Култура
Инсталација од Јане Чаловски во лондонски „Тејт Британ“
Во сабота, 15-ти мај, во лондонската галерија „Тејт Британ“ (Tate Britain) ќе биде презентирана инсталцаијата од македонскиот уметник Јане Чаловски во рамките на изложбата „Размисла, пауза, процес (Ситуација)“ која ќе биде поставена до 20-ти август
Изложбата ќе биде отворена во 11 часот, со разговор на Јане Чаловски со Луси Бајат, а пото ае планирана поширока дискусија во простор со ОуУнПо (Работилница на потенцијални светови).Инстлацијата на Чаловски е дел од програмата на националната организација “Современо уметничко друштво” (Contemporary Art Society) во соработака со „Тејт Британ” во Лондон која се реализира по повод стогодишнината од нејзиното постоење. Во рамки на програмата „Современо уметничко друштво” покани три уметника да ја користат колекцијата на „Тејт” како појдовна точка за селектирање дела преку кои се доловува една поиканва и оргинална слика за развојот на модернизмот во уметноста. Оваа серија на изложби е насловена „Основање платформа” и започна во Тејт Британ со инсталацијата на Елизабет Прајс „Совршени текови и треперливи супстанци” (5 февруари – 3 мај). Вториот проект е делото на Јане Чаловски „Размисла пауза процес (Ситуација)” а третата селекција на делата ќе ја направи неодамнешниот добитник на британската награда „Тарнер”, Ричард Врајт, и која ке биде поставена есенва.Јане Чаловски ја прифати поканата на „Современото уметничко друштво” за да работи на колекцијата и архивата на „Тејт” како можност да започне период на истражување кое го водело, можеби неизбежно, да преиспита широк ранг на преокупации и претпоставки кои се однесуваат на концептите и теоретските постулати во моденизмот вклучувајки уметнички дела кои се потпираат на идејата за активно и концептуално залагање на публиката. Селектираните дела во проектот на Чаловски се „Голема конференциска платформа платформа”, (1998) на Лијам Гилик, дело кое повеќе од било кое друго се обидува да создаде простор како отворена структура за слободно размислување и за се уште „ненапишано” сценарио. Други дела кои се вклучени во инсталацијата на Чаловски се на уметниците Френсис Елис , ВитоАконци, Џозеф Бојс, Ема Кеј, Кристофер Вул, Анри Матис, Џеф Вол и необјавениот ракпоис на авторот Свен Берлин. Со додавање на саунд-арт делото „Група ротации” на францускиот уметник Самон Такахаши (Самон Такахасхи) и интерактивното делото на Чаловски “Улај” инсталацијата станува повеќе од збир на индивидуални дела, всушност тоа станува една поголема нарација за флексибилноста на идеите и флуидноста на кураторските и уметнички процеси. Овие дела го предвидуваат ефектот на гледачот кој е повикан да искуси нов начин на согледување на модернизмот во контекст на современата уметност. Како дополнение на проектот, на 15-ти мај Чаловски ќе одржи и јавна дискусија со истражувачката група „ОуУнПо (Работилница на потенцијални светови)” во која е член и еден од основачите. “ОуУнПо” е флексибилна работна група од дванаесет уметници, кураори и научни истражувачи кои ги поврзува интересот кон концептот на време и простор и улогата на субјективноста во современиот уметнички дискурс. Јане Чаловски живее и работи во Скопје. Студирал на Факултетот за ликовни уметности во Пенсилванија, САД (1992-96) и колеџот Бенингтон (1997) и завршил постдипломски студии во Китакјушу, Јапонија (1999/00) и Академијата Јан Ван Ајк во Маастрихт, Холандија (2002/04). Неговата уметничка практика вклучува уметнички и кураторски проекти кои од критката се опишани како повеќеаспектни, кооперативни, ориентирани кон создавање контексти и базирани на цртеж. Неговите главни интереси гравитираат кон создавање на јазик на слободни асоцијации и значења кои се конструирани од лични искуства и од пронајдени уметнички и историски извори. Неговите дела ја акцентираат формулацијата на нарација во доменот на концептулната уметност која е поврзана со социјалниот дискурс и институционалната критика.Негови проекти неодамна беа претставени на Еуропеан Кунстхалле во Келн, ХДЛУ – Загреб и Манифеста 7 во Болзано, Италија. Неговиот следен проект ќе бидат претставен во галеријата „Жак-Браницка” во Берлин и Музејот на современа уметност во Скопје на есен, 2010 . „Современото уметничко друштво” во последните сто години подарило повеќе од осум илјади уметнички дела на јавните колекции во оваа земја. Друштвото во овој период игра улога на агент кој посредува во развојот на современите визуелни уметности на оваа земја создавајќи публика, уметници, куратори, колекционери како и колекции. Благодарение на блиската соработката и партнерство со 63 членови-музеи на Друштвото, во колекциите низ Велика Британија ќе се одвива програма по повод стогодишнината од неговото постоење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Дијалози на современиот авторски филм: регионални гласови и европски кинематографски традиции во програмата на Кинотека на Македонија – март 2026
Во месец март 2026 година, Кинотека на Македонија ја обликува својата програма како промислен и концептуално заокружен циклус на проекции посветени на современите регионални продукции и нивните дијалози со пошироките европски и светски филмски традиции. Оваа селекција не е само репертоар на актуелни остварувања, туку куриран простор за критичко преиспитување на авторскиот филм, неговата општествена релевантност и неговата способност да го артикулира искуството на поединецот во контекст на колективните историски, културни и емотивни трауми на регионот. Програмата ја потврдува улогата на Кинотеката како институција што ја негува филмската меморија и, истовремено, активно го поттикнува современиот авторски израз и дијалогот меѓу генерациите и кинематографиите.
