Македонија
Анкета на ИПИС: Владиката Петар треба да биде разрешен
Владиката Петар е одговорен за несогласувањата меѓу него и македонските црковни општини во Австралија и треба да биде разрешен, сметаат верниците кои биле анкетирани од страна на Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС).
Истражувањето е спроведено во периодот помеѓу 18 и 21 декември 2014 година на 1012 полнолетни граѓани со православна вероисповест во коешто биле опфатени сите епархии во Република Македонија. Во ова истражување граѓаните ги искажуваа своите ставови во однос на спорот помеѓу Владиката Петар и македонските црковни општини во Австралија, како и перцепциите во однос на работата на Владиците на МПЦ-ОА.
Над половина од испитаниците (56,7%) се запознаени со долгогодишниот спор меѓу Владиката Петар и македонските црковните општини, при што поголемиот дел од нив сметаат дека Владиката Петар е одговорен за несогласувањата, односно 29,2% од вкупниот број на анкетираните граѓани, наспроти 14,1% од испитаниците кои сметаат дека Владиката има право.
Исто така 30,2% од вкупниот број на испитаници сметаат дека за да се надмине спорот, Владиката Петар треба да биде разрешен, наспроти 16,5% кои тоа не го одобруваат. Дополнително 44,2% од испитаниците сметаат дека Владиката Петар го нарушува угледот на МПЦ, наспроти 14,5% кои не се согласуваат.
Дека во овој спор лична одговорност има и Архиепископот г.г. Стефан сметаат 42% од испитаниците, а дека нема 20,4%2. За сите владици од македонската православна црква, постои позитивна перцепција во однос на нивната работа како свештени лица, со исклучок на Владиката Петар, кај кого таа перцепција е негативна.
Голем дел од граѓаните не се доволно запознаени со работата на МПЦ и нејзините Владици, со оглед на тоа дека за поголемиот дел од Владиците, голем процент од испитаниците немаат изградено мислење.
Одговорноста за овие состојби лежи и кај граѓаните, од кои голем број од нив се само декларативно верници, без притоа да ја практицираат религијата, но и кај свештените лица кои треба повеќе да се залагаат за повторно да ги придобијат и привлечат своите верници кон МПЦ-ОА.
Истражувањето е спроведено за потребите на Здружението на македонските православни општини во Австралија./крај/со/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Предложен притвор за дилер на хероин
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 19 јануари, на наплатната станица Петровец, како сопатник во автомобил со кавадаречки регистарски ознаки, неовластено заради продажба држел околу 10 грама хероин.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци и можности повторно да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопшти обвинителството.
Македонија
Минчев-Зомер: во фокусот професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Кристоф Зомер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од досегашната соработка и беше потенцирана подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување, особено во областа на реформата на јавната администрација, која претставува еден од клучните приоритети на Владата. Во тој контекст, беше нагласена важноста од добро управување, професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.
Посебен акцент беше ставен на можностите за соработка во развојот на системи за обука, задржување и мотивирање на кадарот, како и унапредување на услугите ориентирани кон граѓаните.
Во рамките на средбата, Швајцарија беше препознаена како партнер со значајна експертиза во областа на добро управување, институционално јакнење и развој на одржливи модели за стручно усовршување, вклучително и преку дигитални и хибридни решенија за обука, при што беше изразен интерес за истражување на можностите за соработка во рамките на Swiss Cooperation Programme – Good Governance.
Министерот Минчев нагласи дека партнерството со Швајцарската Конфедерација претставува значајна поддршка за реформските процеси.
„Реформата на јавната администрација е темел на ефикасна, професионална и граѓански ориентирана држава. Швајцарија ја гледаме како исклучително важен партнер, од кој можеме да црпиме знаење, искуство и добри практики во насока на јакнење на институциите и подобрување на јавните услуги“, истакна Минчев.
На крајот од средбата, соговорниците ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката и конкретизирање на идни заеднички активности во согласност со приоритетите на реформата на јавната администрација.
Македонија
Муцунски утре во Истанбул: ќе учествува на вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, ќе учествува на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој ќе се одржи во Истанбул. На состанокот е предвидено учество на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од министерот Фидан во 2025 година, со цел да придонесе за регионалниот мир, стабилност и благосостојба, преку заеднички пристап во изнаоѓање регионални решенија за регионалните прашања. Првиот министерски состанок во рамки на оваа иницијатива се одржа во јули минатата година, исто така во Истанбул.
Муцунски ќе се обрати на состанокот, при што се очекува да ги адресира клучните прашања поврзани со регионалната соработка и заложбите за побрза интеграција во Европската Унија, со акцент на економскиот развој, транспортната поврзаност, енергетиката, дигитализацијата, како и образованието и младите.
На маргините на состанокот е предвидено министерот Муцунски да оствари и одвоена билатерална средба со министерот Фидан, на која, покрај прашањата од доменот на билатералната соработка, ќе се разговара и за регионалните состојби и актуелните глобални предизвици.

