Економија
Потпишана Рамковната програма на ФАО за Република Македонија 2013-2015

Рамковната програма на ФАО за Република Македонија 2013-2015 потпишана е во четврток во Скопје, со која се дефинираат приоритетните проекти кои ќе бидат поддржани од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) во наредниот тригодишен период.
Покрај националните проекти, програмата предвидува спроведување на регионални проекти, наменети за земјите од Западен Балкан и земјите во регионот. Програмата ја потпишаа Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, Тони Алонзи од Организацијата за храна и земјоделство на ОН и Деирдре Бојд, постојан претставник на Обединетите Нации во Република Македонија.Овој документ претставува заедничка сопственост на Македонија и на ФАО и ја изразува сериозната посветеност на ФАО, да и помогне на македонската Влада во нејзините напори да ги оствари целите за национален развој во земјоделскиот и руралниот сектор.Рамковната програма ќе се спроведува со што е можно пошироко партнерство и со другите донатори во земјата, со цел подобра координација и ефективност на помошта.
Во програмата се утврдени неколку приоритетни области за поддршка, како руралниот развој, конкурентноста на земјоделството, шумарство, фитосанитарната политика и земјоделската инспекција, а предложените проекти ќе имаат директно влијание врз зголемување на конкурентноста на секторот, постигнување квалитет и безбедност на храната, одржливо упрaвување со ресурсите, јакнење на капацитетите на институциите за да одговорат соодветно на предизвиците и ефикасно да ги спроведуваат политиките за развој на земјоделеството.
На состанокот кој се одржа по потпишувањето на рамковната Димовски го покрена и чувствителното прашање за неодамнешните поплави кои во најважниот регион за Македонија за производството на раноградинарски култури, предизвикаа големи штети, што во одделни случаи резултираше со целосна загуба на производството.
„Раноградинарските производи се многу значајни, бидејќи тие претставуваат еден од статешките извозно ориентирани производи, така што свесна за оваа состојба Владата на Република Македонија, веќе презеде одредени мерки, во вид на еднократна парична помош за најпогодените семејства, но исто така е неопходно обновување на земјоделското производство за што ќе ни биде потребна дополнителна помош, истакна Димовски.
Во тој контекст, во најскоро време МЗШВ ќе достави барање до техничката единица на ФАО одговорна за одобрување итна помош на земјите кои се погодени од ваков вид непогоди. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се намалуваат цените на дизелот и на бензините

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,06 % во однос на одлуката од 4.8.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,391%, кај дизелот за 3,169%, кај екстра лесното масло за 3,989% и кај мазутот намалувањето е за 0,667%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,0797%.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,159 ден/кг и сега ќе изнесува 39,786 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 12.8.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Мицкоски: Опозицијата се служи со лаги, земјоделските производи се откупуваат

„Исплатата на субвенциите кај земјоделците е навистина за мене би рекол изненадувачки позитивна, бидејќи изминатата недела веќе се исплатија околу 400 милиони денари за околу 7 илјади земјоделци и ценам дека на тој начин ќе продолжиме и понатаму да ја придвижуваме економијата и земјоделската активност“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата, одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на обвинувањата од страна на опозицијата Мицкоски посочи дека тие се служат со лаги, мислејќи дека на тој начин ќе добијат некој политички поен, но како што рече земјоделците да бидат спокојни бидејќи имаат Влада која работи во нивен интерес.
„Ги следам пораките од опозицијата коишто се обидуваат повторно со конструкции, лаги, да напаѓаат. Јас би сакал да кажам следно: фактите се сосема поинакви. А, кои се фактите; оваа Влада беше избрана пред нецели 14 месеци, имавме во национални шуми и во А.д. Водостопанство неисплатени плати повеќе од 3 месеци, тоа се заврши и се исплатија тие плати и до ден денес се исплаќаат редовно.
Имавме неисплатени субвенции од 2021 година, сега се завршува со исплатата на субвенциите за 2024 и се отпочнува со тековните од 2025 година. Во делот на тутунот-договорите коишто беа потпишани на 375 денари по килограм и 80 денари субвенција откако беше избрана оваа Влада, со нови преговори со откупувачите се качија од 375 на 400 денари и субвенцијата од 80 на 100 денари со што се постигнаа рекордни 500 денари по килограм продаден тутун, а реколтата од 17, 18 милиони килограми порасна на 22, 23 милиони килограми, затоа што донесовме закон во којшто кажавме сè додека и последниот лист македонски тутун не биде откупен нема да се увезува друг тутун.
Рано-градинарските продукти, дали е тоа зелката пролетна, доматите, краставицата, лукот, кромидот, пиперките итн. забележуваат рекордна откупна цена. Затоа што ние како Влада и Министерството не се договараме со откупците околу цената, како некој што го правеа тоа во минатото да профитира на маката на земјоделците и секаде се бележат рекордни цени. И кај мелничарите, и кај производителите на пченица, кај грозјето исто така. Оваа година имаме и род 25% повеќе, затоа што навремено работеа системите за водоснабдување коишто минатата година не работеа; ако минатата година беше 70, 75 милиони килограми, сега ќе биде над 100.
И тоа сè се факти. А тоа што го гледаме од страна на опозицијата е само обид да се конструира нешто и мал обид за политикантство; тие си имаат своја агенда, а ние треба да работиме во интерес на граѓаните. Тие ќе лажат, нема да ја говорат вистината мислејќи дека на тој начин ќе добијат некој политички поен, но граѓаните нека бидат спокојни имаат Влада којашто води сметка за се“, истакна тој.“
Економија
9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Стоковите резерви на пченица се полнат со македонска пченица, откупена директно од македонските земјоделци. Државните резерви, со своите вредни и неуморни раце, ги полнат македонските земјоделци“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Со одлука на Владата, 9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви.
Тоа ја покажува и потврдува вистинската грижа и посветеноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за интересот на државата и земјоделците.
Наместо да се купува увозна, која како држава скапо ја преплаќавме, како што беше случај во време на власт на СДС и министер Љупчо Николовски, сега државните стокови резерви ги полни пченицата од македонските земјоделци.
За време на владеење на СДС, стоковите резерви се полнеа со пченица купена од странство за 25% поскапа од берзанска, односно 27 денари по килограм, што беше за шест денари поскапо.
А профитот, односно ќарот 100% од ваквите зделки, завршуваше кај посредниците, а сега целата добивка завршува директно кај македонскиот земјоделец.
Тоа време заврши. Сега никој не заработува на грбот на другите, посебно на трудот на земјоделецот и на штета на државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.