Во фокусот на програмата се филмови што, преку различни естетски пристапи и наративни стратегии, го обработуваат прашањето на идентитетот – личен, семеен и општествен. Публиката повторно ќе има можност да го проследи Утре наутро во режија на Јани Бојаџи, интимен портрет на современиот човек заглавен меѓу инерцијата на секојдневието и тивката, но упорна потреба за промена. Филмот, со суптилна режисерска рака, ја истражува кревката линија меѓу надежта и разочарувањето, при што секојдневните гестови и погледи стануваат носители на подлабоки егзистенцијални дилеми и неми внатрешни конфликти.
Исто така, на програмата во март ќе можете да ја погледнете и моќната драма „Sentimental Value“ („Сентиментална вредност“) на Joachim Trier — суптилна и емотивна приказна за остарен филмски режисер и неговата отуѓена ќерка-актерка, која отвора прашања за уметноста, семејството и помирувањето. На 38. издание на European Film Awards во Берлин, филмот беше прогласен за најдобар европски филм, освојувајќи вкупно шест награди. Меѓу признанијата се најдоа и наградите за:
Со Приказната за Силјан на Тамара Котевска, програмата го проширува својот тематски регистар кон полето на митот, традицијата и колективната меморија. Преку својот препознатлив сензибилитет за човечката ранливост и односот меѓу човекот и средината, Котевска создава филм што функционира како поетска рефлексија за корените и нивното значење во современиот контекст. Во таа смисла, делото делува како мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу колективниот наратив и личната приказна, отворајќи простор за преиспитување на начинот на кој традицијата се пренесува, трансформира и преживува во современоста.
Во истата линија на интимно и политички ангажирано авторство, проекцијата на Мајка на Теона Стругар-Митевска ја продлабочува програмската оска на мартовската селекција преку силен и бескомпромисен женски авторски глас. Режисерскиот пристап на Митевска е остар, но емпатичен, создавајќи филм што истовремено провоцира, вознемирува и повикува на солидарност, отворајќи прашања за телото, изборот и општествените притисоци што се впишуваат во интимните простори на женското искуство.
Кулминацијата на програмата доаѓа со проекцијата на Нов бран во режија на Richard Linklater, кинематографско рекреирање на пионерските денови на францускиот нов бран. Овој филм не е носталгична реплика, туку интелигентен омаж на еден од највлијателните периоди во историјата на европската кинематографија, кога младите автори радикално ги преиспитуваа формата, нарацијата и односот меѓу филмот и реалноста. Преку динамична визуелна структура и рефлексивен наратив, „Нов бран“ го актуелизира духот на бунтот и експериментот, потсетувајќи дека кинематографијата е жив медиум што постојано се обновува преку дијалог со сопственото минато. Вклучувањето на овој филм во програмата создава продуктивен контрапункт со регионалните остварувања: додека локалните филмови ги артикулираат специфичните социјални и културни контексти на Балканот, „Нов бран“ ја отвора перспективата кон пошироката историја на европскиот авторски филм и неговите естетски револуции.
Како целина, програмата на Кинотеката во март 2026 година функционира како внимателно куриран наратив за современиот филм и неговите корени. Таа ги поврзува интимните приказни на регионалните автори со историските пресврти на европската кинематографија, создавајќи простор за дијалог меѓу различни генерации, поетики и културни искуства. Преку оваа селекција, Кинотеката не само што нуди платформа за промоција на регионалните продукции, туку и ја потврдува својата мисија како културна институција што го третира филмот како уметнички и општествен чин. Мартовската програма, со својата тематска кохерентност и естетска разновидност, претставува покана до публиката за продлабочено гледање, критичко размислување и активно учество во живиот дијалог што го создава филмската уметност.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.

