Економија
ММФ со позитивни согледувања за можностите за инвестирање во Македонија
Министерот за економија Ваљон Сараќини оствари средба со шефот на Мисијата на ММФ во Македонија Ивана Владкова Холар и претставници на ММФ, на која во фокусот на дискусијата беше надворешната стабилност на Република Македонија и интересот за странски инвестиции во поедини економски и инфраструктурни области.
„Имаме согледување дека странските инвеститори се задоволни од можностите за инвестирање што се нудат во Република Македонија, а тоа задоволство поедини големи инвеститори со кои остваривме разговори. Важно е да се знае каков е односот на домашните снабдувачи со инвеститорите, бидејќи според нив, што поголемо користење на домашни услуги и домашни производи и опрема во нивното работење ќе придонесе повеќе да се фокусираат на користење на домашните потенцијали, кои несомнено ги задоволуваат потребните критериуми и стандарди. Воедно, инвеститорите истакнаа дека нивното учество во Република Македонија придонесува кон намалување на невработеноста, но клучно прашање на кое е битно да се работи е подобрување на патната инфраструктура, за поврзување на нивниот бизнис со регионот и пошироко“, рече Владкова-Холар.
Сараќини рече дека министерството и владата преземаат мерки насочени кон натамошно олеснување на постапките за инвестирање, реформи во трговската политика, реформи во рударскиот сектор во насока на кратење рокови за доделување нови концесии и обнова на неактивираните рудници, како и покуси рокови за добивање на дозволи за градба на енергетски капацитети и сл.
Според министерот за економија за тоа говори и новиот извештај на Doing Business за 2014, каде Република Македонија е на 25. Место, односно како земја е 10-ти топ реформатор.
Што се однесува до прашањето за порастот на странски инвестиции, Сараќини информираше дека до крајот на 2013 се очекува да достигне 200-250 милиони евра, а со цел надминување на проблемите во работењето на инвеститорите кои се веќе во Македонија, секој месец се одржуваат работни средби со нив, кои овозможуваат директен дијалог за нови проекти и предизвиците со кои се соочуваат при работењето. Ваква соработка е развиена со целиот бизнис сектор во Македонија, а континуираните средби со бизнис заедницата овозможуваат меѓусебно информирање за примена на прописите, за новите мерки и политики и за можностите за инкорпорирање на нивните барања во регулативата.
Сараќини посочи дека веќе е почната работата на коридорите 8 и 10, но и на нови патишта.
„Во полн ек е реализацијата на проектите во енергетскиот сектор, како што во делот на инфраструктурата, така и во производните капацитети. Покрај Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија до 2030 година, во која се опфатени сите енергетски проекти, развојни и инвестициски планови на операторот на електропреносниот систем (МЕПСО) и операторот на електродистрибутивниот систем (ЕВН Македонија) се објавени и достапни за јавноста“, рече Сараќини
Во однос на приклучувањето, пак, постојат мрежни правила во кои детално е изработена постапката за приклучување и трошоците за надоместок за приклучување кои се пресметуваат согласно методологија однапред одобрена од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
„Во делот на снабдувањето со електрична енергија во наредниот период се очекува следниот чекор на отварање на пазарот на електрична енергија, при што потрошувачите самостојно ќе можат да изберат свој снабдувач со електрична енергија. Македонскиот електропреносен систем е добро поврзан со соседните системи, како што се Косово, Грција, Бугарија, а во текот на 2015 година се очекува да биде пуштен во употреба новиот 400 kV интерконективен далекувод со Србија, додека во подготовка се активности за изградба на нови 400 kV интерконективни далноводи со Албанија и Косово. Во однос на малите хидроелектрични централи во досегашниот период доделени се 70 локации за изградба на мали хидроцентрали, што претставува инвестиција од 100-120 милиони евра“, додаде Сараќини.
Една од темите на разговор била поддршката на Владата на Република Македонија преку МБПР за користење на кредитната транша од 100 милиони евра добиена од ЕИБ, која беше оценета како добра можност за малите и средни компании да се стекнат со поволни кредити наменети за инвестирање и извозот.
„Од последната транша веќе се искористени над 80 отсто , а до крај на годината се очекува одобрување на нова кредитна транша од ЕИБ од нови 100 милиони евра. За поцелисходно да се искористат средствата, а на барање на компаниите, Министерството за економија ќе излезе во пресрет на компаниите за подготовка на упатство за начинот на пополнување на апликацијата и која документација е потребна при доставување на апликацијата во банката, сè со цел да се олесни постапката за аплицирање“, рече министерот Сараќини./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата
ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.
На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.


Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.


Економија
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.
Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.
„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.
„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.
Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.
Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на состанок на Енергетската заедница, каде што ја презентираше реалната и мерлива динамика на напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европското енергетско и климатско законодавство и во јакнењето на регионалната енергетска интеграција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека изминатата година била обележана со предизвици, но и со конкретни институционални резултати, пред сè во делот на законодавните реформи и стратешките инфраструктурни чекори.
Како клучна пресвртница, Божиновска го нагласи усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој во голема мера е транспониран Пакетот за интеграција на електричната енергија. Според неа, Законот создава јасна правна основа за активна интеграција на националниот електроенергетски и гасен систем во регионалниот и во внатрешниот пазар на Европската Унија и претставува најзначајниот чекор кон идното спојување на македонскиот пазар со европскиот пазар на електрична енергија.
„Со овој закон се редефинираат улогите, обврските и одговорностите на институциите, операторите на преносните системи и пазарните оператори – не само во имплементацијата, туку и во активното учество во креирањето на заедничките правила за регионалните енергетски пазари“, беше истакнато во обраќањето.
Дополнително, министерката информираше дека во 2025 година е усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, со кој се отстрануваат регулаторните и нерегулаторните бариери за реализација на проекти за енергетска ефикасност, се зајакнува соработката меѓу сите чинители, се поттикнува користењето обновливи извори на енергија кај крајните корисници и се овозможува поефикасно користење на финансиски механизми и стимулации.
Во делот на стратешкото планирање, Божиновска информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за периодот 2025–2030 се наоѓа во финална фаза пред усвојување. Јавната консултација со сите релевантни засегнати страни, вклучително и со Енергетската заедница, е завршена, а усвојувањето се очекува во најкраток можен рок.
Посебно беше истакнат и пристапот на МЕПСО кон Заедничката канцеларија за алокација (JAO) – заедничката европска платформа за аукција на прекугранични преносни капацитети, што, како што кажа Божиновска, претставува стратешки исчекор за националниот електроенергетски систем и практична интеграција во најголемата и најтранспарентна европска платформа од овој тип.
Во таа насока, министерката најави дека МЕПСО има намера да номинира еден преносен инфраструктурен проект во рамки на процесот за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница / Проекти од заемен интерес (PECI/PMI) во циклусот за 2026 година, како дел од заложбите за јакнење на регионалната поврзаност и усогласување со европските плански рамки.
На крајот, Божиновска подвлече дека државата паралелно работи на критични инвестиции во регионалните електроенергетски и гасни интерконекции, со цел зголемување на енергетската безбедност, вклучително и проектот за гасен интерконектор со Грција и продолжување на разговорите со Србија.

