Економија
Организирано учество на Саемот за градежништво и мебел во Истанбул

Од 18 до 20 јуни 2013 година, во Експо центарот во Истанбул, Турција ќе се одржи најпрестижниот саем за градежништво, градежни материјали, градежни машини и мебел, во организација на Тускон од Турција.
Стопанската комора на Македонија организира посета на заинтересирани компании на Саемот, но ќе биде и логистичка поддршка за нивното учество. Комората обезбедува попуст на саемскиот аранжман, бесплатен каталог, како и бесплатни влезници, бесплатна историска и туристичка турнеја низ Истанбул, што е планирана на 18 јуни 2013 година.
Ова е едно од најважните економски случувања од областа на градежништвото во регионот. Оваа саемска манифестација претежно е наменета за дејностите од областа на градежништвото, градежните материјали, градежните машини и мебел. Во Експо Центарот во Истанбул ќе учествуваат влијателни претставници и бизнисмени од преку 140 земји од светот и ќе се овозможи воспоставување на бизнис-средби со врвни турски компании.
Саемот ќе ги собере на едно место водечките локални и светски градежници, производители на градежни материјали и градежни машини, како и производители на мебел. Воедно, во рамките на Саемот, ќе се одржат и би-ту-би средби со 2.500 учесници, што е добра можност да воспоставите бизнис-контакти, да ја зголемите соработката со турските фирми и да ја разгледате можноста за нова инвестиција и соработка.
Предлог на Тускон, како што соопшти СКМ, е сместувањето за сите учесници да биде во хотел WOW 4, кој е во близина на Саемот (еднокреветна соба е 105 евра, двокреветна 120 евра).
Патот, хотелското сместување и организациските трошоци се на товар на компанијата. Зависно од броjот на пријавените компании, Kомората може да организира автобуски превоз за сите заинтересирани компании./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Изгласан новиот закон за енергетика

Денес, во Собранието беше изгласан новиот Закон за енергетика.
Oд Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, законот го опишаа како стемски, сеопфатен и реформски закон кој ги поставува темелите на новата енергетска политика на земјата. Со тоа, како што се додава, Македонија конечно добива јасна, модерна и европски усогласена законска рамка за развој на енергетиката.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на завршното обраќање пред пратениците нагласи:
„Законот што денес го донесовме претставува визија за иднината и темел на нашата национална трансформација кон чиста, одржлива и праведна енергетска иднина. Ова е закон што создава можности, но и бара одговорност.“
Законот е подготвуван во соработка со институции, експерти, бизнис сектор, оператори, регулаторот и други заинтересирани страни.
Новиот Закон за енергетика содржи зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка; поголема енергетска ефикасност и намалување на загубите; отворен енергетски пазар во кој граѓаните стануваат активни чинители – производители, продавачи, членови на енергетски заедници. Законските решенија вклучуваат заштита на ранливите категории, поддршка за енергетска сиромаштија и фер пристап до енергија за сите.
„Енергијата не е само моторот на економијата, таа е основа за квалитетен живот. Со овој закон ја отвораме вратата за една енергетски суверена, зелена и европска Македонија.“ истакна министерката Божиновска.
Економија
Автоматски ќе има мерки што ќе важат до крајот на годината ако се утврди скок на цените, Мицкоски засега не знае за поскапувања

Ќе има автоматски мерки што ќе важат до крајот на годината ако се утврди скок на цените, Мицкоски засега не знае за поскапувања.
Ако до крајот на месецот се утврди дека има скок на цените откога престана да важи последната мерка за замрзнати маржи, ќе има нови мерки што ќе останат во сила многу подолго отколку досегашните. Премиерот Христијан Мицкоски засега нема информации за поскапени производи, но остава простор тоа да го утврди извештајот на Државниот пазарен инспекторат на крајот на овој месец.
„Ги следиме состојбите, јас немам таква информација. Разговарав со министерот пред два дена, имавме состанок и ми покажа бројки, немам информација дека тоа се случува. Но, доколку тоа се случи, на крајот од месецот автоматски ќе бидат применети мерки што ќе траат до крајот на годината. Јасно кажавме дека такви трикови нема да толерираме. Слушаме трикови во кои преку прокси правни лица ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг-услуги, ПР-услуги и така натаму, а со тоа практично ќе се плаќа маржата што се плаќаше во минатото на одредени маркети. Слушаме, стигаат и до нас такви информации. Вознемирени сме од она што го слушаме и тоа не е добро затоа што на тој начин не можеме да градиме партнерски однос“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето камен-темелник за спортска сала во училиштето „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче.
Маржите на 102 групи производи беа замрзнати до 30 април, а последните две недели има производи чии цени се зголемија и за 60 денари, како што се некои хигиенски производи. Министерот за економија Бесар Дурмиши минатата недела рече дека таквите поскапувања треба да ги потврди Државниот пазарен инспекторат за да може да преземат мерки. И тој најави дека мерките ќе бидат поригорозни и за трговците, и за производителите, и за дистрибутерите.
Економија
Мицкоски најавува инвестициски бум од речиси 2 милијарди евра: ќе се инвестира во здравството, енергетиката, а ќе се реконструира и модернизира и железничкиот транспорт

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што предвидува планот за инфраструктурен бум што беше најавен за Македонија за 2025, изјави:
„Да, тоа ќе биде еден, би рекол, инфраструктурен бум, ако можам така да го наречам. Ќе се модернизира и реконструира Коридорот 10, железничката пруга од Табановце до Гевгелија. Кога сето тоа ќе биде завршено ,граѓаните ќе патуваат и ќе може да го користат железничкиот транспорт со брзина од 160 километри на час во просек.
А карго-возовите, мислам дека еден таков поминува сега, тие ќе може, наместо сегашните, во одредени делници од 10 до 15 километри на час, да возат 110 километри на час во просек. Што значи најмалку четирипати повеќе од сегашниот просек. Со тоа очекуваме не само зголемена брзина на карго-превозот кшто ќе транзитира низ нашата држава туку да има и зголемен интерес за повеќе композиции, на кои, секако, поради побрзиот транзит, ќе им биде зголемен бројот. Очекувам најмалку десетпати да се зголеми. Двапати по основ на интерес и четири-петпати по основ на брзина. Така што, во нето-износ тоа да биде најмалку десетпати повеќе од ова што денеска е. И крајната цел е на „Македонски железници“ годишниот приход од својата основна дејност да достигне помеѓу 100 и 120 милиони евра. Тоа е во делот на железничкиот превоз.
Исто така, инвестираме во здравството. Продолжуваме со изградба на Клиничката болница во Штип. Зграда за Медицинскиот факултет, студентски дом, болницата во Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, инвестиции помеѓу 190 и 200 милиони евра или вкупно заедно со реконструкцијата на Коридорот ќе натфрли бројка од две милијарди евра.
Продолжуваме да бараме партнер за изградба на стратешки проекти. Во енергетиката главен фокус ни е проектот „Чебрене-Галиште“. Пред состанокот на извршниот комитет имав состанок со министерката вчера, разговаравме за стратегијата, пристапот и за начинот на кој тој проект понатаму ќе го водиме. И убеден сум дека овој пат анализираме, дека државата ќе има можности да направи поинаков договор од она што беше во минатото“.
Мицкоски одговараше и во однос на реконструкцијата на Коридорот 10 и дали тој е дел од планот за раст.
„Дел од планот за раст, но и дел од најавената инвестиција што врз основа на договор на Влада со Влада ќе го потпишеме. Многу бргу, веќе не се недели, денови се во прашање, македонската јавност точно ќе знае за што станува збор“.