Култура
Изложба на Роберт Дандаров во Мала станица
Утревечер, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, ќе се отвори изложбата на Роберт Дандаров, македонски уметник кој живее и твори во Њујорк, САД
Роберт Дандаров целиот свој работен век го третира фигуративниот принцип негувајќи го најчесто во форма на реализам (некаде споменат како 17-вековна фламанска техника на сликање) и тоа оној што некаде се класификува како нов, магичен, некаде како хипер, или пак, фотореализам. Фигуративните – реалистични претстави на актови и портрети се често поставени во нереален контекст или опкружување зголемувајќи го контемплативниот, магичен призвук на делото.Во конкретниот најнов циклус дела што ќе се поставени на увид на македонската јавност станува збор за гротескни дела, со доминантно присуство на сатира, но и на морбиден, грозоморен, сомнабулен ракурс, со карикатурална профилација, се во насока на исмејување, на критикување, на опомена, сето во преносна смисла, на денешното современо технизирано општество и на сите малформации и деформитети што современиот човек ги доживува обидувајќи се да биде дел од она што се нарекува ДЕНЕС. За таа намена создава “фантазмагорични паноптикуми” во кои митолошкиот, сакрален, историски визуелен лексикон и дијалог ги има примордијалниот белег и значење. Користејќи некои од митолошките наративи за “надреални и божествени”, “наказни” споеви, мутации, сквернавења; “искривени” житија за некои светители; аспекти од историјата и теоријата на уметноста, науката, литературата (акцентирајќи го својот широк спектар на интереси) или создавајќи сопствени, фантастични компилации и приказни, Дандаров креира нова “реалност”. Во нив експресивниот, “постдадаистички” или “постмодерен” симулакрум ја емфазира социјалната девијација на популарното општество, култура и ментален склоп. Уште еднаш, со своите дела, Дандаров потврдува дека сексот, крвта, насилството и смртта ги напојуваат и ги хранат обичниот смртник и неговата жед за скандал и ефемерност.Со помош на стилскиот и тематски номадизам, миксови, компилации и комбинации, Дандаров ја стигматизира перманентноста на апокалипсата, на драмата и трагедијата на нашата реалност, но во сето тоа “црнило” не губејќи ги духот и хуморот што иако крадешкум, сепак ги има.Роберт Дандаров е роден во Струмица, 1959 година. По завршувањето на Школата за применета уметност во Скопје доделена му е стипендија за Американската Академија за уметност во Чикаго. Оттаму тој бил поканет и на Националната Академија за дизајн во Њујорк, каде исто така му била доделенеа стипендија и каде дипломирал 1981 година.Во периодот од 1980 до 1990 Дандаров учествувал на многубројни самостојни и групни изложби во САД и Европа, вклучувајќи и разновидни изложби во Германија, Холандија и Белгија.Во 1999 се преселил во Доминиканската Република, каде минал две години како уметник – резидент и како професор по сликарство на школата за дизајн „Алтос де Шавон“, збратимена со школата за дизајн „Парсонс“ во Њујорк.Во 2001 Дандаров поминал една година во Антверп, Белгија, студирајќи ја техниката на седумнаесет вековните фламански сликари и подготвувајќи серија на дела за самостојната изложба во Музејот на современата уметност во Скопје.Роберт Дандаров моментално живее и работи во Бруклин, Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поддршка за културата во Битола: MINT зад Шекспир фестивалот 2025
Денес официјално започнува Шекспир фестивалот во Битола, еден од најзначајните и најреномирани театарски настани во регионот, кој годинава повторно ги обединува највлијателните и најиновативните Шекспирови продукции од светот.
Организиран од Народниот театар Битола, фестивалот претставува платформа каде класичните драмски текстови добиваат современи интерпретации, а Битола станува центар на висока сценска уметност.
Во пресрет на свеченото отворање, денес се одржа работна средба помеѓу директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, и генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски. MINT е долгогодишен партнер и спонзор на Народниот театар Битола, а годинава ја проширува својата поддршка и како клучен спонзор на Шекспир фестивалот.
Средбата, одржана во фоајето на театарот, беше можност за разговор за заедничката визија, новите идеи и стратешкото планирање на програмските и културните иницијативи за 2026 година.
„MINT продолжува да вложува во културата не како обврска, туку како уверување дека уметноста ја гради заедницата, а силната културна сцена значи силно и одржливо општество,“ истакнаа од компанијата.
Вечерва, со кревање на завесата, Битола повторно ќе стане театарски центар чијашто традиција, енергија и визија ја прават препознатлива на културната мапа на регионот.
(ПР)
Култура
Објавен „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половина на ХХ век“ од Славчо Ковиловски
„Македоника литера“ објави нова книга на Славчо Ковилоски со наслов „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половинана ХХ век“.
Овој речник се надоврзува на „Речникот на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век“, од истиот автор, публикуван во 2022 година. Покрај лажните имиња од сите видови (псевдоними, кратенки, знаци) овде се вклучени и одредници со прекари на публицисти, родените имиња на авторите, како и одреден број партизански псевдоними.
Во Речникот се наоѓаат книжевни псевдоними на 187 автори и 36 псевдоними од други области со вкупен број од 223 лица со скриени имиња. Исто така, има 19 родени (крстени) имиња на луѓе од книжевноста и културата, како и 37 автори чии прекари се споменуваат покрај нивните имиња. Вкупниот број на псевдоними изнесува повеќе од петстотини. Посебно поглавје е посветено на теорискиот пристап при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски книжевен историчар, културолог, поет, прозаист. Автор е на неколку прозни, поетски и монодрамски дела, како и на повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Прикази и статии објавувал во повеќе македонски списанија и дневните весници. Има преведено шест белетристички и научни дела од хрватски и бугарски на македонски јазик и повеќе преводи од српски јазик објавени во периодиката. Делови од неговото прозно и поетско творештво се преведени и препеани на неколку европски јазици.
Работи во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Култура
Пијано-рецитал „Скопје во петолиние 2028“
Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.

