средбата обвинителите констатирале дека состојбата во која работат обвинителствата е исклучително незадоволителна, особено по однос на кадровската екипираност. Новиот Закон за кривична постапка ги зголеми надлежностите на јавното обвинителство, но техничката опременост и вработените останале скоро на исто ниво. Особено незадоволителна била состојбата во Основните јавни обвинителства Скопје, Гостивар, Куманово, Кочани и Крива Паланка.„Незадоволството на јавните обвинители е дотолку поголема, што и по доставеното барање до надлежните институции за зголемување на бројот на јавни обвинители и јавно обвинителските службеници за 30 проценти, досега не е одговорено. Дополнително, состојбата со недоволната кадровска екипираност се влошува со најавениот и можен одлив на јавните обвинители во новото специјално обвинителство, а особено земајќи ги во предвид законските одредби со кои нови јавни обвинители мора да се избираат од редот на завршените кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители, што на годишно ниво не е задоволителна бројка. Воедно, на состанокот стана збор и за новиот Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите според кои специјалната обвинителка достави финансов план со кои предвидува издвојување на огромни суми за плати и надоместоци, за кус период , што укажува на високи примања на вработените од тоа обвинителство кои се значително поголеми од примањата на постојниот кадар во обвинителствата“, соопштуваат од Јавното обвинителство.Обвинителите бараат коригирање на примањата на јавните обвинители кои постапуваат по тешки предмети, каде задолжително треба да се предвидат и надоместоци за ризик, страв и доверливост адекватни на оние предвидени за специјалното обвинителство. Ова беше поткрепено со соодветни податоци за карактерот на високо ризичните предмети во областа на меѓународниот организиран криминал и тероризам.Бараат да се достави барање до Советот на Јавните Обвинители, со кое ќе се инсистира на одговор за начинот на кој е составена предлог листата за избор на јавните обвинители во специјалното обвинителство, дали и каде имало објавено оглас и каде се пријавувале заинтересираните кандидати и дали листата е составено според објективни критериуми и кои се тие. Ова особено што за јавните обвинители, предлог листата изразува лични афинитети и субјективни согледувања за квалитетот на предложените кандидати.Најавуваат дека ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за оценување на новиот Закон за специјално обвинителство.„Присутните јавни обвинители изразија незадоволство од донесувањето на Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите оценувајќи дека на тој начин се става неосновано под сомневање нивното стручно и објективно постапување и во илјадници други предмети, а исто така го оценија новиот Закон како неуставен и повикаа на поднесување Иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд на Република Македонија“, велат од Обвинителството.Советот на јавни обвинители во среда на седница треба да ги разгледува плановите на Јанева и листата на предложени обвинители. Викендов во јавноста беа објавени документи од финансискиот план за специјалното обвинителство, според кој само за последниот квартал од годинава за работа на обвинителството се бараат милион евра.Јанева побарала 28 истражители и 30 телохранители и најавува први резултати од работата во периодот од 15-ти декември до 15-ти марти идната година./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

