Култура
Концерт на Симон Трпчески и пријателите

Нашиот најдобар пијанист, Симон Трпчески, во придружба на свои пријатели виртуози на жичани инструменти ќе одржи концерт на камерна музика во Скопје на 5 јуни по повод 200 годишнината од раѓањето на германскиот композитор Роберт Шуман
Во изведбата на дела од Шуман и Франк, на сцената на нашиот пијано виртуоз Трпчески ќе му се приклучат неговите пријатели – врвни инструменталисти со меѓународна репутација: виолистот од Украина, Максим Рисанов, виолинистите Борис Бровцин од Русија и Андерс Нилсон од Норвешка и германскиот виолончелист Леонард Елшенбројх.Билетите за овој настан по цена од 400 денари од следната недела ќе се најдат во продажба во Југотон – ГТЦ.Организатори на концерото се Здружението за култура и уметност КултурОп под покровителство на Амбасадата на Сојузна Република Германија.Максим Рисанов од Украина е еден од најдобрите и најхаризматични светски виолисти. Носител е на наградата за млад уметник на годината во избор на Classic FM Gramophone и е дел од програмата BBC New Generation. Живее и работи во Лондон.Свири на виола „Giuseppe Guadagnini“ од 1780 година, позајмена од Фондацијата на Елиз Матилде.Борис Бровцин е роден во Москва во 1977 година во семејство во длабоки музички корени. Неговиот прв јавен настап бил на сцената на театарот Бољшој на 6-годишна возраст. Дипломира на Државниот „Чајковски“ конзерваториум во руската престолнина. Настапува со престижни оркестри и е носител на голем број награди и признанија.
Андрес Нилсон е роден во 1983 година и е еден од најактивните млади норвешки виолинисти на денешницата. По неговото деби како солист на Филхармонискиот оркестар на Берген во 2002-та година, настапува со повеќето симфониски оркестри на Норвешка. Во 2006 година изведе виолински концерти од 7 различни композитори – од Бах преку големите романтичари, па се’ до современите автори. Освојувач е на двата најголеми натпревари во својата земја: Интро-класик и музичката награда на принцезата Астрид и добитник на наградата за „Млад музичар на 2009 година“ од Оркестарот на Норвешкото радио.Леонард Елшенбројх е роден во Франкфурт во 1985 година. По добивањето на наградата „Леонард Бернштајн“ е признат како еден од најзначајните и најоригинални германски челисти на неговата генерација. Како долгогодишен штитеник на Фондацијата на Ана-Софи Мутер го привлекува вниманието на водечките меѓународно признати диригенти. Рецитално, во пијано придружба настапувал во 18 европски земји. Посебен предизвик му се настапите со дела од камерната музика.Свири на виолончело Matteo Goffriller “Leonard Rose”-Венеција,1693 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.