Економија
ИРУ запознаена со инфраструктурните проекти во Македонија

Подобрувањето на патната и железничката инфраструктура долж двата паневропски коридори – Коридорот 10 и Коридорот 8 и обновувањето на возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Ова биле главните теми на средбата на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со новиот генерален секретар на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ), со седиште во Женева, Умберто де Прето. Како што соопшти неговиот кабинет, Јанакиески на генералниот секретар на ИРУ, Де Прето му ги презентираше активностите кои се преземаат во делот на изградбата на автопатот на потегот Демир Капија – Смоквица и реализирањето на повеќе проекти кои се наменети за подобрување на железничката инфраструктура и транспортот, како што се проектите за ремонт на пругите долж Коридорот 10, рехабилитацијата на железничката станица во Скопје и други 10 железнички станици во Македонија и набавката на нови дизел и електромоторни гарнитури и вагони за потребите на железницата. Умберто де Прето ја истакнал стратешката позиција на Република Македонија во развојот на туризмот и трговијата, при што нагласил дека клучно за нивниот развој е континуираното инвестирање во инфраструктурата и ја изрази својата отвореност и поддршка во секој сегмент во сферата на транспортот. Генералниот секретар на Меѓународната унија за патен транспорт го поздрави начинот на кој во Република Македонија по електронски пат се врши распределбата на транспортни дозволи и изрази заинтересираност на следната распределба да испратат свој претставник кој ќе ја следи со цел претставување на истата како пример на добри практики. На средбата присуствуваше и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Мишо Николов и управителот на „Македонија сообраќај – АМЕРИТ“, Златко Кочовски. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трет ден хаос со „МојДДВ“, граѓаните револтирани, не можат да скенираат фискални сметки

Апликацијата „МојДДВ“ не функционира веќе трет ден, а револтирани граѓани масовно пријавуваат дека не можат да ги скенираат фискалните сметки и да го остварат своето право на поврат на ДДВ.
Проблемите со апликацијата започнаа уште пред неколку дена, а Управата за јавни приходи (УЈП) вчера официјално потврди дека станува збор за технички проблем и увери дека се работи на негово отстранување.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција“, велат од УЈП.
Од институцијата не прецизираат кога „МојДДВ“ ќе проработи, а засега корисниците се оставени да чекаат, со надеж дека нема да изгубат право на поврат на средства.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавуваат реакции од граѓани кои се жалат дека изгубиле време обидувајќи се безуспешно да ја користат апликацијата. Многумина бараат одговорност и транспарентност од институциите, но и посочуваат дека слични прекини во работата на апликацијата се случуваат сè почесто.
Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“