Македонија
Подготвеност на владините институции и невладиниот сектор за побрза интеграција во ЕУ
Центарот за истражување и креирање политики и Полскиот институт за меѓународни прашања огранизираа јавна расправа околу важноста за соработка меѓу владините институции и граѓанскиот сектор во време кога земјата цели кон полноправно членство во Европската унија.
Расправата се фокусираше на препораките на македонскиот истражувачки тим поместени во публикацијата „Граѓанското општество за ЕУ интеграциите на Западниот Балкан“ во која се обработуваат теми како што се акциони планови и нивно следење, човековите права, имиграција, независност на судството , корупцијата и граѓанско образование.
Притоа Билјана Котевска се осврна на предизвиците во поглед на влијанието на политиките на полето на човековите права, со исклучок на спорадичните покани за учество во изработка на политики и закони. Државни службеници присутни на дискусијата, изразија загриженост поради, како што беше кажано, недостигот од стручно знаење меѓу невладините организации за да се даде суштествен придонес во процесот на креирање политики што е главната пречка за соработка. Инаку, говорниците инсистираа на фактот на тоа дека застапување од страна на македонските организации бележи добро бодирање на Индекс на одржливост на невладините организации и е во пораст од 2007 година.
Од друга страна, Гоце Котевски од Македонското здружение на млади правници, повика на поголема транспарентност и соработка на Судскиот совет со граѓанското општество и медиумите, додека пак на темата миграции говореше за важноста од обезбедување на бесплатна правна помош, како и социјална и здравствена заштита на илегалните мигранти во земјава. Неизбежно, динамика на дискусијата и даде појавата на расното профилирање на ромските семејства при напуштање на земјава и дали ова преставува дискриминаторската политика од страна на македонската влада или е дел од инструкциите кои доаѓаат од ЕУ.
Говорејќи за спречување на корупцијата, Ќендреса Сулејмани стави акцент на улогата на секоја од институција за санкционирање на коруптивно однесување од рамките на нивните работни организации преку усвојување и спроведување на Етички кодекси, додека пак на тема поврзана со граѓанско образование, таа повика на поблиска ангажираност со студентски здруженија како партнери во спроведувањето на проекттите, а не само како пасивни приматели на нивните активности. Прашањето околу содржината на учебниците за граѓанско образование беше исто така посочено како пример за неефикасноста на наставната програма кон подобрување на граѓанска одговорност и активизам во земјата.
Оваа плодна дискусија беше заклучена од страна на Томаш Зоранчук, главниот уредник на публикацијата, кој констатираше дека очигледно постои политичка волја за соработка, но и подготвени граѓански организации за тоа, но останува да се утврди начинот на кој оваа соработка ќе биде спроведена./крај/мф/зс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Укината забраната за камиони на патот Струга – ГП Ќафасан
Во 10:45 часот на патниот правец А2 Струга – ГП Ќафасан се прекинува забраната за движење на тешки товарни возила, информира АМСМ.
Забрани за тешки товарни возила утрово се воведени на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.
Македонија
Објавено колку Македонци живеат во Германија
Повеќе од 14 милиони странци живеат во Германија, а Украинците станаа втора најголема група странски државјани и наскоро би можеле да ги престигнат Турците, кои со децении се на првото место. Според податоците од Централниот регистар на странци (AZR) од 30 ноември 2025 година, во Германија се регистрирани 1,52 милиони турски државјани и повеќе од 1,4 милиони Украинци, објавува FOCUS.
Бројот на имигранти од Украина значително се зголеми поради руската војна што започна во февруари 2022 година. Оттогаш, стотици илјади жени, деца и мажи бегаат од Украина во Германија.

За споредба, на крајот на 2020 година, во Германија живееле 135.000 украински државјани. Сега, потребни се само околу 125.000 украински имигранти за да се заземе првото место на ранг-листата.
Меѓу водечките групи странци се државјаните на Романија, Полска, Бугарија и Хрватска, која е на деветтото место со 414.555 луѓе. Македонија е на 22. место со 161.044 наши државјани што живеат во Германија.
Исто така, постојат бројни заедници од големи земји како што се Русија, Кина и Индија, соседна Австрија и конфликтни зони како што се Ирак и Иран.
На крајот од статистиката се помалите земји од кои само неколку луѓе официјално живеат во Германија, како што се Света Луција, Вануату, Маршалските Острови и Ватикан.
Според најновите податоци, во Германија живеат точно 14.077.867 странци. Со оглед на тоа што Германија има околу 83,6 милиони жители, процентот на странци во вкупното население е околу 16,8 проценти.
Бројот на луѓе со миграциско потекло е значително поголем. Покрај странците, оваа група ги вклучува и децата на странци родени во Германија кои добиле германско државјанство по раѓањето, таканаречените „доцни имигранти“ (Spätaussiedler) од Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз и натурализираните странци.

Според микропописот од 2024 година, речиси 25,2 милиони луѓе во Германија имале миграциско потекло, што претставувало повеќе од 30 проценти од вкупното население.
Статистиката на Централниот регистар на странци наведува повеќе од 200 земји и региони на потекло. Бројките вклучуваат и лица без државјанство (околу 28.500) и случаи со необјаснето потекло (околу 88.700).
Од вкупно 14 милиони странци, околу 230.000 се должни да ја напуштат земјата. Сепак, 190.360 од нив имаат „Duldung“ (привремен престој), додека речиси 40.000 луѓе живеат во Германија без овој статус и треба веднаш да ја напуштат земјата.
Меѓу оние кои мора да ја напуштат земјата, водечка земја на потекло е Турција со речиси 23.900 граѓани, од кои околу 20.500 имаат „Duldung“. Од Авганистан и Сирија, главните земји на потекло на барателите на азил, вкупно повеќе од 22.100 луѓе се обврзани да ја напуштат земјата, од кои 19.500 имаат „Duldung“.
Македонија
Министерство за транспорт: Сите државни патишта проодни, се препорачува внимателно возење поради врнежи од снег
Сите државни патишта во земјата се проодни и безбедни за сообраќај, соопшти Министерството за транспорт. Сообраќајот се одвива непречено, но поради актуелните врнежи од снег надлежните препорачуваат внимателно и прилагодено возење.
Јавното претпријатие „Македонија пат“ информира дека нивните екипи се целосно мобилизирани, со располагање на потребната механизација и работна сила, и во континуитет вршат расчистување на снегот на терен. Активностите се координираат со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт со цел да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот низ целата држава.
Од Министерството апелираат возачите задолжително да користат зимска опрема, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја прилагодат брзината на условите на патиштата. Дополнително, се препорачува навремено информирање преку сите достапни информативни центри за состојбата на државните патишта.
Координираните активности на надлежните институции ќе продолжат и во наредниот период.

