Култура
Работилница „Структурна поддршка – Модел за прогресивна култура”

Во организација на промо-центарот „Јавна соба“ – Скопје, со поддршка на Министерството за култура и Амбасадата на Кралството Холандија на 13 и 14 јануари, во хотелот „Карпош“ во Скопје, ќе се одржи работилница со наслов „Структурна поддршка – Модел за програсивна култура“
За првпат со заеднички напори се работи на реструктурирање во културниот сектор и изнаоѓање на модел за структурна поддршка на независните културни организации во Македонија од страната на Министерството за култура и локалните власти, со што треба да изроди нов автохтон модел за структурна поддршка и подобрување на релацијата независни организации – институции во Македонија. На покана на организаторот активно учество во работилницата земаат и 4 претставници од институции, локална власт и независни организации од Холандија. Тие го презентираат и критикуваат нивниот модел на структурна поддршка и односите во културниот сектор. Преку компаративно согледување, претставниците од институциите и организациите од земјава треба да изградат свој сопствен модел кој ќе биде функционален и ефективен. Идејата позади оваа иницијатива е како со добар менаџмент на финансиските средства, подобра комуникација и координација да се зголеми ефикасноста во работата како на јавните органи и институции, така и на приватните и независни организации во областа на културата. Работилницата стартува на 13 јануари, 10 часот, со поздравни обраќања на амбасадорката на Холандија, Симоне Филипини и Александар Велиновски од „Јавна соба“.Во првиот дел ќе бидат прикажани перспективите на: (1) централнaта власт, (2) локалната власт, (3) јавните културни институции и (4) независната културна сцена. Постои вистинска потреба да се направи анализа на работата во целиот сектор и да се постават повисоки цели со што ќе се зголеми задничката ефективност и крајните резултати. Целта на овој дел е да се детектираат вистинските потреби, да се разгледуваат можните начини на поддршка и финансирање кои што би овозможиле поефикасно функционирање на целиот сектор култура како и унапредување на работата преку внесување на нови форми на културна соработка на национално и интернационално ниво.Во вториот дел ќе се споделат искуствата со колеги од Холандија. Размената на искуства и практики треба да допринесат кон подобрување на работата на организациите во Македонија на национално и на локално ниво. Фокусот во овој дел од работилницата е свртен кон претставување на различни инструменти на финансирање и нивно практично системско спроведување: структурно финансирање, партнерство со јавните институции, соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор.Втората сесија од работилницата на 14 јануари се состои од изнаоѓање модел којшто ќе може да се имплементира во локалниот контекст, реализиран низ работна сесија на која што ќе присуствуваат претставници од Министерството за култура на Македонија, локалната власт (општините во Македонија) и граѓанскиот сектор. Понатаму, во текот на работниот дел ќе се разгледуваат можните начини за воспоставување на систем на соработка со незавнисниот културен сектор, моделиран така што ќе нуди непречена поддршка за реализација на своите активности врз основа на воспоставен систем на критериуми и транспарентност во одлучувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.